Црвена звезда соопшти дека „најостро ги осудува навредливите извици“ испратени до напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, од страна на сè уште неидентификуван навивач, присутен на натпреварот во Белград.
На снимката направена на мечот во четвртокот вечер, која кружи по социјалните мрежи, може да се слушне човек како со непристојни зборови му довикува на Ибрахимовиќ, нарекувајќи го „балија“.
Ибрахимовиќ е шведски државјанин, а неговиот татко, кој е од муслиманска вероисповед, е од Босна и Херцеговина. Неговите родители емигрирале во Шведска во 70-тите години.
Во своето соопштение, Црвена звезда посочува дека клубот „искрено му се извинува на Златан Ибрахимовиќ, за непријатностите што ги доживеал“.
„Како клуб, сторивме сè за да осигуриме дека организацијата на натпреварот ќе биде на ниво на два големи клуба и нема да дозволиме еден примитивен поединец, да фрли дамка на традиционално познатото гостопримство на нашата земја и на нашиот народ“, се вели во соопштението.
„Црвена звезда, во соработка со надлежните органи, ќе го пронајде споменатиот поединец и ќе инсистира тој да ги сноси сите последици од таквото однесување“, додава клубот.
Натпреварот се играше без навивачи на трибините, поради изречените мерки поради корона вирусот, но на неколку навивачи им беше дозволено да го следат натпреварот од ВИП ложата.
Говорот на омраза на фудбалските трибини не е ништо ново на Балканот.
Во последните децении, навивачките групи во Србија, честопати се користат за промовирање на национализмот и за ширење на политичка пропаганда, а скандирањето, со пораки на омраза, честопати е насочено кон Албанците, Хрватите и муслиманите.
Црвена звезда и Партизан, како и репрезентацијата на Србија, веќе беа казнети од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) поради вакви инциденти.
Ниту Ибрахимовиќ, ниту УЕФА, досега не го коментираа инцидентот на натпреварот, кој заврши нерешено 2:2.