Тројца судии од Управниот суд кои одлучуваат по актуелните тужби на политичките партии за изборите, се осомничени од СЈО за злоупотреба на службената должност, дознава БИРН. Истражната постапка на СЈО се однесува на нивно постапување во изборни предмети.
Инаку, Управниот суд вчера одлучуваше за две тужби на СДСМ, а денеска одлучува за преостанатите две од СДСМ и едната од ВМРО-ДПМНЕ. Одлуките за сите тужби треба да бидат донесени денеска, доцна попладне.
За овие тужби одлучуваат совети од петмина судии. Според нашите информации, тројца од осомничените работат во различни совети, но сите тие совети одлучуваат по актуелните тужби на партиите за предвремените парламентарни избори од 11 декември. Неизвесно е кога Специјалното јавно обвинителство ќе ја обелодени истрагата за овие судии од Управниот суд.