Останато

25-годишнина од масакрот на Маркале

Од денешната комеморација во Сараево. Фото: БИРН

Семејствата и пријателите на жртвите, како и бројни граѓани на Сараево, со положување на цвеќе, ја одбележаа денес 25-годишнината на еден од најтрагичните денови во историјата на Сараево – гранатирањето на сараевскиот пазар Маркале, на 28 август 1995 година.

Гранатата исфрлена од позициите на силите контролирани од Војската на Република Српска (ВРС), уби 43 цивили, од кои три деца, додека 84 луѓе беа ранети.

„Ова е едно од злосторствата во Сараево каде со намера беше убивано цивилното население, кое со години беше под опсада“, изјави за БИРН, Сенида Каровиќ, претседателка на Унијата на цивилни жртви на војната на Кантон Сараево.

Таа додаде дека само со казнување на сите налогодавачи и сторители, жртвите би добиле „каква-таква сатисфакција“.

За злосторствата извршени во Сараево, вклучително и за гранатирањето на Маркале, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го осуди Станислав Галиќ, командант на сараевско-романискиот корпус на ВРС, на казна доживотен затвор, а Драгомир Милошевиќ на 29 години затвор.

Во пресудата на Галиќ се наведува дека овој масакр „претставува пример на гранатирање каде цивилите биле намерно целени“.

На Маркале граната падна и во февруари 1994 година, при што беа убиени 68 и ранети 144 луѓе.

За тероризирање на граѓаните на Сараево, поранешниот претседател на Република Српска (РС), Радован Караџиќ, пред Хашкиот трибунал беше осуден на доживотен затвор, а за истите злосторства на доживотен затвор беше осуден и Ратко Младиќ, поранешен командант на ВРС, чиј предмет е во жалбена постапка.

Но, командантите што ги водеа бригадите на сараевско-романискиот корпус на ВРС, кои го гаѓаа Сараево со гранати и снајперски оган, и покрај силните докази што се појавија во судските процеси против нивните претпоставени, никогаш не беа обвинети.

Според Унијата на цивилни жртви на војната на Кантон Сараево, во опсадата на Сараево, која траеше 1.425 дена, во просек врз градот секој ден паѓале 329 гранати.