Вести

Заев: Монтирано е апсењето на Љубе Бошкоски

Аудио снимки од разговори за планот и за апсењето на поранешниот лидер на Обединети за Македонија и бивш министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, пропратени со голем број вулгарности и пцовки обелодени денеска СДСМ, во таканаречената „трета бомба“.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев обелодени аудио снимки за тоа како се местело апсењето на Бошкоски

Лидерот на опозицијата Зоран Заев обелодени аудио снимки за тоа како се местело апсењето на Бошкоски

Разговорите кои ги објави опозицијата, при денешното објавување на третата политичка бомба, наводно се водат меѓу директорот на УБК Сашо Мијалков, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, уредникот на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и поранешниот сопственик на Канал 5 телевизија, Емил Стојменов.

Овие разговори се однесуваат на периодот од 2011 година, за време на вонредните парламентарни избори, кога Бошкоски беше уапсен за незаконско финансирање политичка кампања, еден ден по изборите, поточно на 6 јуни 2011 година.

СДСМ тврди дека Мијалков знаел колку години затвор ќе добие Бошкоски

Во еден од разговорите, кој се случува на денот на изборите, на 5 јуни 2011 година, гласот за кој Заев вели дека е на директорот на УБК Сашо Мијалков му најавува на Павловиќ – Латас дека ќе има новости.

„Утре ќе правиме муабет и ќе ти кажам, ова што сум ти го кажал сега на што сум мислел“, вели тој.

Другиот разговор кој според СДСМ се одвива меѓу Мијалков и уредникот на Сител е на денот по изборите, кога се случи апсењето на Бошкоски пред ресторанот „Воденица“.

„Лежеше таму едно пола саат на стомак, врзан со лисици. Дојдоа новинари го испосликаа, лом го направија, вриштел:’ Сашо Мијалков ме намести и солзи течеле’,“ му се обраќа Мијалков на Павловиќ и додава „осум години ќе му биде за ова, да знаеш“.

Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, еден ден по завршувањето на изборите

Бошкоски беше уапсен на 6 јуни 2011 година, еден ден по завршувањето на изборите

За овој случај, наречен „Кампања“ Бошкоски беше првично осуден на 7 години затвор. Апелацискиот суд ја намали казната на 5 години, а Врховниот суд ја потврди петгодишната затворска казна за незаконско финансирање на изборната кампања. Поранешниот министер за внатрешни работи е осуден и на 10 и пол години затвор за случајот „Ровер“, во кој обвинетите се товареа за двојното убиство на Маријан Тушевски и Киро Јанев, што се случи во 2001 година.

Снимки за нарачувани телевизиски прилози од апсењето

Во разговорот што денеска го презентираше СДСМ, Мијалков му вели на уредникот на Сител:„ Што ти реков, ја од понеделник почињам да апсам! “

„Натоварен е со докази, не може да мрдне, ни Господ не го вади“,вели тој и додава дека парите на Бошкоски му ги дал „заштитен сведок“, одбивајќи понатаму да разговара за тоа.

Во друг разговор, кој беше презентиран како разговор меѓу Мијалков и Латас, директорот на УБК се жали дека не е задоволен како било презентирано апсењето на Бошкоски. Според снимката, Латас му се обраќа на Мијалков со „началниче“.

„Може и поубави слики да идат, слабо ми е, да знаеш. На Канал 5 е три пути боље, што е работата?“, прашува тој.

На ова, гласот за кој СДСМ тврди дека е на Павловиќ, одговара дека „на пет дена ќе ги врти снимките“ и дека „ќе им каже“, најверојатно мислејќи на колегите од телевизијата.

„Вечер ќе има изнесување од суд, внесување во суд. Али кога лежи доле, на улица како лежи бе као говедо. А?“, се слуша соговорникот .

Во еден од објавените разговори, гласот за кој СДСМ тврди дека е на поранешниот газда на Канал 5, Емил Стојменов, му честита на Мијалков за апсењето.

„Не, друже, алал нека ти е за ова денеска. Јас знам дека мене ми кажа ти, ама јас мислев од среда, среќен ден“.

„Не, не, ја реков од понеделник почињам и нема. И тоа почнав од тој што е вака нај, најубав за апсење“, вели Мијалков посочувајќи му на Стојменов да не ги замаглуваат снимките од апсењето на Бошкоски.

На ова, Стојменов му порачува на соговорникот дека има голем „ќеф да биде уапсен и Љупчо“, најверојатно мислејќи на Љубчо Георгиевски.

Канал 5 тогаш објави снимки од апсењето на Бошкоски, каде што ликот на поранешниот лидер на Обединети за Македонија не е замаглен.

Во еден од разговорите што ги објави СДСМ, за кои тврди дека станува збор за гласовите на Јанкулоска и портпаролот на МВР Иво Котевски, тие се договараат какви фотографии да се пуштат до медиумите. Тие се согласуваат дека не треба да се пуштат сниките каде што на Бошкоски „му бутаат пуштол во уста“, ама може да се пуштат оние каде што го легнуваат на асфалт.

„Сите што работеле за Љубе, сега нема да работат никаде“

Во еден од објавените разговори за кои од СДСМ тврдат дека станува збор за разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер, наводно министерката се заканува дека „сега што му биле обезбедување (на Бошкоски), нема повеќе да работат во МВР.

„Никаде нема да работат“, се вели на снимката и се додава дека треба да им се одржи лекција на оние што биле најекспонирани.

„И плус на комуњарите исто. Не може бе некој кај Рада (Радмила Шекеринска) у штаб вчера седи на прес, а да работи во институција државна. Треба една јака анализа, до формирање на нова Влада да ги исчистиме“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска.

Во разговорот се споменува и извесна Наталија од партијата на Бошкоски. Најверојатно се работи за Наталија Ивчева, која беше поранешна десна рака на лидерот на Обединети за Македонија. Ивчева тогаш држеше прес – конференција на која рече дека „власта гази по живи луѓе“.

Принт-скрин од изјавата на Наталија Ивчева непосредно по апсењето на Бошкоски

Принт-скрин од изјавата на Наталија Ивчева непосредно по апсењето на Бошкоски

Подоцна, Ивчева премина во ВМРО-ДПМНЕ, со зборовите дека „во овие моменти за секој човек кој ја сака сопствената држава, најголем приоритет е да не дозволи на власт да се вратат Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски“.

Набрзо по апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Ивчева премина во ВМРО-ДПМНЕ

Набрзо по апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Ивчева премина во ВМРО-ДПМНЕ

Во уште еден краток разговор кој им се припишува на Јанкулоска и Протуѓер, тие договараат што да се направи со автобусите од опозицијата кои тргнале на протест од Прилеп.

„Де бе, што се секираш, ќе ги средиме ние“, одговара гласот за кој Заев тврди дека е на министерката за внатрешни работи.

Заложници во сопствената држава

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека на секоја прес – конференција ќе објавува сè поскандалозни аудио-снимки. Тој рече дека не очекува правна разрешница на случајот, туку единствено политичка. Заев не ја иззема можноста да биде уапсен поради објавените снимки.

„Мијалков и Груевски, и сѐ е можно“, рече Заев, додавајќи дека станува сè појасно „какви заложници сме сите во сопствената држава, каде нема систем, туку сè е издиригирано од таа мала група – фамилијата на Никола Груевски.