Граѓанинот мора да излезе од излитените фрази

Мартин Лутер Кинг вели дека најсериозното прашање кое можеш да си го поставиш е „Што правиш за другите?”. Неговото неодговорањето и отсуството на обиди за одговарање, во моментот во Македонија се оправдува со oбид да се остане настрана од поларизацијата, да се остане добар, чист, неутрален во една сива заматеност.

Но токму во времето на опресија, злоупотреба и огромна неправда, Mартин Лутер Кинг го поставува ова прашање, најнапред себеси, потоа и на другите.

Во отсуство на лидери со интегритет, водачи со достоинствени идеи и во крајна мера во изобилие на неедуцираност, во криминалниот транзиционен период, Македонија доживеа поставување на општеството на неколку столбови: корупција, непринципиелно коалицирање, а во поширока смисла – општество на незнаење, спротивно од она што денес се бара како општество на знаење (knowledge society).

Агентите на критиката и изолираните гласови на мудроста останаа маргинализирани, а со ентузијазам за лични придобивки некои тргнаа во поход на изградба на државата.

Во периодов, арената веќе подолго време е окупирана од обиди за доловување и доближување на вистината за Македонија до граѓанинот. Парадоксот е што вистината за Македонија е временски ограничена и парцијализирана.

Од другата страна, пак, се обидите за релативизирање на вистината, криминалот и повредата на човековото достоинство, затоа што, ете, така било, па логички е така и да продолжи.

Недостасува критика на сегашноста, оправдана од минатото. Ако порано еден профитирал од коруптивно поставениот систем, денес се нeчии други пет минути. Денес постои друга елита која и заради одмазда и заради самоназначено, приграбено, па и украдено право, може да ја ужива лагодноста од политичкото.

Секако, она што денес се случува е само продолжена верзија на невистинитите почетоци. Оттука, граѓанинот е притиснат помеѓу сопствената и политичката збунетост, помеѓу минатото и сегашноста, многу слично, а брутално усовршено!

Тој се чувствува слаб, беспомошен, но изненадувачки расположен да толкува сѐ останато, освен своето. Недостатокот од себерефлексија води до неквалитетни дебати и расфрлани, полуиспечени ставови, кои несмасно се пласираат. А граѓанинот неспремен да научи за сопственото граѓанство, поитува да толкува.

Таа спремност за дискусија и давање мислење, ни приближно не се заснова на проучување, подлабока анализа и рефлексија, но на типичното пазарџиско полемизирање каде што нештата се црно и бело,од типот „ Македонија е геостратешки многу важна, нам постојано некој нѐ лаже и нема да нѐ биде“.

Но, во суштина на ваквите слабо артикулирани ставови, лежи најболниот дел од реалноста: Додека некој ја има комоцијата да полемизира и да заборава на сопствената улога и придонес, друг, во егзистенцијална агонија, навистина длабоко и реално страда од кризава.

Пред сѐ страда идентитетот на граѓанинот, а потоа доаѓа глорифицираната неправедност на политиката. Боли лежерноста со која се премижува реалностa; болат и шегите и обидите „да се насмееме” на маката, зашто ние можеби можеме да си дозволиме, но некого неправдата што ја трпи го маргинализира до солзи.

Без наивност, но со оптимизам кој извира од личното убедување дека треба да се понесе одговорност, оваа фаза во перманентната криза на Македонија, сепак, во најмала рака , ги соголи столбовите на тоа како функционираме, отворајќи простор за реобмислување.

Изблиците на нови идеи, ентузијазмот на нови лица спремни да го дадат своето во областите на дејствување, охрабрува.

Здодевни се конспиративните теории и мрзливоста пред сѐ да се истражува за да се заклучува. Во овие моменти граѓанинот не треба да е губитник туку истражувач. Време е самиот да излезе од излитените фрази и заклучоци и да си даде простор себеси и на другите за нови и поразлични идеи.

Разбирлива е скептичноста кон она што се случува, но апсолутно е неразбирлива скептичноста во својата важност и одговорност како актер во ова општество. Време е да си го поставиме она Лутерово прашање, колку и да е тоа тешко „Што правам за другите?“

Авторот е магистер по политички науки на Централно-европскиот универзитет – Будимпешта