Управа за заштита на криминалниот поредок

Своевремено, договарајќи интервју со еден овдешен академик, а по повеќекратното необјасниво прекинување на телефонската линија, и тоа по само неколку секунди разговор, академикот, повеќе во шега, отколку сериозно, отприлика ми рече: „Георгиевски, вашиот телефон е очигледно под опсервација, но нека не ве загрижува тоа. Еве, неодамна имав можност да прочитам транскрипт од еден мој телефонски разговор, каде што сум зборувал за Венко Марковски. И, да ви кажам,многу паметни работи сум рекол, а не сум стасал да ги запишам. Значи, не грижете се, ако кажеме нешто паметно, некој ќе го запише, а ако кажеме нешто банално и онака нема врска“.

Се разбира дека се сетив на оваа анегдота по објавувањето на истрагата „Таргет“, од страна на Специјалното јавно обвинителство. Колку што знам, името на спомнатиот академик не фигурира на списокот на илјадниците прислушувани граѓани или барем не е децидно кажано, како што, впрочем, не фигурира ниту моето или барем и тоа не е децидно кажано.

Добро, прилично е јасно зошто денес мислењето на академикот (и моето) за Венко Марковски не е безбедносно интересно, но ако сакаме да бидеме прецизни, не фигурира ниту едно име од МАНУ, од Друштвото на писателите на Македонија, од актерите, филмаџиите, ликовните уметници, од универзитетските професори… или барем не се и тие децидно спомнати, односно не биле цел на малку подолга „телефонска“ обработка. Со други зборови, уметничката и интелектуалната елита не е безбедносно опасна за општествениот поредок и не претставува закана за промовираниот и пропагиран систем на вредности.

На некој начин запоставувањето на интелектуалците на „прислушуваните листи“ говори многу токму за начинот на владеење и потребата за контрола врз „непослушните“ и оние што можат да ги загрозат владејачките интереси

На некој начин запоставувањето на интелектуалците на „прислушуваните листи“ многу говори токму за начинот на владеење и потребата за контрола врз „непослушните“ и оние што можат да ги загрозат владејачките интереси. Во таа смисла, само како илустрација ќе наведеме уште еден пример од некогашната заедничка држава. Во мемоарите на српскиот автор и тогашен дисидент Борислав Михајловиќ Михиз има една епизода од почетокот на 60-тите години од минатиот век, каде што Михиз сведочи дека, под притисок на неговата сопруга, барал врски да му се инсталира телефон дома (во тоа време за телефонска линија се чекало и по неколку години). За таа цел го прашал сликарот (и дисидент) Миќа Поповиќ како успеал толку брзо да добие телефон, а овој му рекол да му се обрати на нивниот заеднички пријател Гвозден, кој работел во ПТТ. Михиз му се јавил на Гвозден од телефонска говорница и уште пред да се врати дома екипа на ПТТ била во неговиот стан и му местела телефонска линија со подарок апарат. Михиз помислил дека ваквата брза интервенција се должи на значењето и важноста на неговото име во интелектуалното, па и во општественото милје.

По извесно време избива аферата Ранковиќ и првите три ешалони на УДБА завршуваат во затвор. А меѓу нив и Гвозден, за кого се испоставува дека работел во ПТТ во името токму на УДБА. Набргу Тито прогласува амнестија и Гвозден се наоѓа на слобода. Со Михиз се сретнале неколку години подоцна и Михиз му рекол како помислил на сопствената важност кога му го местеле телефонот, на што Гвозден му одговорил: „Ах, Михиз, а да знаете колку долго ние чекавме вие да изразите желба.“

Примерот на Михиз (а во извесна смисла и оној на нашиот академик) ја илустрира потребата не само на тогашните власти туку на власта воопшто, да ги стави длабоко мислечките луѓе, оние кои се во состојба да ги осознаваат и менуваат општествените текови, под контрола и/или да го елиминира нивниот евентуален непожелен став. Македонската интелектуална елита (ако сѐ уште можеме да зборуваме за такво нешто) очигледно не влегува во категоријата на длабоко мислечките луѓе и во таа смисла не влијае врз овдешните општествени текови.

Поголемиот дел од таканаречените интелектуалци самоволно е ставен на продажба како своевидна стока на политичкиот пазар, па оној политички субјект што може да даде полукративна понуда ги добива неговите услуги. Остатокот е длабоко маргинализиран и депресиран без реална можност да им даде гласност на сопствените ставови и мислења.

Интелектуалната мисла и општествените вредности се небитни наспроти криминалното богатење преку злоупотребата на моќта

Ако архетипскиот критичар на општествените вредности отсуствува на општествената и политичката сцена, кој е тогаш вистинскиот таргет на најмасовното прислушување во поновата европска историја? И зошто? Ако се сеќавате во претходната афера со прислушување, онаа што му претходеше на конфликтот од 2001 година, значи „Големото уво“, интелектуалците повторно не беа мета туку политичарите од сите партии, со цел да се превенира некое евентуално ново парламентарно мнозинство и тогашната (и сегашна) владејачка партија да ја изгуби власта.

Сега, како што можевме да видиме целта се политичари, бизнисмени и новинари. Мета на опсервација не се само политичарите од опозицијата (што, иако неетички и незаконски, сепак може да биде разбирливо) туку и министри од власта, и тоа од двата етнички блока. Зошто? Затоа што претставуваат опасност за општествениот поредок што самите го бранат и спроведуваат? Се разбира, не, туку затоа што претставуваат потенцијална опасност во нарушувањето на поредокот на организираните криминални бизниси.

Низ таа призма треба да се гледа и прислушувањето на бизнисмените (контрола врз бизнисот и отворање можности за криминални преземања на фирмите) и на новинарите, особено на оние што се во состојба да ѝ влезат во трагата на криминалот. Во таа смисла, Управата за државна безбедност и контраразузнавање не служи за заштита на државната безбедност туку за заштита на организираниот криминал. Со други зборови, интелектуалната мисла и општествените вредности се небитни наспроти криминалното богатење преку злоупотреба на моќта. Тоа е само показ за нивото на кое се наоѓа македонското општество и неговите елити.

Само како дигресија, која сепак има некаква врска со погоре кажаното. Медиумите известуваат дека партијата ДУИ ги користела услугите на скопското Јавно сообраќајно претпријатие за да ги носи своите приврзаници на конвенцијата. На денот на потпишување на Кодексот за фер и демократски избори. Толку за кодексот и толку за фер-плејот на изборите.

Пост скриптум

Се чини дека го заборавивме Диме Спасов. А тоа (заборавањето) може скапо да нѐ чини. Неговиот дух во секое време може да се врати. Ако воопшто и е заминат некаде.