Интервјуа

Велковска: Во советот на град Скопје се гласа „борговски“

Има шаренило во составот, но не и во одлуките на Советот | Фото: БИРН

Кога работи во својот вегански ресторан се бори за правата на животните. Кога не е таму, гласна е за правата и на луѓето и на животните, а гласот го крева и во Советот на градот Скопје.

Драгана Велковска, единствената советничка од партијата Левица во градскиот совет, се наметна како една од најгласните критичарки на политиките на градоначалникот Петре Шилегов. Таа дури и го сними како ја нарекува „лажга“ и ѝ се обраќа со висок тон.

Велковска има политичка функција само година и два месеца, но не ѝ требало многу време за да се разочара од политиките во Градот, каде што видела „замена, а не промена“.

„Кратко време требаше за да се почне со политики кои порано беа плукани од истата партија што сега е на власт. Како трошењето половина милион евра за Нова година во услови кога имаме алармантно загадување и други приоритети“, вели таа.

Во Советот има шест советнички групи и повеќе партии, но ова шаренило, според Велковска, не се пресликува во одлуките.

„Гледам многу ‘борговско’ гласање, машинерија. Нема разноликост, многу ретко се случува. Најчесто одлуките се договорени, нема гласање по сопствено убедување. Сум забележувала неколкупати дека, иако го знам интимно ставот на некои од советниците на СДСМ, тие се принудени да гласаат заедно со сите од нивната партија“, раскажува Велковска.

„Борг“ е инаку вонземска раса од серијата „Ѕвездени патеки“, позната по тоа што е раководена од колективен ум, и поединецот не може ниту да размислува ниту да одлучува независно од колективот. Познавачите и љубителите на серијата со овој термин ја ословуваа и поранешната владејачка партија, често во контекст на нејзината медиумска пропаганда.

Што е со воздухот?

Советничката смета дкеа недоволно се контролира индустријата | Фото: БИРН

Најпроблематично во работата на градската управа, според Велковска, е тоа што таа не се води од фактите, туку ги приспособува на своите политики. Како пример го посочи тоа што справувањето со загадениот воздух почнува со поскапувањето на паркинзите, иако студии покажале дека сообраќајот има помала улога во емисиите на ПМ10 честички. Се согласува дека е потребно големо растоварување на сообраќајниот метеж, што треба да се направи со оптимизација на јавниот превоз.

„Ние немаме линии колку што им се потребни на скопјани. Јас самата сум видела како деца кога одат на училиште испаѓаат од автобусот како во Индија, се караат со пензионери. А тоа е така бидејќи превозот не е оптимизиран. Ние немаме навремен, ефикасен и брз јавен превоз. Потребно е да се направи студија и на неа наводно се работи, меѓутоа сѐ уште ја нема“, објаснува советничката.

Во целата борба со загадувањето, како што додава, индустријата никој не ја чепка.

„Знаете како се проверуваат А и Б интегрираните дозволи, или ако не знаете, јас ќе ви кажам. Индустриските капацитети треба да достават известување до Министерството или до Градот дека ги почитуваат и дека сѐ е во ред. Нема ненајавени инспекции, имаме видеа од граѓани, имаме фотографии, меѓутоа кога ќе излезат службите на терен, викаат дека сѐ е во согласност со законот“, вели Велковска.

Во буџетот за 2019 година Градот предвидел над два милиони евра за зеленило покрај булеварите.

„Можеби ќе ги искористат, меѓутоа работата е да не се садат синолички и детелини, туку возрасни дрвја кои ќе опстанат и за кратко време ќе почнат да се борат со загадувањето“, порачува таа.

Додека седиме во нејзиниот ресторан што се наоѓа на булевар со велосипедска патека, можеме да видиме како автомобили ја користат за „паркинг за пет минути“.

„Градот се фали дека има километри велосипедски патеки, меѓутоа во суштина тие се расфрлени, а не се единствена мрежа “, рече Велковска.

Примерот што според неа треба да го следи Скопје се развиените западноевропски земји, кои ги имале истите проблеми порано, но ги надминале.

„Неопходна е јасна визија за Скопје и политики кои ќе се носат водејќи кон таа визија. А не фрактални решенија, кои во моментов на некого му одговараат и за тоа се спроведуваат, како ширењето на улиците и пробивањето на булеварите. Сите знаеме дека тоа е краткорочно решение што ќе донесе повеќе автомобили и пак ќе се најдеме во оваа ситуација“, вели советничката.

Спасот е во граѓански движења, не во големите партии

Веќе не може да се дозволи концентрација на моќта во две партии, вели Велковска | Фото: БИРН

Таа, сепак, не е единствената што обвинува за недостиг од визија кај властите во борбата со загадениот воздух. ВМРО-ДПМНЕ ја презеде од СДСМ „опозициската“ обврска постојано да алармира на овој проблем, да соопштува дека „воздухот е загаден како никогаш досега“ и „здравјето на граѓаните е доведено во прашање“. Велковска во ова гледа игра во која секогаш кога едната партија е во опозиција, ја обвинува другата за истите теми, но решенија никој не наоѓа.

