ВМРО-ДПМНЕ се уште не поднеле финансиски извештај за расходите од вториот дел од кампањата. Иако законскиот рок истече на 14 октомври, ден пред одржувањето на изборите, опозициската партија која ги загуби локалните избори, нема прикажано како се финансирала и како трошела во периодот од 5 до 13 октомври. Од Државната изборна комисија (ДИК) тврдат дека сите пристигнати извештаи се објавени на нивната веб-страна, додека Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата, ни рече дека финансискиот извештај бил поднесен во законскиот рок.
Првиот финансиски извештај покажа дека ВМРО-ДПМНЕ потрошила над 680 илјади евра за предизборната кампања, од кои најмногу пари биле потрошени за реклама и за пропаганда.
СДСМ во вториот дел од кампањата имале приходи од над 430 илјади евра, а потрошиле околу 293 илјади евра, од кои 124 илјади евра за реклама и за пропаганда.
Ако се земе предвид и финансискиот извештај на СДСМ за првите десет дена од кампањата, произлегува дека владејачката партија потрошила вкупно 335 илјади евра за кампањата за локалните избори.
ДУИ, пак, и во вториот финансиски извештај остана во минус, односно расходите на партијата се повисоки од приходите од членарини и донации. Од донации, во вториот дел од кампањата партијата имала приходи од околу 60 илјади евра, а потрошила нешто над 106 илјади евра.