Мандатарот Али Баба и годината на петелот

Колумна на Сашо Кокаланов

 

Спаси му ги на крадецот галиите, и тој ќе ти го пресече вратот.
Пјетро Аретино, италијански писател 1492-1556

 

Македонија е пред еден таков предизвик – дали да му ги спаси галиите на крадецот. Ако граѓаните кои на 11 декември гласаа за пад на режимот (преку 612.000) сега мирно проследат и дозволат новата влада да ја составуваат старите и проверени крадци од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тогаш несомнено си ја заслужуваат втората половина од изреката на Аретино.

Иако кај писателот галиите беа само метафора, нам, за да се сетиме со кого си имаме работа, дури и вистински галии ни поставија. Така што, утре никој нема да може да бара оправдување во тоа дека не ја сфатил метафората. Нема ни да треба. Зашто вратчињата ќе ни бидат пресечени.

Да ви кажам искрено, не верувам многу во хороскопи, ама има нешто во овој кинескиов хороскоп. Еве, изминатата 2016 година според кинескиот Зодијак беше година на мајмунот. Мора да си признаеме дека во овие 366 дена што остануваат зад нас доста често и се чувствувавме како мајмуни, па според тоа хороскопот ни беше погоден.

Не знам дали да ја очекувам 2017 година со оптимизам или со песимизам. Изборниов резултат влева надеж, ама пак, што знам, некако хороскопот повторно не ни е погоден. Ни доаѓа година на петелот, што не е баш најсјајно во контекст на вториот дел од мудроста на Пјетро.

Оваа Нова година некако ја нема препознатливата празнична еуфорија. Како никогаш досега, јанѕата и неизвесноста ги надвладуваат славјето и радоста. А како да биде поинаку, кога наместо да се прашуваме што ќе ни донесе Дедо Мраз, се прашуваме што ќе ни донесе Али баба.

Колку и да е иронично, најголемиот губитник на изборите, Али Ахмети, човекот со преполовени партија и гласови, е вистинскот мандатар што ќе ја бира идната влада. Знам дека по последната изјава на Ахмети на многумина во опозицијата расположението им скокна ко што ни скока живата во термометарот со гриповиве.

Оваа Нова година некако ја нема препознатливата празнична еуфорија. Како никогаш досега, јанѕата и неизвесноста ги надвладуваат славјето и радоста. А како да биде поинаку, кога наместо да се прашуваме што ќе ни донесе Дедо Мраз, се прашуваме што ќе ни донесе Али баба

Точно е, не порекнувам, во програмските барања на ДУИ за следниот коалициски партнер се појави и едно вакво – СЈО да стане уставна категорија. Но, пред да избрзаме со еуфорични толкувања, да ве потсетам дека досега главното програмско барање на ДУИ пред секоја нова влада во која влегуваа беше – влез во НАТО и ЕУ. Мислам дека излишно е да ве потсетувам како овој „приоритет“ завршуваше на буниште уште следниот ден кога владата ќе беше формирана.

Така што, искуството вели дека повеќе треба да им се верува на хороскопи и гатачки, отколку на Али Ахмети. Ете, гатачката на Груевски, за разлика од Али, рече дека не треба да влеземе во ЕУ и во НАТО, и вистина така излезе.

Дали Ахмети би го фрлил СЈО на буниште за неколку мрсни тендери ич не се сомневам. Тоа што овојпат петелот малку поинаку кукурика во Нова Речица не сметам дека е грижата за Специјалното обвинителство и правдата, туку пред сѐ, грижата дали тој и неговата партија ќе завршат на буништето на историјата.

Изборниот резултат, но и харакирито на Груевски со заканите кон странските амбасадори, го влечат Ахмети подалеку од пилешката чорба во која сака да го турне неговиот досегашен брачен владин партнер. Да се прашува Али баба, во секоја друга ситуација која не би била самоубиство од заседа, без размислување би ги пуштил своите четириесет разбојници, или колку и да се, да се распоредат на галиите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе им кажам на сите Албанци во Македонија да не стравуваат, конечната одлука ќе ја одразува волјата на мнозинството граѓани Албанци, затоа што ДУИ никогаш не донела одлука која е против својот народ.“ Вака зборуваше Заратустра. Во последното интервју. Верувам дека овојпат Албанците ќе го држат за збор.

