Раимонда Реци, поранешна припадничка на ОВК, во средата вечер, на својата страница на Фејсбук, објави дека Специјализираното обвинителство, со седиште во Хаг, ја повикало да даде исказ.
Таа напиша дека на 4 декември, во телефонски разговор, ѝ било кажано оти ја повикуваат како сведок, иако во поканата не е наведено дали е повикана како сведок или како осомничено лице.
„Немам што да кријам, можеби моите изјави нема да им се допаднат, но јас ќе им одговорам. Горда сум на нашата војна, ние не направивме ништо друго, освен што ги браневме нашите домови“, напиша таа.
Реци, која моментално се наоѓа во САД, е последната во низата поранешни борци на ОВК, повикани на разговор од страна на Специјализираното обвинителство.
Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства, извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.
Се очекува, пред овој таканаречен Специјален суд, да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега, во јавноста, обвинителството нема обелоденето дали е поднесено обвинение.
Меѓу оние кои досега се повикани во Хаг, се поранешните команданти на ОВК, Рустем Мустафа и Сами Луштаку, поранешен шеф на воениот суд на ОВК, Сокол Добруна, поранешниот висок член на ОВК, Назиф Мехмети, поранешните членови, Сафет Сула и Сабахајдин Цена, како и поранешниот командант на единица на ОВК, Ремзи Шала, во војната позната како „Црвено јаболко”.
Сите тие, освен Шала, изразија подготвеност да разговараат со обвинителите, нагласувајќи дека војната на ОВК била дефанзивна, а не злосторничка.
Не е познато каде во моментов се наоѓа Шала.
Кога обвинителите го повикаа во декември, Шала на својот Фејсбук профил напиша: „…нема да одговорам на овој повик“.
Тој на разговор во Хаг е повикан на 17 јануари. Инаку Шала, во средата, требаше да се појави пред косовскиот суд, пред кој му се суди од 2017 година, но тој не дојде.
Според судот, доколку Шала, кога следниот пат ќе биде повикан, не се појави, тогаш косовската полиција ќе се обиде да го пронајде.
Обвинението го товари Шала за воени злосторства, односно за киднапирање и затворање на албански цивили осомничени за соработка со Србија во текот на војната во 90-тите години, кои подоцна биле пронајдени мртви во селото Дуле, во општина Сува река.
Уште еден поранешен висок член на ОВК, според написите во медиумите, е повикан на разговор со хашките обвинители. Станува збор за поранешниот командант на ОВК, Сулејман Селими, поранешен амбасадор на Косово во Албанија и поранешен шеф на Косовските безбедносни сили. Сепак, неговиот адвокат, Томе Гаши, изјави дека неговиот клиент сè уште не добил никаква покана.
Меѓутоа, Гаши, на 8 јануари, на својот Фејсбук профил напиша: „Ние, адвокатскиот тим, преговараме со Специјализираното обвинителство, со господинот Сулејман Селими да се разговара во Приштина, на неодреден датум, кога неговото здравје ќе се нормализира”.
Селими, моментално, во затвор во Косово, издржува казна на која беше осуден откако беше прогласен за виновен за мачење на цивилен затвореник, во импровизираниот затвор на ОВК во селото Ликовац, општина Србица, во 1998 и почетокот на 1999 година.
Но, пред три дена, тој е префрлен во Универзитетскиот клинички центар на Косово, на лечење на клиниката за уво, нос и грло.
Во мај 2015 година, тој беше осуден на осум години затвор, но Апелацискиот суд во Приштина, во октомври 2016 година, казната му ја намали на седум години.
Во јуни, Уставниот суд пресуди дека неговиот случај мора да биде разгледан од Врховниот суд, поради, како што наведе, кршење на правото на обвинетиот на фер и непристрасно судење.