Регион

Водачот на ветераните на ОВК обвинува за „стапица“ со документи

Претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати (десно) и адвокатот, Томе Гаши (во средина), на денешната прес-конференција во Приштина. Фото: БИРН

Лидерот на Здружението на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хисни Гуцати, кому му се суди за воени злосторства пред Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг, рече дека му била „подметната стапица“ со доставата на доверливите документи.

„Мојата најголема лична желба е обвинителите… да откријат кој ми постави стапица со документите“, изјави Гуцати пред судот, додавајќи: „ќе поднесев оставка доколку тие документи протекоа од мојата канцеларија“.

Гуцати денеска пред судот му кажа на својот адвокат, Џонатан Рис, дека пакетот со документи од судот, прв го видел секретарот на Здружението на воени ветерани на ОВК, Таибе Мифтари.

„На пакетот со пенкало пишуваше дека ќе бидат донесени уште 7.000 досиеја“, посочи Гуцати и додаде дека маскирано лице му рекло оти ќе донесе и други документи.

На прашањето зошто организирал прес-конференција за документите, Гуцати нагласи: „Изненадувачки беше што овој пакет беше доставен без наша желба и без предупредување; поради таа причина одржавме прес-конференција, за уценувачите да не ги споделуваат овие документи“.

Гуцати и неговиот заменик, Насим Харадинај, се обвинети за попречување на правдата и за заплашување на сведоци, откако во септември 2020 година, дошле во посед на два пакета доверливи документи од предмети на ССК. Тие се обвинети и за поттикнување на медиумите да го објават тој материјал.

И двајцата се изјаснија за невини.

Рис минатиот петок рече дека на Гуцати и на Харадинај им се суди бидејќи е очигледно дека судот соработувал со Србите кои се одговорни за масакрите на Косово, извршени за време на војната, кон крајот на 90-тите.

Адвокатот на Харадинај, Тоби Кадман, побара одложување на судењето, тврдејќи дека поради здравствени причини не можел да стапи во контакт со својот клиент. Сепак, судот не го прифати неговото барање.

Според обвинението, Гуцати и Харадинај, од 7 до 25 септември, „на три прес-конференции и други собири што биле медиумски пропратени, како и со понатамошна дистрибуција, која вклучува и изјави на социјалните мрежи, г. Гуцати и г. Харадинај неовластено открија информации“, заштитени со закон.

Тие, како што се нагласува, откриле и „заштитени податоци за извесни (потенцијални) сведоци“.