Иван Ангеловски, Лоренс Марзоук и Ема Греам Харисон, Балкан инсајт и Гардијан Белград и Лондон
Блер ќе го советува српскиот премиер, Александар Вучиќ, кој порано беше негов отворен критичар, врз основа на договор за кој се верува дека е финансиран од Обединетите Арапски Емирати
Тони Блер ја додаде Србија во списокот земји за кои е платен да ги советува, и покрај тоа што беше еден од главните поборници за бомбардирањето на Белград во април 1999 година.
Блер ќе му биде советник на српскиот премиер, Александар Вучиќ, кој за време на војната беше министер за информации и кој, во тоа време, отворено го критикуваше британскиот политичар. Вучиќ е еден од рецензентите на книгата на Воислав Шешељ: „Англискиот педерски прдеж Тони Блер“.
Шеснаесет години подоцна, Вучиќ и Блер се најдоа на иста страна, кога беше склучен договор со приватната консултантска фирма на Блер, за кој трошоците, според извори од српската влада, ќе ги покријат Обединетите Арапски Емирати, ОАЕ.
Постојат големи шанси ова да ги разбесни не само Србите што се огорчени поради улогата на Блер во бомбардирањето на поранешна Југославија туку и противниците на неговите експанзионистички бизнис интереси на Блискиот Исток. Критичарите велат дека личните интереси, вклучувајќи ги и финансиските врски со Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, ја поткопуваат неговата позиција како пратеник на Квартетот за Блискиот Исток – ООН, САД, Русија и ЕУ.
Двајца високи српски функционери, изјавија дека Абу Даби ги финансира најновите советодавни услуги на организацијата „Тони Блер и соработниците“, кои ќе ѝ бидат пружени на српската влада.
Блер и неговиот тим, во последниве месеци, редовно го посетувале Белград, велат извори на српската влада, меѓу другото, и поради предавањето на поранешниот советник за медиуми на Даунинг стрит, Алистер Кембел, одржано кон крајот на јануари.
Српските политичари од опозицијата велат дека Блер е „бизарен“ избор за советник на Вучиќ, со оглед на претходните жестоки критики. „Како може за некого да се зборуваат такви работи, а сега да се претставува како клучен фактор во зголемувањето на ефикасноста на нашата Влада?“, прашува Борко Стефановиќ, лидер на најголемата опозициска група во парламентот.
Автор на живописно насловената книга, печатена во 2005 година, во која Вучиќ е наведен како еден од рецензентите, е Воислав Шешељ, политичар и осомничен за воени злосторства, во времето кога и двајцата беа високи членови на Српската радикална партија.Во 2008 година, Вучиќ ги напушти радикалите, и со сегашниот српски претседател, Томислав Николиќ, ја формираа Српската напредна партија, која себеси се прокламира како проевропска партија.
Нашите извори велат дека Владата можеби смета оти последиците на домашниот политички план, можат да бидат надминати со поддршката што може да им ја донесе Блер, во корист на нивната кампања за членство во Европската унија, или придонесот на неговиот тим во подобрување на управувачките вештини.
Блер, пак, може да се соочи со политички последици од договорот, поради врските меѓу Абу Даби, Србија и контроверзниот Палестинец, кој се наоѓа во егзил, Мохамед Дахлан, што би можело, кај официјалните лица од Западниот Брег, да го направи договорот крајно непопуларен.
Ривалот на претседателот Махмуд Абас, Дахлан, не ја крие својата желба дека сака да стане следен палестинскиот лидер. Тој моментално живее во Абу Даби и работи како советник за економија и безбедност, на принцот Мохамед бин Зајед ал Нахјан.
Тој одигра клучна улога во преговорите за милијарди евра вредната ветена инвестиција во Србија, низ серија договори на државно ниво. Како резултат на тоа, тој, шест членови на неговото семејство и шест негови политички поддржувачи, во 2013 и 2014 година, добија српско државјанство, открија Гардијан и Балканската истражувачка мрежа.
Дахлан, поранешен палестински шеф за безбедност, кој има блиски врски со САД, во 2011 година беше протеран од движењето Фатах, предводено од Абас, заради голем број наводни грешки.
Во март 2014, во отсуство беше осуден на две години затвор, заради критикување на раководството на Абас и на палестинските безбедносни сили во Западниот Брег.
Во февруари се очекува да заврши уште еден судски случај против него. Овојпат за наводна проневера на 22 милиони американски долари. Дахлан ги негираше сите тврдења.
