Вести

Ердоган барал ѓуленисти и меѓу странските студенти во Турција

Инструкциите ги добиле и студентите Македонци, кои студираат во Турција

Студентите-стипендисти на Турската влада, меѓу кои има и македонски државјани, неколку дена по јулскиот пуч добиле е-пораки со предупредување дека ќе ја изгубат стипендијата и ќе бидат протерани доколку се поврзани со движењето на озлогласениот проповедник Фетула Ѓулен, кого власта на Ердоган го смета за организатор на обидот за воен преврат.

Во дописот се предупредуваат студентите да внимаваат на таканаречените ѓуленисти и се замолуваат секој проблем, којшто би произлегол од овие структури, да го пријават во безбедносните структури или кај турското претседателство.

„Исто така, на студентите кои ќе бидат поврзани со оваа терористичка организација или пак, ќе имаат заеднички активности со неа, ќе им се откаже стипендијата и веднаш ќе се започне процес на кривично гонење и протерување“, пишува во е-пораката што стигнала до Македонец кој  студира во северниот дел од Турција.

Властите, како што стои во писмото, морале да реагираат, бидејќи организацијата која официјална Анкара ја нарекува ФЕТО, наводно се обидувала да ги искористи странските студенти во Турција, заштотаа обично дејствувала преку образованието.

Како што беше случајот и во јавните настапи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, така и во овој допис Турската влада нема сомнеж дека зад обидот за воен удар стои проповедникот кој живее во прогонство во американската сојузна држава Пенсилванија, иако од пучот не била помината ниту една седмица.

Пораката на турската влада до стипендистите

Пораката на турската влада до стипендистите

„Турција се менуваше и пред пучот“

„На студентите стипендијата им е сѐ во моментов. Сите се вознемирија кога ја добија поракава“, вели нашиот соговорник чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата, меѓутоа нема да го објавиме со цел да го заштитиме.

Аплицирал на програмата Турски стипендии преку интернет и одреден период слушал предавања во оваа земја. Станува збор за меѓународна стипендиска програма финансирана од Турската влада и како што велат оттаму, целта на програмата е да се подобри соработката меѓу државите и глобално да се унапреди образованието.

На програмата годишно се пријавуваат и стипендии добиваат многу ученици од Македонија и од Балканот, иако најчести корисници на програмата се младите од Африка и од Блискиот Исток.

Митот за ФЕТО добива конспиративни димензии

Во писмото што го добиле сите стипендисти надолго и нашироко се објаснува верзија на турската држава за тоа кој е Ѓулен и што прават неговите следбеници.

„Се сместуваат во критичките позиции на државата, како што се војската, судството, полицијата, разузнавачките служби и бирократијата. Во земјите каде што се организирани како дел од училишта, културни центри или, пак, НВО, тајно се сместија во стратешките институции за да ги преземат државите“, пишува во е-пораката.

Македонскиот студент вели дека за време на неговиот престој во Турција се случиле многу промени и тоа цела година пред пучот.

„Во домот во којшто престојував имаше читалница за учење која не беше доволно голема да ги собере сите студенти, меѓутоа и од неа направија месџид, место за молење, иако веднаш до студентскиот дом има џамија. За учење ни оставија минијатурна просторија.“

Во домот каде што престојувал е стриктно забрането излегување по десет часот, момчињата и девојчињата се одвоени, а зближување меѓу двата пола немало ниту за време на екскурзиите.

„Нѐ однесоа на тура околу Босфорот и девојките се возеа горе на бродот, ние момчињата долу.“

Ваквата поделба ја видел дури и на предизборните митинзи на владејачката АПК, каде што биле одвоени мажите од жените, а на денот на изборите се забранувал алкохолот. Според неговите зборови, во речиси секој универзитетски кампус во Турција има и факултет за веронаука.

„Дел од моите професори кои се полиберални, уште пред пучот велеа дека не е јасно дали Ердоган ја контролира религиозната заедница или таа го контролира него. Половина од нив се под некаква истрага, а некои мораа и на Фејсбук да го осудат пучот, за да не бидат прогонувани.“

Тој вели дека целата атмосфера пред пучот била тензична поради терористичките напади во Истанбул, борбите против ИСИС и поради начинот на којшто за тоа известувале тамошните медиуми.

