Анализи

Врие во партијата на Ахмети

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Демократската унија за интеграција (ДУИ), партија која произлезе од поранешната формација Ослободителна национална армија во 2001 година, се соочува со внатрешни несогласувања, кои се манифестираат најчесто на локално ниво и покажуваат дека досегашниот начин на менаџирање на внатрепартиското незадоволство веќе не функционира.

Според познавачите на внатрешните случувања во ДУИ Ахмети веќе губи сила и не може да ja контролира целата каста на команданти и војници од 2001 година

Во Македонија политиката за жал често е над животот. На 23 јуни во вооружена пресметка е убиен претендентот за претседател на огранокот на ДУИ во Куманово, Џемаил Реџепи. Познавачите на внатрешните случувања во ДУИ велат дека инцидентот не беше неочекуван и оти длабоки внатрешни недоразбрирања освен во случајот во Куманово, има и во ограноците на ДУИ во Струга, Тетово и Сарај.

Според нив, тоа е показател дека досегашното функционирање на партијата сконцентрирано во рацете на лидерот Ахмети веќе губи сила и не може да ja контролира целата каста на команданти и војници од 2001 година, односно дека самиот начин на кој е поставена и функционира партијата води кон вакви состојби.

Тензии, инциденти и убиства

Во судир на две групи во Куманово на 23 јули во 15:30, во близина на Факултетот за бизнис администрација при престрелка е убиен Џемаил Реџепи, познат под прекарот командант Шќипоња – предводник на една фракција на кумановскиот огранок на партијата. Иако станува збор за внатрепартиска пресметка со фатален исход, ДУИ се огласи со штуро соопштение во кое искажа сочувство за семејството на загинатиот и желба за оздравување на повредените во инцидентот.

Сериозни тензии и безмалку инцидент имало и во Струга помеѓу групата на претседателот на огранокот, Рамиз Мерко и групата на Арбен Лабеништи. Тензиите се разрешија со повлекувањето на Арбен Лабеништа од конкуренцијата за претседател на огранокот, но и од позицијата заменик – министер за одбрана, велат извори од партијата.

По него, оставка поднесе и организацискиот секретар Хазби Лика, близок соработник на Ахмети. Тој се повлече поради несогласувања со начинот на организирањето и почитувањето на демократските принципи во ДУИ, а од истите причини на локално ниво оставка поднесе потпретседателот на органокот во Арачиново – Шефик Дураку.

Изборите за лидер на локално ниво поминаа со тензии и во Тетово. Имено, на чело на огранокот на партијата дојде Реси Абдурахмани, кој не доаѓа од интелектуалното крило, оставајќи ги зад себе градоначалничката Теута Арифи и претседателот на Советот на општината, Хисен Џемаили.

Во Сарај, пак, актуелниот потпретседател на Собранието – Рафис Алити дојде на чело на огранокот со амин на Ахмети. Немаше противкандидат, а изборот се случи на формално собрание по неколкумесечни внатрешни расправии и еден вооружен инцидент во Кондово помеѓу групата на поранешниот претседател на огранокот Блерим Беџети и групата на Алити.

Недоразбирањата често не се манифестираат јавно, но во албанските политички кругови се знае дека деновиве има директен судир помеѓу Алити и заменик-премиерот Муса Џафери.

Алити се жали дека не е консултиран за изборот на заменик-директорот на Заводот за вработување, Илхам Исмани и на директорот на Центарот за управување со кризи – Сузана Салиу. Двајцата се кадри на Беџети и немаат согласност од страна на Алити, што ги продлабочува и понатаму несогласувањата во оваа партија во Сарај.

Куманово е само врв на тензиите

Иако за убиството на заменик директорот на Управата за јавни приходи Аргетим Хасани во Струга се информираше и во контекст на ДУИ, извесно е дека тоа беше извршено од мотив на крвна одмазда. Но, убиството во Куманово е несомнено и нескриено со политички мотиви. Според упатените, инцидентот всушност е драматичен исход на долгогодишните внатрешни превирања во огранокот, кои беа запоставувани и решавани со непромислени одлуки што не коренсподираа со ситуацијата на локално ниво.

Проблемите во кумановскиот огранок на ДУИ датираат од пред една година. На 12 септември, минатата година, починатиот Џемаил Реџепи се самопрогласи за претседател на огранокот, но таквиот чекор не доби зелено светло од раковоството на ДУИ. Партијата никогаш не организираше партиски избори, туку арбитрарно Али Ахмети во средината на јуни донесе одлука на ова позиција да биде Бајрам Лимани, кој учествуваше во вооружениот инцидент и сега е обвинет за убиството на Реџепи.

Петрит Менај, автор на неколку книги за војната, и после неа близок соработник на лидерот на ДУИ – Али Ахмети, тврди дека проблемот во Куманово можеше да се предвиди, па оттаму тој одговорноста ја гледа во врвот на ДУИ и генералниот секретар Абдулаќим Адеми.

