Вести

ВМРО-ДПМНЕ со најбогата реклама и пропаганда на локалните избори

Партиите ги поднесоа првите финансиски извештаи до ДИК. Фото: БИРН

ВМРО-ДПМНЕ потрошило 16 пати повеќе од СДСМ за време на кампањата за локалните избори во првите 10 дена, покажуваат финансиските извештаи на партиите објавени на Државната изборна комисија.

Ако се соберат расходите во осумте поднесени извештаи на ВМРО-ДПМНЕ до ДИК може да се види дека партијата потрошила околу 680 илјади евра, од кои најголемиот дел за реклама и пропаганда. СДСМ пак, од членарини и донации собрала околу 250 илјади евра, а потрошила само 42 илјади евра. Од овие средства, околу 17 илјади евра СДСМ ги потрошил за реклами.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ детално има прикажано во кои медиуми се одлевале парите за реклами. Од финансиските извештаи може да се види дека најмногу пари од ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање добиваат телевизиите Сител и Нова. Па така, во еден од извештаите кој се однесува на 12 општини, стои дека од вкупниот буџет за реклами за  од околу 23 илјади евра, Сител добива 7.500 евра, телевизија Нова 4.800 евра, а Телма 1.700 евра. За банери на порталите најмногу пари од ВМРО-ДПМНЕ добива Ем-медиа ДООЕЛ, фирмата издавач на порталот Курир, а потоа следува порталот Република. Пари за банери добива и ЦИА, фирмата издавач на порталот Инфомакс, како и порталот Нетпрес, но сумите за овие банери изнесуваат по неколку илјади денари.

И ДУИ, како и останатите партии, најмногу трошоци имала за реклама и пропаганда, околу 136 илјади евра, додека за изнајмување простор за време на изборна кампања партијата дала околу 4.700 евра. Најмногу средства за рекламирање ДУИ има дадено на телевизијата Алсат, околу 14 илјади евра, а потоа следува ТВ 21 со околу 11 илјади евра.

ДУИ засега е во „минус“ со кампањата, бидејќи приходите од членарини и донации изнесуваат 65 илјади евра, а расходите се 143 илјади евра.

За БЕСА донирале 6 лица, вкупно околу 5 илјади евра. И оваа партија најмногу пари дала за реклама и пропаганда, околу 4.700 евра. Вкупните расходи на партијата во првите 10 дена од кампањара изнесуваат околу 20 илјади евра.

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со донации од 60.000 денари

Во првите 10 дена од кампањата, за ВМРО-ДПМНЕ пари донирале 207 луѓе, додека за СДСМ 76. Се забележува дека ниту еден висок функционер од владејачката партија не може да се сретне на списокот донатори, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ каде што донирале голем број градоначалници.

Обелоденети хонорарите и на јавните личности

ВМРО-ДПМНЕ во својот финансиски извештај ги навела и хонорарите кои ги зеле јавните личности. Највисоко на листата котира Владимир Јаневски со хонорар од 215.250 денари, потоа Миле Кузмановски со 107.625 денари, Андријана Јаневска со над 64 илјади денари, а следуваат Тони Михајловски, Јелена Жугиќ и Блага Петреска со 43.050 денари.

Па така, за ВМРО-ДПМНЕ актуелните и кандидатите за градоначалници донирале од 30.000 до 60.000 денари. На списокот се наоѓаат Коце Трајановски, градоначалник и кандидат за град Скопје со 60.000 денари, исто како и Јохан Тарчуловски, Владо Мисајловски, Тони Трајковски и Иван Франгов, по 30.000 денари донирале Билјана Беличанец Алексиќ и Жанета Чаушевска, додека поранешниот премиер Емил Димитриев 21.500 денари.

За СДСМ дел физички лица донирале многу повисоки суми, меѓу кои и кандидатот за градоначалник Александар Наумоски со 150.000 денари, а има и донации кои изнесуваат 184.450 денари.

Извештаите за трошоците за предизборната кампања се поднесуваат до ДИК, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата. По завршувањето на кампањата, партиите поднесуваат втор, финален извештај за приходите и расходите во кампањата.