Вести

Адвокатите тврдат дека полицијата ги малтретирала обвинетите од Диво Насеље

Адвокатите на лицата обвинети за учество во дводневната вооружена битка со македонските безбедносни сили во Куманово, во мај минатата година, тврдат дека нивните клинети биле малтретирани во притвор.

Вооружениот судир во Куманово во мај 2015 година. Фото: АП/Радован Вујовиќ

Вооружениот судир во Куманово во мај 2015 година. Фото: АП/Радован Вујовиќ

Адвокатите на 29 лица осомничени дека минатата година учествувале во крвавата престрелка со полицијата во Куманово, во која загинаа 18 лица, тврдат дека нивните клиенти биле постојано малтретирани.

„Малтретирањето на обвинетите, овие што јас ги претставувам, но и на другите е евидентно. Тоа трае од денот на приведување, се до последното рочиште. Немало рочиште а некој од обвинетите да не се пожали на малтретирање и тортура“, изјави за медиумите Насер Рауфи, еден од адвокатите на обвинетите.

Адвокат Мефаил Аслани, кој исто така претставува дел од обвинетите, изјави дека очекува извештај од судот, кој ќе потврди дека обвинетите биле малтретирани, по што ќе поднесе пријави против службениците кои ја злоупотребиле својата положба.

„Судот информираше дека во претходното рочиште се потврдени физички малтретирања на двајца притвореници, каде што се констатирани телесни повреди. Таа констатација или извештај од страна на лекарите е предаден во судот“, рече Аслани.

Адвокатите велат дека нивните клиенти биле малатретирани во затворот, во кој се наоѓаат повеќе од една година, но и додека биле транспортирани до и од судовите.

Но, министерот за правда, Валдет Џафери, ги негираше обвинувањата, тврдејќи дека внимателно следи се што се случува со обвинетите, како би се спречило можно малтретирање.

Џафери рече дека тој лично контактирал со официјалните лица на затворите, во кои се наоѓаат обвинетите и оти добил информации дека сите се третирани во согласност со законот.

„Контактирав директно со сите затвори каде што се сместени притворените, со адвокатите што ги претставуваат, со затворите од Скопје, Прилеп и Битола, сите потврдуваат дека притворените не се малтретираат и нивното третирање е во законски рамки. Исто така од страна на адвокатите е потврдено дека притворените не се малтретирани и не е извршена тортура врз нив“, реџе Џафери.за ТВ 21.

Но, Рауфи негираше дека Џафери го контактирал.

„Не сум бил ниту еднаш контактиран од министерот за внатрешни или министерот за правда“, рече тој.

Дводневната престрелка меѓу полицијата и вооружената група во етнички мешаното Куманово, на 9 и 10 мај, резултираше со 18 загинати, меѓу кои 8 беа полицајци.

Полицијата соопшти дека трагала по група добро вооружени „терористи“, кои планирање напади во Македонија. Сите обвинети ги негираа обвинувањата за тероризам.

Судењето продолжи во понеделник и вторник во Кривичниот суд во Скопје со сведочење на заштитени сведоци, зад затворени врати.

До крајот на август, пред судот треба да сведочат околу 40 заштитени сведоци, по што се очекува судењето повторно да биде отворено за медиумите.