Регион

БИРН домаќин на конференција за процесирање на воените злосторства

Балканската истражувачка мрежа во четврток ќе биде домаќин на регионална конференција на која обвинители и експерти ќе разговараат за напредокот и тешкотиите во процесирањето на воените злосторства во поранешна Југославија.

icty-documents

Обвинители, експерти и новинари од цела поранешна Југославија ќе учествуваат на конференцијата што ја организира БИРН, насловена како “Предметите на воените злосторства и регионалната соработка“ што во четвртокот треба да се одржи во Сараево.

Обвинителите, кои обично дебатираат зад затворени врати, ќе зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат обвинителствата за воени злосторства, за политичкото влијание врз нивната работа и за начините за подобрување на процесирањето на воените злосторства во иднина, особено во услови кога Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) ќе ја затвори својата врата следната година.

Повеќето обвинителства за воени злосторства во регионот имаат протоколи за соработка, но и натаму одбиваат да ги екстрадираат воените злосторници од една држава во друга, што често ги одложува истрагите и гонењето на воените злосторства.

На првиот панел, посветен на регионалната соработка во процесирањето на воените злосторства, ќе учествуваат Гордана Тадиќ, заменик главен обвинител во Одделот за воени злосторства на Обвинителството на БиХ, Лидија Вукчевиќ, специјален обвинител на Специјалното обвинителство на Црна Гора, Јасмина Долмагиќ, заменик главен државен обвинител на Хрватска, Кевин Хјуз, правен советник на главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Чарлс Хардавеј, обвинител во мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, и Франческо де Санктис, шеф на Одделот за владеење на правото во мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.

Вториот панел ќе биде посветен на процесот на транзициска правда во регионот и на актуелната ситуација врзано за стратегиите, што владите на Босна и Херцеговина, Косово и на Србија, ветија дека ќе ги донесат, со цел решавање на воените злосторства.

Досега, само БиХ и Косово изработија стратегии за транзициската правда, но сѐ уште не ги усвоиле. Србија, пак, само усвои национална стратегија за процесирање на воените злосторства.

На панелот „Дали стратегиите на транзициската правда се пат за напредок?“, учествуваат Иван Јовановиќ, експерт за меѓународно хуманитарно право, Горан Шимиќ, професор по кривично право и транзициска правда на Меѓународниот Универзитетот во Сараево, Немања Степановиќ од Центарот за хуманитарно право од Белград, Џенана Каруп Друшко од здружението „Транзициска правда, одговорност и сеќавање“ од Сараево, и Теута Хоџа од Младинската иницијатива за човекови права од Косово.

Освен експерти и обвинители, на конференцијата ќе присуствуваат и 20 новинари од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и од Србија. По конференцијата, новинарите ќе имаат дводневна обука во насока на зајакнување на нивните вештини во известувањето за транзициската правда.

Во рамките на конференцијата и обуката, БИРН ќе ја претстави и својата Мапа на пресуди за воените злосторства, интерактивна алатка дизајнирана да обезбеди преглед на судските одлуки во врска со злосторствата извршени во 90-тите години на минатиот век, за време на војните во поранешна Југославија.

Мапата се состои од вкупно 386 пресуди и претставува единствена база на податоци на конечните пресуди изречени од страна на националните судови во Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Косово и во Србија.

Таа ги вклучува и пресудите изречени од страна на МКТЈ.

Конференцијата и обуката се дел од проектот на БИРН, Балканска транзициска правда, финансиран од Европската комисија, Федералниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и Фондацијата Роберт Бош.

Проектот има за цел да го подобри јавното разбирање на прашањата за транзициската правда во земјите од поранешна Југославија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и во Србија.