Интервјуа

Тегелтија ветува побрзо темпо на обработка на предметите

Денис Џидиќ, Сараево

Mилан Тегелтија. Фото: БИРН

Правосудството на БиХ забележа „послаби резултати” во гонењето на воените злосторства, корупцијата и организираниот криминал, вели во интервју за БИРН, претседателот на ВСОС, Милан Тегелтија.

Сепак, Тегелтија нагласува оти е „умерен оптимист” дека 2018 ќе биде подобра година.

Очекува државното обвинителство да се фокусира на сторителите од повисок ранг, а останатите предмети од пониско ниво да бидат проследени на ентитетските обвинителства, при што додава дека е охрабрен од големиот број на обвиненија, што државното обвинителство ги подигнало кон крајот на 2017 година.

„И самите сме сведоци дека во последните денови – а тоа можете и сами да го видите од медиумските написи – се случуваат многу нешта во сферата на воените злосторства, многу апсења, многу обвиненија… Мислам дека тоа е добар знак”, вели Тегелтија.

Обвинителството на БиХ во изминатите неколку години, пред крајот на годината поднесуваше поголем број на обвиненија, што се толкува како обид да се пополни годишната норма.

Тегелтија, кој е роден во Панчево, Србија, во 1971 година, од 1997 година работел како адвокат, а функцијата претседателот на ВСОС ја врши веќе три и пол години, вели оти сепак гледа разлика во однос на претходниот период.

„Она што јас можам да го видам од медиумите, не сум сигурен дека станува збор за апсења, за обвиненија, истраги, кои што се со тој квалитет. Туку гледам дека се работи за некои, ајде да кажеме, од сферата на воените злосторства и за осомничени со наредбодавни улоги. Не се работи за некакви стражари итн … Мислам дека се работи за малку посериозни предмети, кои се дури и во сферата на најсериозните предмети на воени злосторства, така што овој пат не можам да кажам дека станува збор токму за практиката која постоеше “ објасни тој.

Еден од настаните кои во 2017 година имаше широка резонанца, беше реакцијата на ВСОС на наводите кои се појавија по контроверзната пресуда со која поранешниот командант на АБиХ во Сребреница, Насер Ориќ, беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, извршени над српски воени затвореници.

Властите на Република Српска ги обвинија судските власти на Босна и Херцеговина за антисрпска пристрасност во случајот на Насер Ориќ, но и во други случаи, додека Републичкиот центар за воени истражувања, воени злосторства и потрага по исчезнати лица, при Министерството за правда на Република Српска, пријави во ВСОС, девет судии и шест обвинители, бидејќи, како што наведоа, работеле против интересите на српскиот народ.

Како одговор на овие наводи, ВСОС одлучи да воведе механизми за проверка на военото минато на судиите и обвинителите.

Тегелтија укажува дека, и покрај бројните критики од страна на професионалните здруженија, невладини организации и на меѓународната заедница, не е направена грешка со донесувањето на заклучоците.

„Вие, секако, имате луѓе за кои е можно во својата биографија да извршиле некои работи кои, да сме ги знаеле во време кога биле именувани, ќе сме го спречеле нивниот избор. Ние треба да имаме механизам да реагираме на такви работи“, објаснува тој.

Според законот за ВСОС, вработените не смеат да имаат сомнително минато.

„Во законот за ВСОС се вели дека за судии и обвинителите се избираат луѓе со висока морална вредност. И сега, ако се покаже дека сте избрале некого кој ги нема овие вредности, затоа што не сте знаеле за нешто од неговото минато, а немате механизам тоа да го решите, тогаш тој ќе ви биде „зацементиран” во системот“, објаснува Тегелтија.

За острите критики што дојдоа од Европската комисија, Тегелтија вели дека се работело за погрешно сфаќање на представниците на меѓународната заедница и дека тоа недоразбирање е решено со преформулирање на заклучоците, со што е напуштена идејата за промена на законот, со која би се овозможило, судиите и обвинителите да бидат разрешувани без дисциплински постапки. Ова прашање сега ќе се разгледува во рамките на редовните разговори за „структурниот дијалог” за судските прашања меѓу ЕУ и БиХ.

