Регион

Сведок:СДБ на Србија не стоела зад формирањето на камп за обука во Хрватска

Миле Босниќ на денешното рочиште во ММКТ во Хаг

Сведок за одбраната, на судењето на поранешните безбедносни функционери обвинети за воени злосторства, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, изјави дека СДБ на Србија, кои тие ја воделе, не била вклучена во формирањето на камп за обука на територијата на самопрогласената српска држава во Хрватска во 1991 година.

Обвинителите соопштија дека кампот во Голубиќ, во близина на некогашното упориште на српските бунтовници, Книн, е еден од бројните што ги формирала СДБ на Србија, заради обука на специјални сили, во војната што бунтовниците, поддржани од Белград, ја воделе против хрватските сили, по отцепувањето на Хрватска од СФР Југославија.

На Станишиќ и на Симатовиќ повторно им се суди пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, кој е формиран за да ги заврши предметите што преостанаа по затворањето на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Станишиќ, кој ја предводеше СДБ на Србија, и неговиот тогашен помошник, „Френки“ Симатовиќ, во 2013 година беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства против несрпското население во Хрватска и во Босна и Херцеговина, но оваа одлука беше поништена во жалбена постапка и беше наложено ново судење. И двајцата, во декември 2015 година, повторно се изјаснија за невини. Симатовиќ ја водел и Единицата за специјални операции (ЕСО) на СДБ.

Миле Босниќ, поранешен функционер на самопрогласената Република Српска Краина, нагласи дека СДБ не учествувала во формирањето на кампот Голубиќ.

„Не“, рече тој. „Српскиот национален совет побара помош од српското Министерство за внатрешни работи, барањето беше испратено до Министерството“.

„Сфативме дека нема да можеме да се спротивставиме, освен ако немаме барем една мобилна и добро обучена единица, способна за брзо интервенирање на територијата на САО Краина, доколку упаднат хрватските специјални сили“, рече Босниќ на денешното рочиште. „Тогаш беше решено да се побара помош од Белград“.

Босниќ, кој како сведок се појави и на првото судење, истакна дека камповите биле формирани за да се обучат мештаните да ги бранат своите села.

Станишиќ, поради болест, од јули 2017 година се наоѓа на условна слобода во Белград.