Анализи

450 милиони евра од Буџетот се трошат за џабе

Повеќе од 13% од јавните расходи во Македонија можат да бидат заштедени | Фото: Shutterstock

Народните пари можат да се трошат попродуктивно, особено во образованието, социјалната заштита, здравството, одржувањето на инфраструктурата и земјоделството, открива најновиот извештај на Светската банка наречен Преглед за јавни финансии што во јуни треба да се објави.

Според информациите на БИРН, оваа студија го споредува сегашното ниво на трошење на народни пари со минималната потрошувачка потребна за постигнување на исти резултати и заклучува дека повеќе од 13% од јавните расходи во Македонија можат да бидат заштедени и/или да се пренаменат за подобрување на квалитетот на јавните услуги.

Доколку би ги скратила непродуктивните трошоци од околу 450 милиони евра Владата не би морала да се задолжува туку во Буџетот би останале 150 милиони вишок.

Тоа се околу 450 милиони евра, односно, колку еден и пол буџетски дефицит. Со други зборови, доколку властa би ги скратилa овие трошења, не само што би немало потреба да се задолжува туку во Буџетот би останале вишок околу 150 милиони евра.

„Клучни активности во оваа насока се проценка на потребите за одржување на зградите и инфраструктурата во јавниот сектор, финализирање на проценката за состојбата на патната мрежата и воведување систем за управување и собирање податоци за сообраќај, прераспределба на пари од неефикасни болници на оние кои се поефикасни, повторна проценка на тенденцијата за поголемо трошење во терцијарна грижа која е со големи трошоци и давање приоритет на примарната здравствена заштита, зголемување на автономијата и одговорноста на болниците, и во земјоделството, намалување на севкупниот обем и подобрено насочување на субвенциите“, вели за БИРН, директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Според него, големината на македонската влада позитивно се споредува со повеќето земји со слично ниво на БДП по жител, но сепак постои значителен простор за зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка и нејзино усогласување со стратешките цели.

Оваа сугестија на Светска банка доаѓа откако новата Влада еднаш веќе го прекрои со ребаланс државниот буџет за 2017 година што го наследи од претходната владејачка гарнитура, а сама одлучуваше и како ќе се трошат парите што годинава ги собира од даноци, придонеси, задолжувања и притоа декларираше дека настојувала да ги скрати непродуктивните трошоци.

Премиерот Зоран Заев, во ноември минатата година, додека ѝ го претставуваше на јавноста Буџетот за годинава, изјави дека „Владата во 2018 година уште поизразено продолжува со кратењето на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочува за потребите на граѓаните“, но очигледно ова кратење според проценките на меѓународните финансиски институции е недоволно.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, не одговори директно на прашањето на БИРН дали ќе ја прифати оваа сугестија на Светската банка туку го повтори ставот и на премиерот дека „со ребалансот од 2017 и со Буџетот за 2018 година значително се скратени помалку продуктивните расходи на Владата и институциите“.

„Ги намаливме трошоците за службени патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање за повеќе од 10%“, изјави Тевдовски.

Според него, Македонија заедно со Албанија и Косово има најниски вкупни буџетски расходи како процент од БДП во Европа и тоа значи дека главната цел при создавањето на буџетот не треба да биде намалување на неговата големина туку зголемување на ефикасноста на трошењето.

„Со Буџетот за 2018 година продолжи определбата за спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи. Средствата кои се кратат од помалку продуктивните расходи, се насочуваат кон она што е навистина потребно, како здравството, образованието, детската грижа, одбраната, инфраструктурата“, вели министерот Тевдовски и додава дека министерствата и институциите се поттикнуваат постојано да ја зголемуваат ефикасноста, односно со помали средства да ги постигнат истите резултати или со истите средства да постигнат подобри резултати.

Власта годинава има на располагање најголем Буџет досега, од 3,44 милијарди евра. Најголем дел од нив, односно околу 90% се планира да се потрошат за тековни потреби, а само десетина за капитални инвестиции.

Пет пати повеќе за плати отколку за инфраструктура

Заев и Тевдовски кратеа непродуктивни трошоци, ама имаат уште работа | Фото: Flickr на Влада на РМ

Последните десет години, властите потрошиле вкупно 25 милијарди евра народни пари, но само 1,37 милијарди евра се инвестирале во градежни објекти. Анализата на завршните сметки на буџетите од 2007 до 2016 година покажува дека сумата за изградба на патишта, железнички пруги, училишта, но и објектите од проектот Скопје 2014, односно ставките градежни и други градежни објекти, изнесува само 5,5% од вкупно потрошените пари.

По одделни години, најмногу пари во градежни објекти државата инвестирала во 2015 година, вкупно 176,4 милиони евра, а најмалку во 2007 година кога се инвестирале 78,5 милиони евра.

