Актуелно

Снимките покажуваат политички мотивирана лустрација

Опозицијата објави нови снимки од прислушувани разговори, што наводно докажуваат оти судија бил прогласен за соработник на тајната полиција од политички причини и откриваат дека Владата се мешала во процесот на лустрација.

Денешното објавување на 19-тата по ред политичка бомба | Фото: СДСМ

Денешното објавување на 19-тата по ред политичка бомба | Фото: СДСМ

Опозициската СДСМ објави нова серија снимки од прислушуваните разговори, со кои, како што вели, се докажува дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребила работата на контроверзната Комисија за верификација на фактите, чија задача е искоренување на поранешните соработници на тајната полиција, за да дискредитира свои противници.

На една од снимките на прислушуваните разговори, според опозицијата, се слуша гласот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој нарачува политички мотивирана лустрација за судија од Кичево.

На снимката, наводно, се слуша како Милошоски го бара на телефон првиот човек на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, и од него бара да го прогласи судијата Драги Димовски од Кичево, за информатор, со што би му се оневозможило да работа како судија или да работи во некоја државна институција.

„Многу големи проблеми ни прави. Направете го тоа колку што може побрзо, ќе ни биде покорисно“, наводно вели Милошоски, на што Аџиев одговара: „Ќе го спроведеме“.

На снимката двајцата се слушаат како наводно разговараат за тоа дека Милошоски нашол човек кој ќе поднесе барање за лустрација против судијата, со што ќе се исполни законскиот услов за отпочнување на постапката.

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на фактите

Македонија ги следи стапките на многу поранешни комунистички држави, што имаат донесено закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото, кои произлегоа од политички мотивирани судски постапки.

Комисијата за лустрација започна со работа во 2009 година. Но, уште од самиот почеток, нејзината работа ја следат контроверзии.

Опозицијата тврди дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на владата и во 2012 година, во знак на протест, таа ги повлече двајцата свои членови од Комисијата.

Васко Ковачевски, претседател на ОО СДСМ Битола на денешната прес-конференција | Фото: СДСМ

Васко Ковачевски, претседател на ОО СДСМ Битола на денешната прес-конференција | Фото: СДСМ

Аџиев во повеќе наврати ги негираше ваквите тврдења.

Уште две снимки во врска со лустрацијата беа емитувани во среда, кои, според опозицијата, докажуваат дека владата се меша во работата на комисијата за лустрација.

На едната од нив, наводно, се слуша министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, како свикува состанок на членовите на Комисијата за лустрација заради брифинг.

Опозицијата пушти уште една снимка, на која, како што беше речено, се слушаат гласовите на премиерот Никола Груевски и министерката Јанкулоска, во кој разговор премиерот признава дека шефот на неговиот кабинет, Мартин Протуѓер, работи заедно со Аџиев во формулирањето на заклучоците на Комисијата.

Новите снимки беа објавени на конференција за медиумите на СДСМ во Битола, како дел од нивната повеќенеделна кампања за обелоденување на наводните разговорите од незаконското прислушување.

Опозициската партија го обвини Груевски и неговиот братучед, Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, дека организирале незаконско прислушување на околу 20.000 граѓани, во текот на четири или повеќе години.

Опозицијата стартуваше со објавувањето на снимките од прислушуваните разговори, кои укажуваат на наводни владини малверзации, во февруари.

Груевски ги отфрли сите обвинувања против него и изјави дека снимките ги направиле неименувани „странски тајни служби“, во соработка со опозицијата, со цел да ја дестабилизираат земјата.

На последната прес-конференција одржана во Битола, беа објавени снимки за кои СДСМ тврди дека се доказ повеќе за изборната измама на Владата, за притисокот врз приватните компании и нивните вработени лица, да гласаат за владејачката партија, како и за барањата за партиски вработувања во јавниот сектор.

Во еден од разговорите, министерката за внатрешни работи, Јанкулоска, наводно се противи на поставувањето на професорката Фросина Ременски на местото продекан на Државниот универзитет во Битола, бидејќи таа била „комуњарка“.

Навидум, вршејќи притисок врз деканот на Универзитетот, Јанкулоска вели дека подобро таа позиција да му ја дале на некое магаре, наместо на Ременски.