Репортажи

Средношколски пленум: Ја навредивте сопствената иднина

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Средношколците бараат да се укине екстерното тестирање што се спроведува последните три години и сакаат, како што велат, вистински модел на екстерна евалуација, а не екстерно тестирање и оценување.

Околу илјада средношколци од скопските училишта денеска попладне маршираа против екстерното оценување и воведувањето на новините во матурските испити.

Предводени од членовите на Средношколскиот пленум околу 13 часот се собраа кај фонтаната во Градскиот парк и оттаму, покрај Владата и по булеварот „Климент Охридски“ маршираа сѐ до седиштето на Министерството за образование и наука, кое се наоѓа во зградата на поранешното НИП „Нова Македонија“, спроти Паркот на новинарите каде пролетоска средношколците кампуваа поради идентичните барања.

nikola

Никола Крстевски од Средношколски пленум / Фото: БИРН

„Нѐ нарековте општествена катастрофа, ја навредивте и ја наклеветивте сопствената иднина и за тоа ќе одговарате, ако ништо друго, ќе одговарате пред историјата“, му порача на министерот Абдилаќим Адеми, Никола Крстевски од „Средношколски пленум“ пред зградата на министерството.

Тој го смета министерот Адеми за директно одговорен зашто многу негови пријатели и роднини ја напуштиле државава и зашто нивниот потенцијал ќе го користи друга татковина.

„Сакаме да живееме заедно дома и образованието е цврстиот столб на нашиот заеднички живот тука“, намерно два пати повтори Крстевски за министерот да ја сфател пораката.

На протестот се појавија и дел од членовите на Студентскиот пленум, кои пред една година ја почнаа битката против воведувањето на екстерното на факултетите. Поддршка на средношколците им даде и пратеничката и професорка Солза Грчева.

Адеми пред десет дена изјави дека министерството има одредени размислувања околу новиот модел на екстерно, меѓутоа не сакаше да ги соопшти додека не формира конечен став во соработка со работните групи и дебатирајќи со сите засегнати. Токму оваа изјава ги налути средношколците.

Членовите на Средношколскиот пленум веднаш писмено му реагираа, бидејќи, како што рекоа, новиот модел повторно е таен за нив. Иако Адеми вети дека пленумот ќе биде вклучен во изработката на новиот модел, пленумците коментираат дека тоа е задоцнета покана. Сметаат дека промените се избрзани и оти нема да бидат продуктивни, бидејќи ќе се спроведат за нецели три месеци.

Посебно инспиративен за средношколците беше настапот на професорот Душко Стојановски од скопската гимназија „Орце Николов“ чиј говор пред министерството учениците го проследија со аплауз и го поддржаа со свиркање.

„Овие овде во министерството се безгласни букви, трабанти. Ова не е министерство, ова е трговско друштво со ограничена одговорност и тие внатре реагираат само кога во прашање се тендерчиња. Не им се обраќам ним, ѝ се обраќам на македонската јавност! Како очекувате овие повторувачи да разберат што е образовен процес?“, праша професорот.

Тој им порача на учениците дека се првиот знак на демосот, а тој е убеден дека каде има демос таму ќе има и демократија.

profa

Професорот Душко Стојановски / Фото: БИРН

“Последните неколку дена се растрчаа инспекциските служби во училиштата за да го спречат маршот, наместо да ве сослушаат. Тоа беше исто ако полициска акција, половина од училиштата ги затворија учениците. Меѓутоа, ништо со сила не се решава, револтот кога тогаш ќе излезе на површина. Како сакате да имаат суштина овие реформи кои произлегуваат од нешто празно, исто како главите на овие во оваа зграда. Тие го разбираат само господин Профит. Ни самиот премиер не знае кои се членовите на работните групи, бидејќи веројатно такво нешто нема. Тој „големиот“ неодамна ги навреди и родителите и нас наставниците кога изјави дека никој не се грижел за учениците. Само тој се грижел“, иронично заврши Стојановски.

Средношколците за време на целиот марш извикуваа: „Доста беше молк“, носеа транспаренти, свиреа со свирчиња и ги повикуваа граѓаните од кафулињата и од улиците да им се придружат на протестот, а од шоферите бараа да ги поддржат со сирените.

Цело време ги придружуваа десетици полицајци, меѓу кои имаше и припадници на специјалните единици на МВР.

Средношколците бараат да се укине екстерното тестирање што се спроведува последните три години и сакаат, како што велат, вистински модел на екстерна евалуација, а не екстерно тестирање и оценување, бидејќи наставниците и така ги оценуваат во текот на целата учебна година.

Велат дека на екстерната евалуација треба да ѝ претходи вистинска јавна дебата со вклученост на сите засегнати, а во меѓувреме да се укине екстерното тестирање кое се спроведуваше претходниве три години. Сакаат новиот модел на екстерна евалуација да важи за генерациите што ќе се запишат по негово донесување и со него ниеден ученик да не биде оштетен.

Пленумци вчера реагираа дека раководствата на средните училишта се обидувале да го саботираат денешниот протест. Им се заканувале на учениците со педагошки мерки, намалени оценки и поведенија, а во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, како што тврдат од пленумот, дури ги уценувале дека нема да одат на екскурзија во Белград, иако веќе платиле за патувањето. Според нивните зборови, слично нешто се случувало и денеска во уште неколку училишта и затоа протестот не бил помасовен.

Средношколскиот пленум најави дека утре нивните истомисленици од Куманово ќе излезат на протест.