Поразително е што дури ниту овие 1,37 милијарди евра не се потрошиле целосно за развојни проекти. Се проценува дека половина од парите завршиле за проектот „Скопје 2014“ кој што според последните пресметки од базата на податоци на БИРН, чини повеќе од 670 милиони евра

Поразително е што дури ниту овие 1,37 милијарди евра не се потрошиле целосно за развојни проекти. Се проценува дека половина од парите завршиле за изградба на зградите, фасадите, спомениците, плоштадите и сите други објекти од проектот „Скопје 2014“ кој што според последните пресметки од базата на податоци на БИРН, чини повеќе од 670 милиони евра.

Универзитетскиот професор чијашто специјалност е токму инвестициската политика, Методија Несторовски, за БИРН објасни дека постои заблуда дека сите пари наменети за капитални инвестиции во буџетот имаат развоен ефект.

„Под капитални инвестиции во буџетот се книжат и купувањето возила или мебел, коишто се всушност само еднократен трошок без никаков економски ефект. Единствено вложувањето во градежни објекти може да обезбеди развој на долг рок, но важно е и какви објекти се градат, дали патишта или железници или пак, објекти како што беа од проектот ‘Скопје 2014’“, изјави Несторовски.

Тој вели дека дури и да се анализираат само градежните објекти што се реализираа последните десет години, во коишто доминираат зградите, плоштадите и спомениците од проектот „Скопје 2014“, тоа се исто така изгубени пари од економски аспект, затоа што овие објекти не се основа за пораст на економијата на долг рок.

„Овие инвестиции имаат ефект врз порастот на економијата само во моментот додека се реализираат преку интензивирање на градежните активности. Градежните компании ги собрале парите, прикажале профити и тоа се квантифицирало во зголемување на бруто домашниот производ (БДП). Тоа е единствениот ефект за економијата“ изјави неодамна Несторовски.

Новата Влада ги прекина проектите од овој контроверзен проект на нивните претходници.

Вкупните капитални инвестиции, пак, во кои што освен градежните објекти што опфаќаат 44,6% од оваа ставка, се вкалкулирани и парите потрошени за купување опрема и машини, мебел, возила, капитални дотации до општините, последните десет години изнесуваат речиси 2,7 милијарди евра.
За споредба, во истиот период, за плати на јавната администрација се потрошиле речиси 3,8 милијарди евра, а за пензии, над 5,8 милијарди евра.

Се бара вложувања во инфраструктура

Еклатантен пример за непородуктивни буџетски трошоци: Проект Скопје 2014 | Фото: Роберт Атанасовски

Меѓународните финансиски институции постојано предупредуваат инвестициите во инфраструктурата да не се кратат оти се клучни за земјите во развој (како Македонија) да создадат основа за побрз економски раст и сугерираа властите да ги преструктуираат јавните расходи.

Наспроти тоа, редовна практика во Македонија со години беше властите првин да посегнуваат токму по оваа ставка, особено во време на финансиска криза кога имаше постојана потреба од кратење на трошења од буџетот..

Меѓународните финансиски институции постојано предупредуваат инвестициите во инфраструктурата да не се кратат оти се клучни за земјите во развој (како Македонија) да создадат основа за побрз економски раст и сугерираа властите да ги преструктуираат јавните расходи

Земјите од Западен Балкан меѓу кои и Македонија имаат недоволно развиени транспортни, електрични и телекомуникациски мрежи, во споредба со просекот на Европската унија, а затворањето на јазот во јавната инфраструктура ќе му помогне на регионот да ги достигне животните стандарди на Западна Европа, оценува ММФ во својот последен извештај.

Аналитичарите на ММФ велат дека ќе биде потребно зголемено финансирање и од домашни и од странски извори како и подобро планирање и имплементација на јавни инвестициски проекти.

Но, достигнувањето на инфраструктурните нивоа на ЕУ е тешко: јавните инвестиции бараат прилично големи буџетски ресурси и силни институционални рамки кои ги регулираат изборот, извршувањето и следењето на проектите. Овие два услови во голема мера, според ММФ недостасуваат во земјите на Западниот Балкан.

Повеќето земји во регионот веќе имаат високо ниво на јавен долг, а некои имаат висок буџетски дефицит. Потешкиот пристап на меѓународните пазари на капитал ја ограничува ликвидноста и управувањето со јавните инвестиции е исто така слабо, заклучува ММФ.

И покрај пречките, потенцијалните придобивки од подобрување на инфраструктурата јасно укажуваат на потребата земјите од Западен Балкан да инвестираат во модернизација на нивните транспортни артерии, како и во енергетската и телекомуникациската инфраструктура.

ММФ препорачува зајакнување на капацитетот за планирање, избирање и спроведување на инфраструктурни проекти, што би обезбедиле сигурност во поглед на тоа дека расположливите ресурси ќе бидат подобро искористени и би ја подобриле способноста на регионот да го апсорбира достапното финансирање од страна на донатори.