Контроверзно судење: Насер Ориќ пред Судот на БиХ во Сараево, со својата адвокатка. Фото: БИРН

Лоши резултати, но ќе биде подобро?

Босна и Херцеговина во 2008 година ја усвои Националната стратегија за работа на предметите на воени злосторства, со која беше предвидено, сите сложени случаи за воени злосторства на државно ниво, да бидат завршени до 2015 година, а останатите, кои се на ентитетско ниво, до 2023 година.

Овие цели не се постигнати – веќе е 2018 година, а сѐ уште се отворени стотици сложени истраги за воени злосторства. Во фаза на усвојување е и нова стратегија, која треба да биде одраз на реалноста на ситуацијата.

Тегелтија истакнува дека на пролет ќе биде именуван и главен државен обвинител, како и дека ќе дојде до забрзана работа на предметите на воени злосторства, корупција и организиран криминал.

„Мислам дека 2018 година, всушност, ќе биде еден репер, кој ќе покаже кој ни е реперот за во иднина”, вели тој.

„Погрешно е, илузорно е да се очекува дека во 2018 година сите проблеми ќе бидат решени – нема. Меѓутоа, јас сум сосема сигурен дека во 2018 година ќе биде воспоставен еден забрзан, позитивен тренд на развој на правосудството , а трендот што ќе биде воспоставен во 2018 година, сигурен сум, ќе биде оној вистинскиот“, вели претседателот на ВСОС.

Повеќе од една година на чело на Обвинителството на БиХ е вршителката на должноста главен обвинител, Гордана Тадиќ.

Претходно, оваа функција ја извршуваше Горан Салиховиќ, кој беше суспендиран во септември 2016 година, по пријавата поднесена заради сомневање на одредени неправилности во работата. По дисциплинската постапка, кон крајот од минатата година, беше сменет од функцијата главен обвинител, а паралелно против него се води и кривична истрага.

„Мислам дека 2017 година може да ја гледаме како година во која в.д. главниот обвинител на Обвинителството на БиХ, ги поставуваше, или како што тоа го велат Англичаните, ‘го сетуваше’ системот на начин на кој во времето што е пред нас, би постигнал подобри резултати“, истакна претседателот на ВСОС.

Тој не сакаше да го коментира големиот број дисциплински пријави поднесени во текот на 15-месечната работа на вршителката на должност главен обвинител на Обвинителството на БиХ, објаснувајќи дека ќе го чека целосниот извештај за работата на оваа институција за 2017 година.

„Тешко ми е во ова време да дадам целосна и вистинска оценка. Значи, таа повеќе би била шпекулативна, базирана на некои сознанија кои не се формални … Она што е сигурно е дека преземањето на обвинителството, во ситуација во која тоа се наоѓаше по суспензијата на Горан Салиховиќ, не беше лесно, и да се очекува од некого, еден ден да ја преземе таа институцијата со проблемите и со таквите меѓучовечки односи, беше отежнувачки фактор“, истакна Тегелтија.

Во текот на 2017 година, во споредба со претходната година, подигнати се дваесет обвиненија помалку за воени злосторства, но, исто така, се доцни и со измените на стратегијата за работа на предметите на воени злосторства. Тегелтија признава дека целокупната слика изгледа лошо, но вели дека ќе биде подобро.

„Никој од нас не е задоволен од она што се направи во сферата на воените злосторства, иако тоа е навистина многу тешка материја. Имавме пробивање на претходната стратегија, а новата стратегија е во процес на усвојување. Нашиот претставник во надзорното тело, кој таму воедно е и претседател, активно работи на изработката на оваа нова стратегија, која е фундамент врз чија основа треба да се работи во иднина“, нагласи тој.

„Јас сум навистина оптимист, кога воените злосторства се во прашање, дека тој процес во следната година или две, ќе има значителна акцелерација“, истакна Тегелтија.