Регион

Гласот на „замолчените“ жртви присутен на судењето на Салих Мустафа

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  


Во согласност со планот да се даде глас на жртвите во предметите на воени злосторства, на првото судење пред Специјалниот суд, во случајот против поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Салих Мустафа, застапничката на жртвите истакна дека наводните жртви на ОВК биле заплашувани, со цел да се замолчат.

Во воведниот говор, на рочиштето на првото судење одржано вчера во Хаг, застапничката на жртвите пред ССК посочи дека наводните жртви на припадниците на ОВК со децении биле заплашувани, со цел да се замолчат.

„Единаесет илјади жртви (од војната во Косово) беа цивили, од кои некои беа жртви на припадниците на ОВК“, се вели во изјавата на Службата за застапување на жртвите, прочитана на судењето на Мустафа.

„Превезот на молкот прекри некои злосторства извршени во војната во Косово, жртвите беа замолчени“, се додава во изјавата.

Во неа се нагласува дека некои жртви од војната на Косово биле третирани како „херои или маченици“, додека други биле „оставени целосно сами, директно или индиректно заплашенувани и со години замолчувани“.

Изјавата беше прочитана пред празна обвинителна клупа, бидејќи Мустафа претходно ја напушти судницата. Тој е обвинет за учество во убиство, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода, дела извршени во април 1999 година, за време на војната во Косово.

Обвинението тврди дека тој ги извршил злосторствата во затворски комплекс управуван од ОВК, во косовското село Злаш, над затвореници обвинети од припадниците на ОВК за соработка со Срби или дека не ја поддржувале каузата на ОВК. Мустафа се изјасни за невин по обвинението.

Вклучувањето на жртвите во судските постапки е новина на судењата поврзани со војните на територијата на поранешна Југославија, иако слични активности беа спроведени во Меѓународниот кривичен суд и Специјалниот суд на ООН за Либан.

Пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој беше оперативен до 2017 година, како и во текот на судењата за воени злосторства во Косово, жртвите беа вклучени само како сведоци.

Во изјавата на Службата за застапување на жртвите се вели дека жртвите на репресивниот режим на Слободан Милошевиќ во Косово, се „охрабруваат да ги раскажат своите приказни и да побараат правда“, но се додава: „А ако се жртви на припадниците на ОВК … се смета дека тие се против ОВК или оти не се патриоти“.

Исто така, се нагласува дека законодавството на Косово не ги признава наводните жртви на припадниците на ОВК како жртви на војната, а како доказ за тоа се наведува Законот за маченици, инвалиди и херои, во кој како жртви се наведени поранешните припадници на ОВК или цивили кои биле апсени и мачени во непријателските логори или биле убиени или ранети од непријателските сили.

Во изјавата на Службата за застапување на жртвите се нагласува дека за наводни воени злосторства му се суди на поединецот Мустафа, а не на вооружената борба на ОВК за независност на Косово.

Во неа се посочува дека „легитимитетот на борбата на ОВК … никогаш не го  оправдувал произволното лишување од слобода, тортурата, суровото постапување или убиствата“.

„Правилата на војната важат за сите страни и треба да се почитуваат“, се додава во соопштението.

Исто така, се наведува дека судењето е можност жртвите конечно да ги раскажат своите приказни и да побараат правда.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени од поранешните припадници на ОВК за време на војната 1998-1999, која тие ја водеа против репресивниот режим на Слободан Милошевиќ.

Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Хаг во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар. ССК беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е подготвен да се занимава со случаи поврзани со ОВК и да ги заштити сведоците.

Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.