Репортажи

Зимата е нов предизвик за бегалската криза во Македонија

Македонскиот претседател Иванов не беше единствениот политичар што беше исмеван поради неговиот настап на мини-самитот на ЕУ посветен на бегалската криза. И додека нашите интернетџии му фаќаа сеир на Иванов, зашто не ги разбира прашањата на англиски, новинар од Хрватска на својот Фејсбук-профил коментираше дека го интересира „како тоа балканските државички во обид пресметале колку бегалци можат да вдомат“.

Gevgelija Refugees by SJM (26)

Тоа што Македонија седна на иста маса со европските држави на ЕУ-самитот засега не ги мотивира властите дополнително да се заложат околу бегалската криза, иако се далеку поорганизирани споредено со летоска / Фото: БИРН

„Како доаѓаат до цифрата од илјада, две или три илјади? Која им е таа пресметка?“, праша новинарот, на што еден од неговите Фејсбук-пријатели шеговито коментираше дека, за жал, балканските политичари до толку знаат да бројат.

Оваа шега се однесува на дел од планот од 17 точки на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во кој се вели дека Балканот во наредниот период треба да згрижи околу 100.000 бегалци од Сирији и од Блискиот исток. Од овие 100.000, половината ќе се задржат во Грција, додека другите балкански држави треба да ги поделат останатите.

Во однос на планот, претседателот Иванов на течен македонски јазик објасни дека државава може да згрижи максимум 2.000 бегалци и тоа со помош на УНХЦР и на Црвениот крст.

„Нема материјал за вас новинарите!“

Gevgelija Refugees by SJM (18)

Во кампот им ги прегледуваат документите од грчките власти, им нудат храна, прва помош, имаат место децата да си поиграат и да се пресоблечат во нова облека, возрасните да се напијат кафе и чај и по четири до пет часа заминуваат за север / Фото: БИРН

Македонските власти не се прославија со третманот на бегалците и на азилантите.

„Хјуман рајтс воч“ тврди дека македонските полицајци малтретирале, навредувале и им се заканувале на дел од мигрантите што лани и оваа година поминале низ државава во обид да побараат азил во западноевропските земји. Билетот за возот од Гевгелија до Табановце со почетокот на бегалската криза нагло поскапе од 300 денари на 25 евра.

Тоа што Македонија седна на иста маса со европските држави на ЕУ-самитот засега не ги мотивира властите дополнително да се заложат околу бегалската криза, иако се далеку поорганизирани споредено со летоска. На патот од Демир Хисар до Гевгелија ентузијазам се препознава само кај возачите на жолтите такси-возила кои ревносно ги превезуваат бегалците до северната граница и тоа за 25 евра по човек. Сто евра од тура!

Најмалку педесетина таксисти вчера наутро се движеа по патот од Гевгелија кон север и тоа беше жолта колона што им упаѓаше в очи на сите што се движеа кон југ. И така е секој ден, велат гевгеличани, а уште десетина автобуси и уште двојно повеќе таксисти чекаат полицијата да ги пушти мигрантите преку мостот од меѓуграничната зона.

Од ова место до кампот за згрижување на бегалци води земјен и нерамен пат, а некаде на средина од таа проширена козја патека има знак кој предупредува дека во зоната смеат да се движат само оние со дозвола. Предупредувањето не е потребно за да сфатите дека на тоа место се случува нешто вонредно, доволна е глетката од расфрлани хартии, пакувања од храна и од пластични шишиња. Оваа количина на отпад е разбирлива, бидејќи по патеката минуваат иладници мигранти секој ден.

Gevgelija Refugees by SJM (27)

Сега бегалците купуваат билети на самиот влез од вагоните / Фото: БИРН

Кога пристигнавме пред самиот камп веќе се одвиваше „најголемата“ градежна акција на нашите власти. Работниците со вилјушкар носеа монтажна билетара на железничката станица, бидејќи сега бегалците купуваат билети на самиот влез од вагоните.

Таму на секој половина час доаѓаат по педесетина бегалци, како што ги пуштаат во групи од Грција. Во кампот им ги прегледуваат документите од грчките власти, им нудат храна, прва помош, имаат место децата да си поиграат и да се пресоблечат во нова облека, возрасните да се напијат кафе и чај и по четири до пет часа заминуваат за север. Имаат и приклучоци за струја за да ги наполнат мобилните телефони.

Gevgelija Refugees by SJM (15)

Деца во катчето на УНИЦЕФ / Фото: БИРН

Во катчето на УНИЦЕФ украсено со цртежи од малите Сиријчиња, децата боеја, си играа со колички и со кукли, а една мајка му менуваше пелени на бебето.

„Нема веќе материјал за вас новинарите, да фотографирате бегалци пред жица и во вода! Многу е поорганизирано“, вели полицаецот со очила за сонце што ги дочекуваше бегалците кои вчера во најголем број доаѓаа од северниот дел на Авганистан.