„Затоа сметам дека не може повеќе да се дозволи ваква концентрација на моќ во две партии. Граѓанските иницијативи, активистите и волонтерите, кои со години посветуваат време, енергија и знаење, треба да се организираат и да почнат да се кандидираат на листи, да оформат какви било тела, не мора тоа да биде класична партија, меѓутоа мислам дека е неопходно граѓаните да ја земат моќта во свои раце“, истакнува таа.

Верува дека ако вистинските луѓе се постават на вистински места, работите ќе се сменат, но признава дека од никого не може да се очекуваат брзи и лесни решенија за воздухот и за другите градски проблеми.

„Апсолутно е тешко, свесна сум за уцени, притисоци, урбаната мафија не постои од вчера, меѓутоа нема друг начин. Сите држави претпоставувам поминале низ овој процес. Ова е долг процес, а ние за жал доцниме“, порачува Велковска.

Не гради „фраерска“ политичка кариера

Со Шилегов е во судир, но поддржува поединечни проекти на градот | Фото: БИРН

Пред протестот за заштита на бездомните животни беше објавена аудиоснимка, на која се слуша гласот на градоначалникот Шилегов како ја нарекува Велковска „лажга“ и ја обвинува дека сака преку обвинувања кон градот да гради „фраерска“ политичка кариера на активист. Таа вели дека односот со Шилегов никогаш не ѝ бил добар, дури и кога своите критики ги искажувала само во Советот, а не и во јавноста.

„Јас сум волонтер повеќе од 10 години, што го дава своето слободно време, енергија, средства. Не можете во активистите за заштита на животни да барате профитери, бидејќи ние од своите лични средства издвојуваме за животните. Да каже некој на целиот мој историјат како активист дека јас градам кариера е во најмала рака неинформирано, незрело и неодговорно“, одговара таа на овие обвинувања.

Без оглед што е често во отворен судир со градоначалникот, за некои одлуки на Градот воопшто не се воздржува да каже дека се одлични. Такви се субвенциите за чистење оџаци, субвенциите за печки на пелети, пренамената на парите за барокни фасади за училиштата итн. Верува дека еден ден градската власт, оваа или друга, ќе го прифати нејзиниот предлог да се субвенционира и стерилизирањето на домашните миленици за да се намали бројот на бездомни животни.

Во градските служби и во јавните претпријатија вели дека има знаење и професионалност, но проблемот е што никој нив не ги прашува.

„Тие се прашуваат само кога нешто треба да се дообликува, а не и за генералната идеја и насока што треба да се спроведува. Се знае дека кој и да дојде на власт, институцијата станува негова приватна фирма. И сите вработени се потчинети на тој човек, што сите знаеме дека е страшно, меѓутоа сите сме дозволиле така да биде“, додава Велковска.

Сѐ уште сака да биде „искра во мракот“

Секоја власт досега делкаше по малку од нашиот интегритет, вели Велковска | Фото: БИРН

Својата улога во градскиот совет ја гледа како претставник на сите што сакаат промени кон подобро, а не како „слуга“ на некоја коалиција. Самата е дел од партија, но вели дека се придружила на Левица токму поради тоа што овозможувала слобода на дејствување во рамките на генералните принципи, како борба за поединецот, борба за поквалитетен живот, без притисоци и уцени. Иако е сама, не смета дека нејзината улога е безначајна.

„Свесна сум дека ништо не може да направи еден глас во Совет од 45, меѓутоа е различно кога има некој што потсетува што мора да се направи. Поинаква е атмосферата. И самото тоа што имам пристап до информации што никој не ги споделува со граѓаните е добар придонес за општеството“, ја објаснува Велковска својата политичка улога.

Левица излезе со став дека е против промена на името на државата, но како партија не стана дел од иницијативите како „Бојкотирам“, „Македонија блокира“ и други, иако нејзини членови се меѓу најгласните противници на договорот од Преспа.

Според Велковска, во партијата бил постигнат консензус околу заедничката позиција, а има простор и за лични ставови и настапи. Нејзиниот став е дека договорот е покажување надмоќ и сила, уцена  дека ако сакаме да влеземе во ЕУ и да станеме развиена држава, треба да го прифатиме. Но, вината за тоа не ја бара само во актуелните случувања.

„Со политиките наназад, секоја партија што дошла на власт делкала по малку од нашиот интегритет, успех, нашата способност некогаш да испливаме на површината и самите да се избориме за нашето место. Сето тоа доведе до ова што се случува денес. Да сме имале партии што работеле навистина во корист на луѓето, ние денес немало да бидеме во оваа позиција“, вели Велковска.

Тоа што особено ѝ пречело во целиот процес е, како што вели, манипулациите од власта.

„Ако сакате нешто да се смени, треба да ги ставите на маса сите аргументи и на секој поединец да му се остави правото на избор, дали ќе процени дека треба да гласа „за“ или „против“. А не да се служиме со лажни аргументи дека влегувањето во НАТО е автоматски влегување во ЕУ и потоа ќе имаме бесплатно здравство. Тоа беа класични мамки, што сметам дека е страшно, особено за една партија која јаваше на наративот на правичност. Ние веќе немаме плодна почва за демагогија во Македонија. Сметам дека немаме“, додава Велковска.

И покрај ставовите на Левица, таа смета дека нема простор партијата да се здружува со крајно десничарските структури што ја имаат истата позиција околу прашањето за името, бидејќи како што вели, „подобро е да си сам, отколку во непринципиелен сојуз“.