Стотици семејства на жртвите, се собраа денеска пред споменикот во Поклек, во чест на 54 албански цивили, кои беа убиени од српските сили во ова село, кое се наоѓа 25 километри западно од Приштина, по повод 20-годишнината од масакрот.
Председателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, положи цвеќе на споменикот, при што истакна дека сторителите сѐ уште не се процесирани.
„Многу работи може да се заборават и да се простат во човечкиот живот, но никогаш нема да ги заборавиме масакрите на Србија во Косово. Никогаш нема да им простиме“, нагласи Весели.
Најмладата жртва на масакрот е шестoмесечно бебе, а најстарaта 75-годишен старец.
Денешната седница на Собранието на Косово, започна со едноминутно молчење, во чест на жртвите од Поклек.
Во соопштението по повод одбележувањето на годишнината од масакрот, опозициската партија, Ветевендосје (Самоопределување), ги критикуваше обидите на премиерот, Хашим Тачи, да постигне договор со својот српски колега, Александар Вучиќ, за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Иако овие злосторства и недостигот на правда, секоја година ги повредуваат нашите срца, претседателот и нему сличните, сѐ уште веруваат дека без да се споменат овие злосторства, може да се постигне конечен договор со Србија. Ова е непростливо“, се вели во соопштението на Ветевендосје.
Меѓународната организација, Хјуман рајтс воч, ги документираше последиците од масакрот во Поклек.
„Според бројни искази на сведоците, вклучувајќи и еден преживеан, најмалку 47 луѓе биле принудени да влезат во една соба, а потоа во нив систематски стрелал еден српски полицаец или паравојник. Точниот број на убиени не е познат, иако е сигурно дека 23 деца помлади од 15 години, биле убиени во нападот“, се вели во извештајот, што во 1999 година, го објави Хјуман рајтс воч.