Основните судови во Требиње и Бјелина, ги отфрлија барањата за забрана на работата на здруженијата, во чиј назив се содржат зборовите „равногорско движење“ или „четничко движење“, потврдија за БИРН од овие судови.
Барањата беа „отфрлени како неосновани“, ни рече Јелица Ијачиќ, секретар на Основниот суд Требиње.
Овие барања беа поднесени минатата година, од страна на Министерството за правда и администрација на Кантон Сараево, до судовите во Бања Лука, Добој, Бјелина, Соколац и Требиње, со образложение дека провоцираат национална, расна и верска омраза и раздор и нетрпеливост.
Барањето уследи по контроверзната комеморација за водачот на четничкото движење, Драгољуб Дража Михајловиќ, во Вишеград, во март 2019 година.
Претходно, истото барање беше одбиено од судовите во Добој и Соколац, додека судот во Бања Лука сè уште не донел одлука.
По комеморацијата, Обвинителството на БиХ отвори истрага за да се утврди дали на овој настан биле промовирани национална омраза и нетолеранција. Оваа истрага сè уште трае.
Во меѓувреме, овогодишната комеморација за Михајловиќ, која беше закажана за в петок, е откажана, откако Министерството за внатрешни работи на босанскиот ентитет, Република Српска (РС), издаде забрана за јавни собири до 30 март, во обид да се спречи ширењето на корона вирусот.
Душан Сладојевиќ, претседател на Равногорското движење на РС, изјави дека оваа организација не промовира омраза или нетолеранција.
„Ние имаме една чесна идеја – да се поправи погрешната историја и низ катарзата на вистината да видиме како да продолжиме понатаму“, рече тој за БИРН.
Тој додаде дека „војската на чичко Дража никогаш не била злосторничка“.
На Михајловиќ, во 1946 година, му беше изречена смртна казна, за предавство и соработка со нацистичка Германија, но во 2015 година, тој беше рехабилитиран од страна на суд во Белград. За време на Втората светска војна, неговите сили извршија големи воени злосторства, вклучително и оние против Бошњаците во Вишеград.
До контроверза дојде и во јануари, кога претставници на Равногорското движење во Вишеград, организираа прослава на Бадник, возејќи се со автомобили низ градот, при што гласно пуштаа песни, што предизвика страв кај бошњачките повратници.
Обвинителството на БиХ формираше уште еден предмет, со цел да се истражат сличните настани во Сребреница и во Братунац.