Интервјуа

Заев: Во моментов нема услови за фер избори

Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Тоа требаше да се случи вчера, ако се сакаше изборите да бидат на 24 април, вели за БИРН, Зоран Заев. Тој очекува и ВМРО-ДПМНЕ да го предаде својот дел од прислушуваните материјали за кои тврди дека власта ги поседува. Уверува дека СДСМ не влетала во стапица со „Фабриката за афери“.

Избирачкиот список и состојбата во медиумите, двете болни точки од Пржино | Фото: БИРН

Избирачкиот список и состојбата во медиумите, двете болни точки од Пржино | Фото: БИРН

На последниот ден кога премиерот Никола Груевски треба да даде оставка, според договореното во Пржино, разговаравме со неговиот најлут противник, претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Премиерот требаше да се повлече најмалку три дена пред 15-ти јануари, односно вчера, за да се испочитуваат сите процедури и рокови во кои може да се постави нов премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Зошто? Не може Груевски на 15 јануари да даде оставка и истиот ден да се избере нов премиер, тоа се веќе очигледно пробиени рокови. Сепак, од огромна помош е доаѓањето на Хан и очекуваме да се допрецизираат термините за дореализација на задачите од Пржино“ вели Заев коментирајќи ја дипломатската офанзива неделава за почитување на роковите за преземените обврски.

Заев потенцира дека за СДСМ е најважно 100 дена пред изборите да има нов претседател на Владата.

„Јас и вие како медиум, а и целата македонска јавност знае дека не се создадени услови да имаме фер и демократски избори“, вели лидерот на социјалдемократите.

Не се исполнети сите точки од договорот

Според него не се исполнети сите точки од договорот од Пржино, меѓу кои најважни се проверката на избирачкиот список и регулацијата на медиумите.

„И најголемите лаици знаат дека со милион и 800.000 гласачи, колку што брои последниот избирачки список, Македонија не може да оди на избори. Ние сме помалку од милион и 600.000 жители, малолетни се некаде околу 400.000, а имаме фиктивни лични карти и дупликат гласачи. Тоа мора да биде прочистено.“

Регулацијата на медиумите, вели Заев, е точка од договорот која има директно влијание врз изборите.

„Треба да има нов и експертски состав на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на сто дена до изборите и нов директор, за да очекуваме дека агенцијата ќе реагира на ширењето омраза, нерамноправна застапеност и на кршење на професионалните стандарди. Треба да се случат промени на персоналниот состав на МРТВ и на МИА и сето тоа да се реализира не подоцна од 100 дена пред изборите, а тоа е, според првичниот договор, на 15 јануари. Невозможно е тоа да се постигне.“

Заев вели дека не може да лицитира со нов датум за избори, бидејќи СДСМ е само еден од учесниците во процесот.

„ДИК е сега најмеродавната институција која треба да ги направи плановите и пресметките, согласно новиот Изборен законик. Изборната комисија мора да направи совпаѓање на сите фотографии од биометриската документација, за да нема дупли фотографии, поклопување на сите бази на податоци и да ја спроведе теренската проверка на избирачкиот список и според таа математика да дефинира кога може да го затвори списокот, односно на десет дена пред изборите како што е според закон.“

Тој вели дека сите опции се отворени, од април преку јуни, па сè до септември.

„Нека ги кажат конкретните термини кога ќе стигнеме со избирачкиот список и кога ќе се постигне договорот за медиумите и според тоа да се прецизираат датумите на завршување на овие процеси и оттука натаму да се димензионира датумот за ибори.“.

И ВМРО-ДПМНЕ да ги предаде нивните материјали од прислушувањето

Заев смета дека Груевски во Вашингтон покрај другите теми, на средбата со американскиот потпретседател Џо Бајден разговарал и за сите точки од Пржинскиот договор, вклучително и за неговата оставка.

„Она што сигурно се разговарало е она што Стејт департментот го соопштува изминативе месеци.“

Заедно со европарламентарците вчера лидерот на СДСМ ги констатирал завршените и незавршените задачи од Договорот и очекува тие да заклучат што треба да се доврши за да се утврди датумот за изборите.

