Вести

Револтирани граѓани се собираат пред Владата

Насобраните граѓани пред Владата велат дека се шокирани од денешните аудио снимки што ги објави СДСМ за наводното монтирано апсење на Љубе Бошкоски и бараат одговорност од власта.

Оградата пред Владата е излепена со пораки од револтирани граѓани | Фото: М. Јордановска

Оградата пред Владата е излепена со пораки од револтирани граѓани | Фото: М. Јордановска

„Убијци“, „садисти“, „психопати“ пишува на листовите хартија закачени на оградата пред Владата, поставени од граѓани кои спонтано се собираат да изразат револт, откако СДСМ денеска обелодени аудио снимки за наводно монтирање на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски во 2011 година.

Насобраните граѓани пред Владата велат дека се шокирани од денешните аудио снимки и бараат одговорност од власта. На разглас во меѓувреме се слуша аудио снимката од разговорите што денеска ја објави СДСМ, а автомобилите по улиците свират во знак на поддршка на насобраните граѓани.

Насобраните граѓани велат дека се шокирани од денешните објавени аудио снимки за апсењето на Бошкоски | Фото: М. Јордановска

Насобраните граѓани велат дека се шокирани од денешните објавени аудио снимки за апсењето на Бошкоски | Фото: М. Јордановска

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција во која се вели дека Заев свесно „продолжува да одработува за странските центри на директна штета на интересите на Република Македонија“.

„Зоран Заев со секој негов чекор без дилема потврдува дека креираните материјали кој ги употребува се креирани во соработка со странски центри, а тој е инструмент во спроведувањето на нивното сценарио. СДСМ и Заев не можат да бидат конкурентни со програма, проекти и идеи корисни за граѓаните, туку единствено се добри кога станува збор за исполнување на туѓи агенди кои се штетни за сопствената држава“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Заев на прес-конференции искажал куп лаги, конструкции и невистинити квалификации за да ја „разнебити државата“.

Зоран Заев на денешната прес-конференција обелодени аудио снимки за кои вели дека се доказ за монтираниот процес против Бошкоски | Фото: М. Јордановска

На денешната трета по ред објавена „бомба“, СДСМ обелодени аудио снимки од разговори за планот и за апсењето на поранешниот лидер на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски. Според СДСМ, разговорите се водат меѓу директорот на УБК Сашо Мијалков, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, уредникот на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и поранешниот сопственик на Канал 5 телевизија, Емил Стојменов.