Сите 69 присутни пратеници во собраниската сала притиснаа „за“ и со тоа го изгласаа законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на разликите околу името меѓу Македонија и Грција. Членовите на владејачкото мозинство со аплауз ја поздравија оваа одлука, додека столчињата на опозицијата останаа празни откако таа одлучи да не учествува во расправата за, како што го нарекува, капитулантскиот договор со Грција.
На седницата, која што траеше околу два часа, повеќемина пратеници од различни партии на мнозинската коалиција истакнуваа дека договорот е компромис што беше потребен за државата да може да тргне напред и да се интегрира во Европската унија и во НАТО. Тие истакнуваа дека со оваа спогодба добиваат сите граѓани на земјава и сите етнички заедници, и ја повикаа опозицијата да не се противи на договорот.
Непосредно пред гласањето, на собраниската говорница излезе премиерот Зоран Заев, кој на пратениците им соопшти дека точката за давање покана за членство на Македонија во НАТО била ставена на дневниот ред на самитот на северноатлантската алијанса.
Конечната спогодба со Грција беше објавена минатата недела од двете влади, а министрите за надворешни работи ја потпишаа пред три дена во Преспа. Според овој договор, Република Македонија се преименува во Република Северна Македонија, државјанството се дефинира како македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а јазикот како македонски, словенска група на јазици. По ратификацијата во Собранието треба да се одржи референдум што е најавен за наесен, на кој граѓаните ќе се изјаснат дали ја прифаќаат спогодбата.
Во меѓувреме продолжуваат протестите против промената на името, но немаше протест за време на гласањето на ратификацијата.