Тој вели дека полицијата е толку организирана што помогнала да се спасат луѓе од брод што тонел во Егејското Море. На бродот се наоѓал братучед на еден од бегалците во гевгелискиот камп и тој ги алармирал нашите полицајци да помогнат. Македонските власти веднаш ги известиле грчките кои час поскоро го пронашле пловилото и ги спасиле мигрантите.

„It’s a true story!“, одважно и на англиски нè дополни полицаецот кога слушна дека случаката ѝ ја прераскажуваме на новинарка од Романија.

Нервоза и по некоја пцовка

Gevgelija Refugees by SJM (28)

Тепачките обично се случуваат, бидејќи возот собира околу 200 луѓе, а како што велат волонтерите, кондуктерите често пуштаат повеќе луѓе во вагоните / Фото: БИРН

Низ кампот дневно минуваат по неколку илјади бегалци, меѓутоа имало денови кога доаѓале повеќе од 10.000, а еднаш се случило и да се натфрли бројката од 20.000 луѓе. Таму во моментов нема капацитет да се задржуваат бегалците на подолго, впрочем, местото е обична ливада до која сè уште има штала со свињи и оттаму се шири реа.

„Овде собира максимум 3.000 души и тоа во случај ако сите стојат“, раскажува еден од волонтерите.

Во кампот нема сериозно напојување со струја, сијалиците работат, меѓутоа, како што велат волонтерите, каблите нема да издржат грејалки кои сигурно ќе бидат потребни во зимскиот период. Со вода се снабдуваат од резервоар, а тоалетите се пристојни и таму бегалците можат да се истушираат, но тоа важи само за летниот период, бидејќи монтажните тоалети ниту се загреани, ниту пак, имаат простор човек посериозно да се погрижи за хигиената.

Gevgelija Refugees by SJM (12)

И покрај тоа што претставниците на УНХЦР и Црвениот крст се растрчани, сепак повеќето од нив се љубезни со бегалците, нешто со што не можат да се пофалат баш сите полицајци / Фото: БИРН

Пред тоалетите стои човек, локалец кој со свирење и со гестикулации им помага на бегалците да се снајдат.

„Сапуни нема, ги земаат. Те молам измиj се надвор на чешмите, оти ако те видат бегалците дека се миеш внатре и тие ќе дојдат. Тука славините се чудни, треба да се стискаат и тие ги расипуваат. Така е, што да правиме“, вака објасни човекот пред тоалетот кога го прашавме за кого ги чуваат чешмите.

И покрај тоа што претставниците на УНХЦР и Црвениот крст се растрчани, сепак повеќето од нив се љубезни со бегалците, нешто со што не можат да се пофалат баш сите полицајци. За време на нашиот престој од речиси два часа, барем неколку пати припадници на МВР остро им се обратија на бегалците, а еден очигледно многу нервозен полицаец викаше и сочно ги пцуеше на македонски.

„Ак не ги боле, нек’ се тепаат!“, искоментира друг полицаец на железничката станица кога неговите колеги од специјалната единица се стрчаа да ги раздвојат бегалците што се степале и скршиле прозорец во возот.

Тепачките обично се случуваат, бидејќи возот собира околу 200 луѓе, а како што велат волонтерите, кондуктерите често пуштаат повеќе луѓе во вагоните.

Река луѓе и од северен Авганистан

Gevgelija Refugees by SJM (10)

Шеснаесетгодишниот Рамазан од северен Авганистан избегал од градот Херат заедно со семејството на брат му, откако во борбите загинал нивниот татко / Фото: БИРН

Таткото и мајката на четиригодишниот Армин, сепак, се задоволни. Го научиле малиот да вели „thank you“, а толкаво е и нивното познавање на англискиот јазик. Во комуникацијата ни помогна нивниот сопатник, 16-годишниот Рамазан од северен Авганистан, кој избегал од градот Херат заедно со семејството на брат му, откако во борбите загинал нивниот татко.

„Англиски научив во школо“, вели Армин кој носеше синџирче со грбот на фудбалскиот клуб Барселона.

Gevgelija Refugees by SJM (20)

Според полицајците на терен, деновиве има многу помалку бегалци од Сирија, а зголемен е бројот од Авганистан / Фото: БИРН

Полицајците велат дека со Авганистанците потешко се разбираат, бидејќи немаат преведувач од јазикот фарси, кој го зборуваат овие луѓе од северот на Авганистан и кои се разликуваат од Сиријците со тоа што имаат посветла кожа и малку искосени очи.

„Овие денови само пет проценти можеби се Сиријци, не знам зошто е така. Дали Грците ги праќаат во вакви групи или едноставно така се погодило“, ни објасни полицаецот со очилата за сонце.

Ако им се верува на метеоролозите, почетокот ноември ќе биде милостив за емигрантите во Гевгелија, бидејќи идната недела дневните температури ќе се искачуваат и над 20 Целзиусови степени. Меѓутоа, зимата е зад аголот и доколку нешто посериозно не се направи во наредните неколку недели, можно е да се повторат немилите сцени од летото.

Предизвикот е уште поголем ако се земат предвид проценките дека најмалку 50.000 бегалци ќе ја минат македонската граница во наредниот период.