Вести

ДКСК: Куќата на Трајановски ќе се разгледува по изборите

Објектот се наоѓа на кејот на Вардар во Керамидница | Фото: БИРН

Државната комисија за спречување на корупцијата по изборите ќе разгледа како поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски станал сопственик на нова куќа во населбата Керамидница. Трајановски, кој раководеше со главниот град во два мандати од 2009 до 2017, девет месеци по повлекувањето ја купил фирмата „Природна органска храна“ од Скопје, во чија сопственост била семејната куќа од речиси 400 квадратни метри, во која планира да живее со семејството откако ќе се довршат градежните работи.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, за БИРН рече дека комисијата била запознаена со информациите што ги објави БИРН, но тие ќе може подетално да се разгледаат по претседателските избори.

„Следната седница што ќе ја имаме, ќе биде за приговорите во врска со изборите. Имаме многу обврски со претседателските избори во овој период. Но, на наредната седница кога ќе се отвораат предмети, ќе може да го разгледаме и овој“, рече Ивановска.

Антикорупционерите ќе проверуваат како Трајановски го стекнал имотот, почнувајќи од тоа што сѐ поседувал во моментот кога ја напуштил позицијата, за да утврдат дали има несразмерни разлики во имотната состојба. Според Ивановска, тоа што Трајановски веќе не е на јавна функција, не би требало да претставува пречка за да се разгледа случајот, бидејќи  во законот има рокови до кога поранешните функционери треба да се држат на око.

„Ако се утврди несразмерно зголемување на имотот, тогаш случајот дополнително ќе се испита“, додаде Ивановска.

Според Ивановска, тоа што Трајановски веќе не е на јавна функција не би требало да претставува пречка за да се разгледа случајот, бидејќи  во законот има рокови до кога поранешните функционери треба да се држат на око

Трајановски во изјава за БИРН рече дека куќата ја купил со парите за неговиот стан во Автокоманда, кој бил во процедура за продавање, како и од продажбата на имот на мајката на неговата сопруга.

Претходен сопственик на куќата била фирмата „Природна органска храна“, која била основана во 2014 година од 29-годишна девојка од Скопје. Во целото свое постоење имала само еден вработен и имала исклучително ниски приходи (само десет денари во првата година). Трошоците на компанијата постојано биле поголеми од приходите, па таа направила загуби од речиси 26 илјади евра за пет години. И покрај тоа успеала да направи куќа од 394 квадрати.

Објектот се наоѓа на кејот на Вардар, спротивно од салата „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“. На местото каде што се гради за првпат била внесена градежна маркичка за семејно домување во 2016 година, компанијата добила градежна дозвола во 2017, а до 2018, до преземањето од Трајановски, веќе имала и покрив. Поранешниот градоначалник може да се види во и околу објектот, каде што се извршуваат завршните градежни работи и внатрешното уредување.