Вести

Никој не ја демантира автентичноста на снимките од СДСМ

Иако главните актери во новата серија на објавени снимки на СДСМ за партиски влијанија и местенки во правосудството одбиваат да дадат коментар, никој досега не ја оспори автентичноста на снимките.

насловна

Брачниот пар Михајло и Филимена Маневски одбиваат да одговорат дали аудио снимките кои вчера ги објави СДСМ се автентични, односно дали вршеле ургенции за судски предмети.

СДСМ вчера објави снимка за која лидерот на партијата Зоран Заев рече дека станува збор за разговор меѓу тогашниот министер за правда Михајло Маневски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Во разговорот се слуша како се ургира за пресуда од Врховниот суд против братот на Лина Петровска, член на Судскиот совет. Одлуката била донесена во време кога претседател на Врховниот суд беше Јово Вангеловски.

Не можам сега да зборувам за снимките, рече Маневски и ни спушти слушалка

Не можам сега да зборувам за снимките, рече Маневски и ни спушти слушалка

Маневски не сакаше да одговори на прашањето на БИРН дали снимката е автентична.

„Не можам да зборувам сега, на седница сум“, рече Маневски и ни спушти слушалка.

Инаку, Михајло Маневски сега е член на Советот на град Скопје.

Извори од Врховниот суд ни потврдија дека постоел предмет кој се однесувал на Емил Крстевски, братот на Лина Петровска, кој добил отказ од работното место во Собрание. Отказот му го врачил Трајко Вељаноски, претседател на Собранието и кум на тогашниот претседател на Врховниот суд Вангеловски.

Станувало збор за работен спор кој не завршил во корист на Крстевски.

Маневска одбива да коментира

Во изјавата за „Сител“, Павловиќ не ја оспори автентичноста на снимките

Во изјавата за „Сител“, Павловиќ не ја оспори автентичноста на снимките

СДСМ вчера објави и снимка за која тврдеше дека станува збор за гласовите на уредникот од Сител Драган Павловиќ Латас и тогашната судијка во Апелацискиот суд Филимена Маневска, сопруга на Михајло Маневски. Во разговорот се слуша дека наводно Латас ѝ кажува на судијката дека предметите што ги добивал пред првостепениот суд, паѓале на второстепениот, на што наводно Маневска одговара: „Ама Латас, јас ви реков, како стасува на Апелација, одма јавете ми“.

Разговорот се однесува на три предмети кои наводно Латас ги имал со Александар Маниќ, со новинарот Борјан Јовановски и со претседателот на Советот за радиодифузија.

Маневска одби да одговори на нашето прашање дали снимката што ја објави СДСМ е автентична.

„Не сакам ништо да коментирам, на колегиум сум“, ни рече таа и ја спушти слушалката.

Инаку Маневска сега е вработена во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

Маниќ потврди дека пресудата од Апелацискиот суд била во негова корист, но изненаден е дека Латас наводно се јавувал за да ургира да се смени пресудата.

„Го тужев за клевета оти перманентно ме навредуваше во медиуми. Напиша дека не сум плаќал кирија и дека сум криминалец. На суд донесов еден куп докази. Во тие години додека се тужевме, се сменија тројца судии, а Латас не дојде ниту еднаш на суд. Апелација пресуди според доказите. Но, ова сега, да се јавуваш на претседател на Апелација, ова е посерионо од тоа што го тужев. Ако се сменат работите во државава ќе биде интересно“, изјавил Маниќ за Плусинфо.

Павловиќ на вестите на „Сител“ рече дека никогаш досега не добил пресуда од македонски новинар. Во изјавата, меѓутоа, тој не ја спори автентичноста на снимките.

„Тоа што е ваму посочено е жалба за судијка Мирјана Дуковска која е баба на Јован Деспотовски од извршниот одбор на СДСМ. Сите три случаи кои ги добив првостепено таа на Апелација ги поништи и пресуди во корист на интересите на СДСМ“, изјави Павловиќ на вестите на „Сител“.

Зврлевски: Не сум постапувал по пријава за Ставрески

Од мене никој нема побарано да се отфрли кривична пријава, вели Зврлевски

Од мене никој нема побарано да се отфрли кривична пријава, вели Зврлевски

Во вчерашните снимки што ги објави Заев има и разговор кој наводно се води меѓу министерката Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески. Во снимката, гласот за кој од СДСМ тврдат дека е на Јанкулоска, вели дека зборувала со тогашниот скопски јавен обвинител Марко Зврлевски (актуелен државен јавен обвинител) за да биде отфрлена кривичната пријава која „Транспарентност нулта корупција“ ја поднела против Ставрески.

Разговорот најверојатно потекнува од 2011 година, кога Транспарентност – нулта корупција обвини дека власта од буџетот незаконски им дели пари на партиите. Тие поднесоа три иницијативи до Уставниот суд и кривична пријава до обвинителството бидејќи сметаа дека спорно упатството за распределба на пари од буџетот кое министерството за финансии го донело во 2010 година.

„Точно е дека поднесовме кривична пријава која беше експресно отфрлена. Очигледно е дека постои влијание врз обвинителството и судството. Со овие нови моменти кривичната пријава против Ставрески треба да продолжи да се процесира. Кривично дело сторил и Марко Зврлевски и тој треба да одговара. Очигледно е дека Ставрески бил загрижен затоа што бил свесен за незаконитоста на неговите дејства со носењето на правилникот“, вели Слаѓана Тасева, поранешен претседател на Транспарентност нулта корупција (актуелен претседател на Транспаренси – Интернешнл Македонија.

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски денеска изјави дека не сака да ги коментира наводите на СДСМ и дека никогаш не постапувал по пријава каде што како пријавено лице се наоѓал министерот Ставрески.

„Од мене никој нема побарано да се отфрли кривична пријава. За сите предмети за кои е отфрлена кривична пријава се известува оштетениот, односно подносителот на пријавата, и истиот има право да поведе постапка пред суд или да поднесе жалба до повисокиот обвинител”, рече Зврлевски.

Судијата Крстески: Моето унапредување нема политичка позадина

БИРН стапи во контакт со Никола Крстески, судијата за кој наводно се зборува во еден од разговорите меѓу Јанкулоска и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески. Во разговорот, гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска прашува дали Крстески е „наш човек“.

„Значи вака, може да го сметаме 100% наш? Знаеш, ама гарантирано, нешто ако треба да застане јако на наша страна“, наводно прашува Јанкулоска.

„Наш е тој. Порано во Народна (партија) луташе, али наш е“, одговара гласот за кој СДСМ тврди дека е на Ристески.

Според податоците од веб страната на Апелацискиот суд во Битола, Крстески бил унапреден во од судија во прилепскиот суд во апелациски судија во 2011 година. Го прашавме дали можеби неговото унапредување има било каква врска со разговорот кој наводно се водел меѓу Јанкулоска и Ристески.

крстески

„Немам што да коментирам. Јас работам професионално. Таквиот разговор, ако навистина се случил, нема врска со моето унапредување. Никогаш не сум бил политички активен. Легитимно е да се прави муабет за било кој“, изјави Крстески за БИРН.