Регион

Црна Гора „не се соочи со военото минато“

Центарот на Подгорица. Фото: БИРН/Самир Кајошевиќ.

Околу 55% ​​од испитаниците, опфатени со истражувањето на јавното мислење на црногорските граѓани, чии резултати ги објави  Центарот за граѓанско образование (ЦГО), сметаат дека оваа земја не успеала да се справи со своето воено минато.

„Јавноста верува дека политичките партии не ѝ се посветени на транзициската правда и на соочувањето со военото минато“, изјави, Милош Вукановиќ, од ЦГО.

Половина од испитаниците изјавиле дека не го поддржуваат министерот за правда, човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, кој предизвика спор минатиот месец, изразувајќи сомнеж во пресудите на меѓународните судови, кои ги класифицираа масакрите во Сребреница, извршени во 1995 година, како геноцид.

89 проценти од испитаниците изјавиле дека знаат што се случило во Сребреница во 1995 година, а 67% рекле дека масакрите претставуваат геноцид.

На 8 април, црногорскиот премиер, Здравко Кривокапиќ, предложи смена на Лепосавиќ, поради неговите коментари за масакрот во Сребреница, на што министерот одговори дека не ги негирал страдањата на жртвите на масакрот во Сребреница, туку само го критикувал Хашкиот трибунал.

Повеќе од 60 проценти од испитаниците изјавиле дека сметаат оти црногорското правосудство нема капацитет да се справи со военото минато.

Од осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, до денес, во оваа земја се одржале само осум судења за воени злосторства, извршени во Хрватска, БиХ и во Косово. При тоа биле гонети само сторители од најниско ниво, главно стражари, готвачи, возачи и воени доброволци.

Европската унија посочи дека воените злосторства треба да бидат главен приоритет на обвинителите, со цел земјата да напредува во преговорите за пристапување.

Но, сепак, Црна Гора во 2020 година не покрена ниту еден нов случај, и покрај повиците на ЕУ. Беше осуден само еден војник, додека ниту еден висок офицер не беше процесиран.

Како дел од Југославија, Црна Гора директно учествуваше во војните во Хрватска и во БиХ, под водство на Слободан Милошевиќ, иако на нејзина територија не се водеше војна. Аналитичарите сметаат дека некои поранешни и сегашни политичари учествувале во војната, но дека тоа сакаат ‘да го задржат под тепих’.

Повеќе од 74 проценти од анкетираните изјавиле дека веруваат оти НАТО извршил воени злосторства за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година.

Со истражувањето беа опфатени вкупно 828 испитаници, постари од 18 години.