Регион

Проширена истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ

Автомобилот на Оливер Ивановиќ проголтан од оган по експлозијата подметната од непознати напаѓачи во јули 2017. Фото: КоССев

Обвинителот кој работи на случајот Ивановиќ, Суле Хоџа, за БИРН денеска изјави дека истрагата е проширена на уште две други осомничени лица, за кои се претпоставува дека се поврзани со организиран криминал.

„Ние ја проширивме истрагата во овој случај на уште две лица. Сè уште сме во почетна фаза во која тие се осомничени за организиран криминал“, истакна Хоџа.

Нивните имиња не беа објавени.

Ивановиќ, лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“, беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Во ноември 2018, косовските власти уапсија четири лица во врска со овој случај. Двe од нив сѐ уште се во притвор.

Властите, исто така, го именуваа Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија на Србите од Косово, Српска листа, како осомничено лице.

Радојиќ, познат бизнисмен, нашироко се смета за вистински носител на моќта  во северно Косово.

Тој, на 23 ноември, успеа да го избегне апсењето и да избега во Србија. Српските власти соопштија оти е невин, а и самиот Радоичиќ негираше дека е вмешан во убиството на Ивановиќ.

Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, во јануари изјави дека во рамките на сопствената истрага, Србија го истражува движењето на „одредени поединци“, кои се појавиле во Косово, а потоа заминале во неодредена западноевропска земја.

Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој, исто така, стана гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновената постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.