Лутина кај палестинските официјални лица, предизвика одбивањето на Абу Даби да им го предаде Дахлан, кого, наводно, го потпомагале и во кампањата за соборување на Абас, со фрлање пари во бегалските кампови и во Газа, за да ги придобијат неговите поддржувачи.
Нимар Хамад, политички советник на Абас, за БИРН, од претседателскиот комплекс во Рамалах, изјави дека односите со Абу Даби се „многу лоши“. Тој вели: „Сѐ започна кога принцот Мохамед бин Зајед побара да не се преземаат никакви мерки против Мохамед Дахлан“.
Крис Дојл, директор на Советот за арапско-британско разбирање, вели дека Блер мора да се одлучи помеѓу своите бизнис интереси и својата функција како пратеник на Квартетот.
„Не постои јасна поделба помеѓу дипломатските активности на Блер и бизнис зделките на Блискиот Исток“, вели тој. „Како пратеник за Блискиот Исток, неговиот однос со Абас има клучно значење во градењето на палестинската економија и администрација. Неговите врски со Абу Даби можат да го поткопаат ова“.
Еден српски министер, кој побара да остане анонимен, потврди дека работата на „Тони Блер и соработниците“, која го опфаќа и неодамнешното предавање на Алистер Кембел, ја финансира Абу Даби, но истакна дека точната природа на договорот е добро чувана тајна.„Никој не ни кажа никакви детали, бидејќи сѐ било договорено во многу тесен круг“, вели овој министер. „Имаше некои луѓе што држеа некакви предавања, но, да бидам искрен, не ја гледам целта на проектот. Не ни кажаа ништо ново, што веќе не знаевме“.
Уште еден извор од кабинетот на премиерот, ни потврди дека Абу Даби го плаќа проектот, но, додаде дека нема други детали. „Само знам дека луѓето дојдоа и ни рекоа дека тоа го плаќа Абу Даби.“
Блер веќе се најде под критики, заради неговите деловни врски со Абу Даби, вклучувајќи го и договорот во вредност од над 1 милион фунти годишно, за пружање консултантски услуги во државниот инвестициски фонд на Емиратите, Мубадала.
На прашањето, дали Блер останал „чесен посредник“ во мировниот процес, Абас, во ексклузивното интервју за БИРН, изјави: „Тони Блер беше номиниран од Комитетот на Квартетот како претставник за Блискиот Исток и ние го прифативме ова како одлука на Квартетот“. Но, додава тој, во тековната рунда на преговори, „изгубил надеж“.
Тој е близок со принцот, кој ја споделува загриженоста на Блер за Муслиманското братство, и како што се верува, стои зад сѐ посилната улога на ОАЕ во регионот, вклучувајќи го и унилатералното бомбардирање на источна Либија.
Портпаролката на „Тони Блер и соработниците“, одби да потврди или да негира, дека Абу Даби го финансира проектот, но рече дека тоа нема да влијае врз работата на Блер во Квартетот за Блискиот Исток.
„Преговорите и договорот за овој проект, се одвиваа исклучиво помеѓу Србија и TBС („Тони Блер и соработниците“), по состаноците одржани меѓу Тони Блер и премиерот на Србија, и не се дел од никаков поширок договор“, ни соопшти таа. „Работата на одделот нема никакво влијание врз улогата на Тони Блер на Блискиот Исток, врзано за палестинската економија.“
Во јули минатата година, канцеларијата на Блер, по посетата на поранешниот премиер на Белград, им соопшти на новинарите дека „не постои никаков проект или договор со Србија“. Портпаролката на Блер изјави дека договорот со Србија не бил потпишан во времето кога оваа информација беше негирана, но одби да каже кога било договорено неговото склучување.
Блер не ги објави своите приходи, но „Фајненшал тајмс“ објави дека неговите приходи во 2011 година, биле околу 20 милиони фунти. Тој добива и до 300.000 американски долари (195.000 фунти) за еден круг предавања, велат неговите соработници.
Во минатото, тој ги советуваше земјите како што се Руанда, Албанија, Монголија и Кувајт. Неговата „Африканска управна иницијатива“, на непрофитна основа, соработуваше со владите на Сиера Леоне, Либерија, Гвинеја, Нигерија, Етиопија и Сенегал.
Тој предизвика контроверзии, советувајќи го автократскиот владетел на Казахстан, како да се справи со последиците од масакрот на цивили извршен од полицијата, како и заради консултантските услуги на проектот за нафтоводот, кој беше иницијатива на претседателот на Азербејџан.