Регион

Здравјето на Ратко Младиќ се влошува, тврдат адвокатите

Младиќ во судницата во Хаг, за време на жалбениот процес, во август 2020 година. Фото: ММКТ/Лесли Хондебринк-Хермер

Миодраг Стојановиќ, член на адвокатскиот тим на Ратко Младиќ, денеска за БИРН изјави дека здравствената состојба на поранешниот командант на ВРС, кој во единицата за притвор на ММКТ во Хаг чека да биде префрлен во друга држава на отслужување на доживотна казна затвор, е влошена.

„Шеќерот во крвта му е многу висок и тоа се одрази на работата на бубрезите, така што тој е во многу лоша состојба“, нагласи Стојановиќ.

Синот на Младиќ, Дарко, исто така, за „Вечерње новости“ вчера изјави дека неговиот татко имал висок шеќер во крвта и сериозни проблеми со бубрезите, како и дека е „многу немоќен“.

„Не му велат ништо. Само му носат во ќесе лекови за пиење, а тој не знае ниту кои се, ниту зошто се“, изјави, Дарко Младиќ.

Тој наведува дека ММКТ не му кажува ништо на семејството на Младиќ, ниту пак на неговите адвокати, и дека од Механизмот не им била испратена неговата медицинска документација.

„Тој побара целата таа медицинска документација да биде испратена до мене и до адвокатскиот тим, но сѐ уште не сме добиле ништо“, потенцира Дарко Младиќ.

Од ММКТ велат дека поради доверливост, не можат да ја коментираат здравствената состојба на Младиќ.

Младиќ (78) во притворот имаше неколку сериозни здравствени проблеми – претрпе два мозочни и еден срцев удар. Тој, исто така, минатата година имаше операција на дебелото црево.

Неговите адвокати постојано тврдеа дека тој не добива соодветен медицински третман и дека неговите здравствени проблеми се потценуваат. Судот во повеќе наврати ги отфрла барањата за хоспитализација на Младиќ.

Во јуни оваа година, Младиќ беше осуден за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ цела земја, за тероризирање на граѓаните на Сараево со гранатирање и снајперски оган за време на опсадата на градот и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Тој беше осуден на доживотен затвор, но сѐ уште не е точно утврдено каде ќе ја издржува казната.

„Таа одлука активно се разгледува. Ќе биде усвоена на време, во согласност со правната рамка на Механизмот“, изјави за БИРН, портпаролката на ММКС, Хелена Еглстон.