Ноќта на големиот ДИК

Ете, веднаш штом се врати од судското рочиште како првообвинет од поголемата група осомничени за насилство и поттикнување на насилство и малку се одмори во белата палата во центарот на градот, Големиот водач, како што тоа им доликува на големите водачи, собра сила да претрча до некогашната зграда на НИП „Нова Македонија“, сега на Владата на Македонија, а во кусиот постизборен период позната како ДИК, и да ѝ го објасни на целата јавност значењето на сите оние флоскули, искажани од високи функционери на неговата партија во изминатите неколку денови од истото место.

Се разбира, овие објаснувања не се однесуваа на луѓето што во тој момент стоеја пред него, бидејќи Големиот водач, се чини со право, сметаше дека е бадијала ним што било да им се објаснува. Тие и онака знаат сѐ. Како и да е, ние неупатените останавме да толкуваме што значи тоа: „црвена револуција“, „ноќ на ножеви“, „ќе падне крв“ итн. И да се обидеме да разбереме што навистина рече Груевски.

И што рече Груевски?

Во својот говор Груевски, всушност, рече дека не е во можност да формира Влада. Дека неговата партија се подготвува за радикална опозиција, со јасна стратегија на блокирање на општествениот живот

Рече дека нема да ги признае изборите, кои инаку се чисти како солза и најфер во целата македонска историја. А нема да ги признае, затоа што Државната изборна комисија работела незаконски и го претворила изборниот процес во лакрдија. За среќа и за разлика од оние што мрзнеа пред ДИК во придружба на зурли и тапани, имавме можност во живо да ја следиме работата на Комисијата и самите да се увериме дека е така. Иако, со некои сосема спротивни премиси од оние од коишто поаѓа поранешниот премиер.

Рече уште Управниот суд да се остави на мира и без притисоци да си ја врши својата работа. И дека неговата партија нема да учествува во никакво прегласување, ако така реши Управниот суд. Рече дека нема да ги признава институциите на системот и дека нема да дозволи политичкиот опонент да формира Влада. Рече дека е против каква било федерализација или кантонизација на државата, додека претставниците на албанските партии во ДИК гласаа во негова и во полза на неговата партија.

Рече дека ќе ги дисциплинира и ќе ги научи странските амбасадори на нивната работа, бидејќи тие, ете, не ги знаат своите обврски и овластувања. А за тоа време гледаше во големиот транспарент што го држеа луѓето пред него, со кој му изразуваа безрезервна поддршка на новиот американски претседател. Рече дека нема да признава нетипични институции (читај Специјално јавно обвинителство – кое, како божем досега го поддржуваше). Рече дека нема да учествува на преговори на кои има медијатори од странство, со што практички го повлече својот потпис од Пржинскиот договор (како божем да имаме капацитети самите да се договориме за што било).

Рече дека ќе го дисциплинира невладиниот сектор, односно ќе спроведе „десороизација“, веројатно истовремено будно следен од некогашниот Соросов пулен, а сегашен претседател на државата, кого токму тој, Груевски, онака популистички го поддржа во двата негови мандата. Рече уште некои небитни работи, но со ист контекст и поттекст – отворена војна на сите што не мислат како него. Дека Никола Груевски е, ни помалку ни повеќе, туку – Македонија! И, последично на ова, сѐ што не е Никола Груевски е – непријател на Македонија. Рече дека без него ќе завладее потоп, пропаст, катаклизма…

И што не рече Груевски?

Целиот говор за оваа прилика, наречен Проглас на ВМРО-ДПМНЕ, не беше ништо друго туку билдање на членството, преку покажување мускули онаму каде што не е упатно да се покажат

Првообвинетиот за демолирањето на општина Центар не рече како ќе им го подобри животот на оние кутри луѓе што мрзнеа пред него. Не рече дали и како ќе им овозможи да носат барем приближно квалитетни бунди како онаа што ја носеше тој во својата ноќ. Груевски не рече дека ќе формира Влада. Груевски не рече како мисли да опстане на власт. Груевски не рече каква му е стратегијата за отчепување на закочениот процес на евро-атланските интеграции. Груевски не рече кои му се пријатели и дали воопшто има сојузници (внатре и надвор). Груевски не рече на кој начин ќе го намали јавниот долг. Груевски не рече како ќе го хармонизира социјалниот живот. Со еден збор, Груевски не рече ништо битно.

И што навистина рече Груевски?

Целиот говор, за оваа прилика наречен Проглас на ВМРО-ДПМНЕ, не беше ништо друго туку билдање на членството, преку покажување мускули онаму каде што не е упатно да се покажат. Значи, Груевски, всушност, рече дека не е во можност да формира Влада. Дека неговата партија се подготвува за радикална опозиција, со јасна стратегија на блокирање на општествениот живот.

Всушност, најави уште пожестока антиевроатланска реторика и, се разбира, многу пожестока антиалбанска кампања, сѐ со надеж дека врз база на ваква негативна кампања ќе може да собере многу повеќе гласови на следните, веројатно брзи избори. Сојузништвото на СДСМ со албанските партии и нивната отвореност кон европските и американскиот партнер ќе биде објаснувано како погубна антидржавна политика, а еден од главните адути ќе му биде презентираната неможност на сегашната опозиција да држи контрола врз ситуацијата (што, без двотретинско мнозинство, веројатно ќе биде точно).

Се разбира, овие пораки не го калкулираат факторот на замор на материјалот. Јас му верувам на оној кутар протестирач, кој вели дека под џемперот ја носел маичката со логото на ВМРО-ДПМНЕ и дека таа го греела. Ама знам дека и овој енергенс има свој рок на траење.

Ете, така со својот најкус говор во својата долга политичка кариера, Големиот водач успеа страотно најавуваната Ноќ на ножевите да ја претвори токму во Ноќ на долгиот ДИК. Тажен крај на една длабоко тажна приказна.

Со два збора кажано: ништо битно.