Македонската јавност дури по две години дознава дека Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана (ИФИМЕС), во јули 2017 потпишал договор со Владата тежок 1.000 евра месечно.
Премиерот Зоран Заев го ангажирал ИФИМЕС за „собирање и обработка на информации за конфликтите во светот“ и Институтот ова ќе го работи до летото 2020, што практично значи дека Владата ќе му плати на словенечкиот Институт вкупно 36.000 евра за тригодишната соработка.
И покрај сите претходни новинарски истражувања на таа тема, податокот дека Владата две години го плаќа ИФИМЕС се дозна дури овој месец, кога Институтот за првпат се појави на списокот на надворешни соработници објавен на владиниот сајт и од прес-конференцијата пред две недели кога тоа лично го соопшти Заев, одговарајќи на новинарско прашање.
Првично логична беше претпоставката дека ИФИМЕС е нов на листата и оти соработката стартувала летово, кога Владата ги продолжи договорите на дел од останатите соработници.
Во прилог на овој заклучок, дека ИФИМЕС се нови соработници, одат и пишувањата на Телма, Плусинфо и на Радио слободна Европа од мај 2018 и на БИРН и на ИРЛ од оваа година, кои се повикуваат на официјални податоци добиени од Владата. БИРН во јануари годинава не доби информација дека Институтот ИФИМЕС е надворешен соработник, а очигледно без тој податок останале и другите медиуми.
Затоа останува нејасно зошто Владата ова не го открила досега, иако интересот на медиумите и на јавноста за оваа тема бил речиси постојан. БИРН во август повторно го побара ажурираниот список на соработници, по што беше објавен на сајтот на Владата дури оваа недела.
За да бидеме сигурни дека не е направена техничка грешка во информацијата објавена на vlada.mk, побаравме владиниот портпарол конкретно да ни го каже датумот кога е склучен првичниот договор со ИФИМЕС.
„Првичниот договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и надворешниот соработник Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии е потпишан на 14.07.2017 година“, ни соопшти портпаролот Мухамед Хоџа.
Со ова се потврди дека Владата две години го криела податокот дека словенечкиот Институт е на нејзиниот хонорарен список.
Се лизнаа на фамозната анализа за „Рекет“
Институтот ИФИМЕС се изложи во јавноста на почетокот од овој месец, кога ја објави анализата „Косово – Албанија – Северна Македонија: Во исчекување на падот на ‘сијамските’ режими Тачи-Рама?“, во која случајот „Рекет“ се претставува како „меѓународна разузнавачка операција дизајнирана надвор од Северна Македонија“.
„Оваа меѓународна разузнавачка операција против Република Северна Македонија и нејзините лидери, со цел да ги дискредитираат, криминализираат, елиминираат и на крајот да ги соборат Зоран Заев и неговата влада со создавање хаос и со преземање на власта со или без избори“, пишува ИФИМЕС во извештајот објавен на 7 септември годинава.
Шпекулативната анализа на Институтот беше повод медиумите блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која секојдневно „притиска“ за скандалот „Рекет“, да истражат кој е, што работи ИФИМЕС и кои се неговите врски со кабинетот и со партијата на премиерот Заев.
Алфа ТВ прва собра „два и два“ и објави дека меѓу надворешните соработници, кои во целиов период ѝ беа познати на јавноста, е и првиот човек на ИФИМЕС, Зијад Беќировиќ.
Меѓутоа, БИРН при пребарување на членовите на управните тела на ИФИМЕС констатира дека Беќировиќ не е единствениот надворешен соработник на Заев поврзан со словенечкиот Институт. Цело време на списокот на соработници на Заев се и Аљаф Бакхатијар и словенечкиот професор Владо Димовски.
Беќировиќ и Бакхатијар не добиваат надомест за својата работа, додека Димовски има речиси двегодишен договор вреден 1.000 евра месечно.
Во овој двегодишен период, додека Владата и ИФИМЕС официјално соработуваат, словенечкиот Институт беше активен во Македонија.
На крајот од 2017, овој Институт на Катица Јанева и на СЈО им додели признание најдобар обвинител и најдобро обвинителство на Балканот. А, непосредно пред референдумот за промена на државното имено, ИФИМЕС објави анкета која покажуваше повеќе од оптимистички бројки – дека 63 проценти од граѓаните со право на глас ќе се изјаснат за Преспанскиот договор.
Заев, и како опозиционер и како премиер, гостувал на настани организирани од ИФИМЕС, а неодамна на нивна трибина учествуваше и претседателот Стево Пендаровски. Лани и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бил гостин на конференција на овој Институт во Љубљана.