Вести

Цела деценија не сме мрднале во безбедноста на сообраќајот

Бројот на жртви во сообраќајот е за 32 отсто поголем од европскиот просек | Фото: БИРН

Додека некои земји од Европската унија го намалиле бројот на жртви во сообраќајни несреќи и за над 40 проценти, кај нас таа бројка во 2018 била речиси иста како во 2010 година.

Според статистиката на МВР и податоците на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, пред девет години, на македонските патишта биле загубени 133 животи, а лани 129. Последната бројка беше оценета и како позитивен резултат за земјава, особено ако се спореди со претходните две години, кога имаше 165, односно 155 жртви, или со 2013, која била најлоша во последниов период, со 198 жртви. Севкупно тоа значи дека состојбата се вратила на истото ниво како и пред една деценија.

Европската комисија деновиве го издаде извештајот за жртви во сообраќајни несреќи во Европската унија во 2018 година, според кој вкупно во унијата загинале 25.100 лица во сообраќајни несреќи, или 49 жртви на еден милион жители. Македонскиот просек е 65 жртви на милион луѓе, со што е за 32 отсто повисока од европскиот просек.

Најмногу жртви на еден милион жители имало во Романија (96) и во Бугарија (88), а најмалку во Данска (30) и во Велика Британија (28).

Во изминатите две години, само пет земји од ЕУ имале поголема смртност на патиштата споредено со нашата.

Но, за разлика од нашето „враќање во првобитната состојба“, безбедноста на патиштата низ Европа значително се зголемила од 2010 до денес, за 21 отсто. Најголемо подобрување имало во Грција, Естонија, Литванија и во Луксембург, каде што бројот на жртви се намалил за 40 до 45 отсто. Бугарија и Романија имаат напредок за околу 20 отсто.

Предизвикувањето сообраќајна несреќа во која ќе загинат луѓе е тешко кривично дело за кое според Кривичниот законик се добиваат од една до пет години затвор. БИРН ги анализираше судските пресуди од една година, од кои може да се види дека судовите исклучително ретко доделувале повисоки казни од две години. Во најголем број случаи, сторителите биле осудувани условно или до една година. Мали казни имало и за оние што усмртиле пешаци додека возеле под дејство на алкохол, па дури и за возачи што откако прегазиле пешак избегале во друг град и ги сокриле автомобилите.