„Им ги кажавме сите детали од преговарачкиот процес, она што ние го очекуваме да биде довршено, меѓутоа и она коешто треба да се исполни според договорот, а не влијае на фер и демократски избори, како што е нашето очекување ВМРО-ДПМНЕ да ги предаде материјалите од неовластеното прислушување, како што тоа ние го направивме. Тие имаат два или три пати повеќе материјали од нас.“

ласта има два-три пати повеќе прислушувани материјали | Фото: БИРН

ласта има два-три пати повеќе прислушувани материјали | Фото: БИРН

Од петочната посета на Хан го очекува она што комесарот го правел и во претходните визити, да ѝ помогнел на Македонија да излезе од кризата и точно да побара од сите страни во Пржино да го спроведат договореното.

Сума го има во прислушуваните материјали, го толерирале

Случајот „Фабрика за афери“ за него е уште една режија на ВМРО-ДПМНЕ која сме ја виделе со аферата „Пуч“ и тој инсистира да се почека истрагата што ја води Јавното обвинителство, истрагата да покаже кој и зошто ги произведувал фиктивните лични карти. На нашето прашање дали Заев или некој од СДСМ тргувал со снимките најдени во станот на Бекир Зекири – Чаушот, тој вели:

„Господ да чува и да брани! Зоран Заев е чуварот на овие снимки од неовластеното прислушување, кои ги предадов на СЈО. Не да нема такво нешто, ни на крај на памет такво нешто нема да се случи.“

Тој вели дека ако навистина се најдени снимки, како што кажувале медиумите и Јавното обвинителство, тој очекувал истрагата да покаже од каде се тие снимки.

„Јас знам од каде се! Не би сакал да влијаам врз истрагата, ама кажувам – Сашо Мијалков и власта имаат два-три пати повеќе материјали отколку што имавме ние“, вели Заев и уште еднаш потенцира дека нема шанси снимките да потекнуваат од него.

Не ја негира средбата со Зекир Бекири – Чаушот, бидејќи, како што вели, тој бил член на СДСМ и појаснува дека заедничката фотографија во неговиот кабинет на „Бихаќка“ е постара, направена пред неколку години.

Заев уверува дека „Фабрика за афери“ не е замка во која упаднале тој и неговите соработници, зашто, како што вели, бил чист пред Бога и пред законот и затоа немало таква замка што може да го улови.

Меѓутоа и тој смета дека е чудно однесувањето на еден од осомничените во „Фабриката за афери“, Аднан Сума, кој не беше задржан во притвор и на Фејсбук напиша дека министерот Оливер Спасовски е прекрасна личност, порака која им дојде како пенал на ВМРО-ДПМНЕ и на дел од медиумите.

„Само нека ги проверат снимките од неовластеното прислушување и тоа колку години биле следени овие луѓе и зошто ништо не е преземено против него.“

Снимки и за други криминали, тешки колку „кинеските провизии“

Првиот човек на СДСМ вели дека во делот на финансиските криминали, постојат снимки со индиции за други скандали што не ги објавил во рамките на проектот „Вистината за Македонија“ и кои сега се кај специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Според моите убедувања постојат и други случаи, големи и скандалозни како ‘кинеските провизии’ и како другите крупни афери што ги објавивме.“

Убеден е дека ако се обезбедат услови за фер и регуларни избори, граѓаните ќе ја видат леснотијата со која Никола Груевски ќе замине од власт. Можната „трампа“ со името на сметка на продолжувањето на мандатот на Груевски за лидерот на СДСМ е илузија.

„Граѓаните мора да знаат дека Груевски веќе не е тој што одлучува, заврши неговото време. Не може ниту да се обидува, а не дај Боже и да му падне на памет да го трампа уставното име на Република Македонија, тоа е невозможна мисија и може да биде само лага со опашка пред меѓународната заедница“, вели Заев.