„На турските телевизии нема ништо друго освен спорт, терористички напади и прилози за тоа како Ердоган го спасува светот.“

Еден од помасовните прогони во поновата историја

Димензиите на прогонот

Димензиите на прогонот

На 15 јули годинава во Турција имаше неуспешен обид за пуч кога дел од војската се обиде да ја преземе власта во оваа држава и да го симне од претседателското столче досега неприкосновениот Реџеп Таип Ердоган.

Одмаздата на Ердоган и на неговата партија следуваше во наредните денови и недели со тоа што беа затворани или отпуштани илјадници турски државјани под сомнеж дека на некаков начин се поврзани со организацијата на пучот и со Ѓулен.

Прогонот против они кои турските власти ги сметаат за одговорни за пучот излезе и надвор од границите на Турција. Засега не се знае што точно побарале турските власти од Македонија, иако нашата Влада не крие дека планира да му помогне на Ердоган во чистката по неуспешниот пуч, само бара законски начин како тоа да го реализира.

Тоа пред околу еден месец јасно го соопштија шефот на дипломатијата – Никола Попоски и тогашниот министер за внатрешни работи – Митко Чавков, додека во истиот период претседателот Ѓорге Иванов официјално го посети својот колега Реџеп Таип Ердоган.

Претходно, без никаква ограда, македонското издание на „Анадолија“ ја обележа агенцијата „Башак“ како упориште на терористичката организацијата водена од Ѓулен ФЕТО, а покрај агенцијата, проблематични за „Анадолија“ се и училиштата „Јахја Кемал“, неделникот „Заман Македонија“, организациите „Седеф“, „Шафак“ и „Толеранс“, синџирот маркети ЕВАР и транспортната компанија „Реинбоу“.


Извадоци од писмото што го добиле стипендистите на турската влада, во кое властите на Ердоган објаснуваат кој е Фетула Ѓулен и организацијата која тие ја нарекуваат ФЕТО:

ШТО Е ФЕТО?

ФЕТО, на чиешто чело се наоѓа Фетулах Гулен, пензиониран свештеник, во 1970-тите години се појави како движење коешто дава образовни услуги. ФЕТО, со цел да остави впечаток дека врши само образовни дејности, своите членови во странство ги претставува како образовни и мировни волонтери.
Меѓутоа, кога ќе се погледне начинот на организирање во Турција и во засегнатите земји, криејќи го вистинскиот идентитет и со многу поинакви идентитети (леви, десни, либерални, религиозни), се сместуваат во критичките позиции на државата, како што се војската, судството, полицијата, разузнавачките служби и бирократијата.
Оваа состојба, ја открива вистинската цел на оваа организација во земјите во кои се претставува како движење за давање услуги.

КОЈА Е ЦЕЛТА НА ФЕТО?

Во земјите каде што е организирана во форма на училиште, образовен/културен центар, стручна организација или пак НВО, целта на ФЕТО е тајно да се смести во стратешките институции и да ги заземе државите.
Поради девијантни верски убедувања, организацијата се служи со секаков вид клевети, заговор и илегални дејствија како легитимни со цел да ги оствари личните цели. Врз основа на многуте години тајно образование и убедувачките вештини за ваквите прашања, нејзините претставници се стекнале со професионализам кој обичните луѓе не можат да го откријат.
Членовите на ФЕТО, во идентитетот на радикален „одбран дух„ и ‘посветеност’, можат да влезат од еден во друг идентитет, кога е соодветно можaт да извршат и убиство и секаков вид илегални дејствија.

ШТО НАПРАВИЛА ОРГАНИЗАЦИЈАТА ДОСЕГА?

Особено последните 10 години, судиите, обвинителите и припадниците на полицијата, посветени од нивните редови, со лажни докази, осудија на тешки затворски казни безброј војници, полицајци, службеници; новинари, академици и писатели. На овој начин, сакаа да ја заземат власта во свои раце.
Во февруари 2012 година, кога ФЕТО помисли дека е доволно моќна да ја преземе државата во свои раце, го направи првиот државен удар кога потсекретарот на МИТ (Турска Разузнавачка Служба), Хакан Фидан, не отиде на разговорите за решавање на курдското прашање. При вториот обид за државен удар на 17-25 декември 2013 година, со лажни обвинувања за корупција се обидоа да уапсат членови на Владата.
ФЕТО која себеси се претставува како движење за мир и мирољубива религија користејќи ги концептите на дијалог, на ниту еден начин не останува во тој концепт кога се работи за сферата на безбедност, судство и разузнавање (интелигенција), каде ШТО се екипира и врши нелегални активности.