„Во ДУИ има пропусти во организациска смисла, бидејќи централното претседателство не требаше со наредба да го поставува Бајрам Лимани на позицијата претседател на огранокот. Ова што се случи е недостаток на капацитетите за внатрепартиска демократија, бидејќи ако имаше 5 кандидати за сите требаше да има гласање во собранието на огранокот“ вели Менај.

Тој додава дека тензиите и расколот во партијата се резултат и на тоа што „некои видни членови се чувствуваат потценети, додека некои други, кои во ДУИ дојдоа по војната, се многу добро позиционирани“.

Издавачот на весникот Лајм, Фејзи Хајдари, кој живее во Куманово, нема сомневање дека инцидентот во овој град и другите инциденти во ограноците на ДУИ се одраз на состојбата во која се наоѓа оваа партија, поради што тој не исклучува „експлодирање на ситуацијата и во другите ограноци“.

Според Хајдари, ситуацијата е алармантна пред се заради криминализирање на партијата и на политиката во албанскиот кампус која не може да не остави последици.

„Во Куманово кулминираше, но експлодирање на ситуацијата се очекува и во другите ограноци. Сакам да ме демантира времето, но не верувам. Да им оставаш толкав голем простор на криминалните структури во партиското раководство, кои нивната криминална-финансиска активност ја имаат поврзано со високите претставници на партијата, е невозможно, без да се соочиш со вакви последици“ вели тој.

Стигмата на криминалот, тендерите и бизнисите кои се врзуваат за дел од претседателството во ДУИ се одразуваат не само врз имиџот на партијата туку и врз начинот на нејзиното фунционирање кое се чини не е борба за идеи, туку борба за лукративни, вносни позиции.

„Овие локални и регионални групации имаат за цел да ја превземаат контролата во партиската власт, како механизам за моќ, контрола и институционални придобивки. Овој начин на владеење е претворен во модел на практикување на власт во ДУИ, кој се одразува во секоја населба или регион, каде што има таканаречени локални `капо`-и. Ваквото функционирање ја поттикнува борба за преземање на локалните партиски престоли до последниот човек “ вели Насер Пајазити, основач и главен уредник на порталот Ина-онлајн.

Али Ахмети ја губи контролата?

ДУИ е еден конгломерат на различни струи, но Ахмети веќе неколку години успеваше да ги држи под контрола конфронтирањата и да создава една функционална хомогеност која му носеше победа на неколку изборни циклуси.

Но, сега проблемите на партијата кои се движат од молчелив внатрепартиски конфликт во многу ограноци и форуми, па се до физички ликвидации и тензии кои го одбележуваат начин на нејзиното функционирање го отвораат прашањето за капацитетот на самото раководство, кое е сконцентрирано во рацете на лидерот Али Ахмети.

„Сите овие жаришта и латентни тензии досега се контролираа од страна на Ахмети, но Куманово е јасен сигнал дека силата на овој лидер станува се побледа и тој веќе не може да ја контролира целата каста на команданти и војници од 2001 година, кои досега ги командуваше“ вели Пајазити.

Според него албанската политика станува агресивна поради недостатокот на вредности, демократија и конкуренција.

„Политичките партии имаат недопирливи ‘султани’ а во базата владее принципот на посилниот чиј што аргумент се агресивноста и елиминирањето на конкуренција“, вели тој.

Според Хајдари пак, не станува збор за слабеење на позицијата на лидерот, туку за метод на владеење кој нужно завршува со ваков резултат.

„Имам впечаток дека Али Ахмети, немајќи го потребниот интелектуално-политички капацитет за менаџирање на неговата партија и за реализирање на албанските интереси и не можејќи да ги исполнува се поголемите апетити на криминалните структури внатре во партијата, намерно создаваше вакви ситуации, сè со цел полесно да ги балансира спротивните групации“, вели Хајдари.

Тој оди и чекор понатаму препознавајќи го изворот на досегашното функционирање на најголемата партија на Албанците во Македонија со некогашните марксистичко – ленинистички ќелии.

„Методите на ликвидирање, кои се употребуваат денеска во ДУИ се слични со марксистичко-ленинистичките ќелии, кои порано дејствуваа во дијаспората, а ни ги донесоа ваквите фатални методи во албанската политика во Македонија“.

Инаку, за разлика од Партијата за демократски просперитет (ПДП) и Демократската партија на албанците (ДПА), како поголеми политички партии на Албанците по 1990 година, Демократската унија за интеграција (ДУИ), по 2002 досега не доживеала некој внатрешен потрес или појавување на фракции, иако понекогаш се појавувале критични гласови внатре во партијата. Таков беше случајот со Хисни Шаќири, кој поднесе оставка од функцијата потпретседател на собранието.