Регион

Србија: Зголемување на тужбите за замолчување на медиумите

 

Photo: Unsplash.com/Sasun Bughdaryan

Помеѓу 2010 и 2020 година, во Србија, биле покренати најмалку 26 граѓански тужби против новинари, медиуми, граѓански организации и активисти што следеле прекршување на правата, се вели во извештајот објавен во средата од страна на меѓународната група за човекови права Член 19,  Центарот за човекови права АБА и Независното здружение на новинари на Србија, НУНС.

Тужбите  за клевета се покренати против публикации, автори на написи и објави на социјалните мрежи, кои ја разоткриваа или ја критикуваа очигледната злоупотреба на јавните средства и службена положба и овластување. Повеќе од половина од овие тужби се покренати меѓу 2018 и 2020 година.

Ваквите правни дејствија – таканаречени стратешки тужби против учество на јавноста или SLAPPs – се поднесуваат со цел да се вознемири или потчини противникот и да се спречи остварувањето на основните човекови права, се вели во извештајот.

Тие што се цел на скапите тужби честопати се недоволно опремени да се бранат, додека ризикот да се соочат со барања за отштета и одговорност за клевета создава застрашувачки ефект и ги спречува и понатаму да известуваат за прашања од јавен интерес.

Повеќето од 22-те тужби анализирани во извештајот беа поднесени против новинари и медиумски организации, додека четири случаи беа покренати против активисти и организации за заштита на животната средина и еден случај против невладина организација, која откри очигледни врски меѓу јавен службеник и воени злосторства.

„Новинарите, медиумите и активистите се соочуваат со тужби [SLAPPs] поради истрага на корупција или разоткривање злоупотреба на моќ и врски меѓу политичките елити и криминалните групи. Во светлината на претстојните парламентарни избори во април, од клучно значење е политичарите да ги признаат страшните последици од законското вознемирување врз новинарите и отворено да го осудат секој обид за попречување на нивната работа“, изјави за БИРН Роберта Тавери, програмски офицер во Член 19.

„И националните и меѓународните актери во Србија мора да одиграат клучна улога за да се запре употребата на SLAPP против независните медиуми и да се донесе сеопфатен систем за да се обесхрабри покренување вакви навредливи тужби. Повикуваме на усогласување на одредбите на клучните национални закони со меѓународните стандарди за слобода на изразување и судството да ги применува овие стандарди во своите пресуди“, додаде Тавери.

Извештајот покажува дека поголемиот дел од случаите биле иницирани од мал број политичари и високи јавни функционери во индивидуално својство. Овие лица покренаа и повеќе случаи против различни новинари и активисти.

Повеќе