Регион

БиХ распиша потерница по обвинет за воени злосторства

Мирко Вруќиниќ (десно) со својот адвокат. Фото: БИРН.

Судот на Босна и Херцеговина за БИРН потврди дека е распишана потерница по Мирко Вруќиниќ, кому му се судеше за злосторства против човештвото извршени во 1992 година во Сански Мост, откако беше утврдено дека тој заминал во Србија.

„Со оглед на информацијата дека тој е во странство, наредбата е испратена и до Интерпол, заради издавање на меѓународна потерница“, соопштија од Судот на БиХ.

Наредбата за распишување на потерница е издадена откако адвокатот на Вруќиниќ, на рочиштето во понеделникот, соопшти дека обвинетиот му рекол оти нема да дојде на рочиштето и дека ќе замине во Србија.

Судењето на Вруќиниќ беше при крај, а одбраната на тоа рочиште требаше да ги изнесе своите завршни зборови.

Како што истакнаа од Судот на БиХ, по оваа информација на адвокатот, „извршени се проверки во соработка со граничната полиција и утврдено е дека обвинетиот Мирко Вруќиниќ го поминал граничниот премин Рача и ја напуштил територијата на БиХ на 30 август годинава“.

Вруќиниќ, поранешен началник на станицата за јавна безбедност и член на кризниот штаб на Сански Мост, е обвинет за учество во здружен злосторнички потфат, во рамките на кој биле вршени убиства, присилни преселувања, незаконско затворање и присилни исчезнувања.