Што се случува? Што има ново? Да си ги пакувам куферите или ќе се оправи државава? Престанав да одговарам на ваквите прашања кои постојано ми стасуваат во инбокс деновиве. Затоа што не ги знам одговорите, не затоа што ме мрзи.

Во недостиг на геостратешки познавања какви што поседуваат една Мирка Велиновска или еден Васко Ефтов, ние останатите мораме да се потпреме на хороскоп и гатачки за да ја изнедриме нашата конечна проценка за 2017 година. Еве, ви кажувам, не знам кој ќе прави влада, ама знам дека оваа година дефинитивно ќе биде година на петелот. Што тоа и да значи, јебига.

Од пораките што ги добивам (не заканувачките, тие другите), сфаќам дека читателите очекуваат од нас новинарите во предновогодишните колумни да се определиме барем дали сме оптимисти или песимисти. Јас, пак, поинаку гледам на работите. Меѓу песимист кој во тунелот гледа само црно, оптимист кој гледа светло на крајот на тунелот и реалист кој гледа дека светлото е од воз, би избрал да сум машиновозачот кој гледа дека има тројца идиоти на пругата и им труби да се тргнат.

Една работа секако може да се предвиди без тешки геополитички анализи, дури и без гатачки и хороскоп – крадците и во 2017 година ќе крадат, сѐ додека рацете им се во медот

Мислам дека новинарската работа не е ниту да шириме фатален песимизам, ниту лажен оптимизам. Наше е да трубиме. Тие сме трубачите во градот – ние новинарите и овие што свират на Боемската улица на Жерновски.

Една работа секако може да се предвиди без тешки геополитички анализи, дури и без гатачки и хороскоп – крадците и во 2017 година ќе крадат, сѐ додека рацете им се во медот. Не паѓајте на срцепарателните музички изведби на Филип Петровски и признанијата дека ја примиле пораката од граѓаните и ќе се сменеле. Ќе се сменат, жими петелов. Прочитајте ги извештаите на ревизорот, ако не ми верувате мене. Еве, во предвечерјето на Нова година излезе извештајот за Собранието. Си крадат, бе, не запираат.

Таа куполата од стакло на покривот на парламентот, онаа де, што ја гледате секој ден кога летате со хеликоптер накај работа. Е таа ќе ве чини плус уште 3 милиони евра, башка од предвидените дванаесет. Што се 15 милиони евра во споредба со задоволството од глетката на Собранието кога летате со хеликоптер. Што, не сте летале со хеликоптер? Штета.

Милион и двесте илјади евра на патни трошоци. Па, кога ќе се уморат од возење и собирање патарини, фитнес сала за одмор и релаксација, преплатена за 18.000 евра. Па групи за соработка со една држава, со друга држава, со меѓународни организации, разни други групи и групњаци, патувања, скапи хотели, исто така преплатени, дневници, имунитет. Роди ме мајко на буниште и фрли ме во Собрание.

Нѐ онакват во здрав мозок, но барем внимаваат на хигиената. Во два случаја е натплатена максимално дозволената сума од 5.000 евра за интервентни набавки на средства за одржување на хигиена. Иако некој расипан ќе прокоментира дека веројатно е трошено на ленти за депилација и на лизгави сапунчиња пред групните патувања за Халкидики, или за туширање на испотените пратенички фитнес-тела, сепак, да не заборавиме дека во 2016 година многу пара отиде и на тоалетна хартија за потпишување разни договори и прогласи.

Вам, на читателите, во Новата 2017, во годината на петелот, ви посакувам да не ви потонат сите галии и со крената кикиришка да ја дочекате 2018.