Заборавената македонска певица Вања Лазарова и катастрофалните поплави во регионот комплетно ја сменија, барем за извесно време, медиумската содржина, оставајќи нѐ да се надеваме дека промените се, сепак, можни. Сѐ што е потребно се теми кои се поголеми и посилни од пропагандните штабови, теми наметнати од јавноста или од природата чија што силина ќе го замолкне Центарот за комуникации и ќе го испрати на (краткотраен) одмор. Деновиве, по подолго време, имавме можност да гледаме вести за навистина да се информираме.
Силината на јавната реакција на заборавената Вања Лазарова беше толкава што ја предизвика посетата на министерката за култура и најавата дека жената чиј што глас засегаш ќе биде поврзан во нашата меморија со песната „Со маки сум се родила“ нема да остане без благодарност на општеството. Автентичноста и искреноста на потребата на јавноста артикулирана преку медиумите и социјалните мрежи беше таква што ниту пробното, пригодно „вадење на флеки“ на ресорното министерство не можеше да биде сведено на пропаганден спот. Тоа не беше важно. Она што беше важно е дека пораката што произлезе од медиумите, од емисијата на Огнен Јаневски на ТВ 24Вести беше примена и имаше резултат. И тоа е она што медиумите и треба да го прават. Ниту да уриваат, ниту да составуваат Влади, туку да укажуваат на пропустите за тие да се корегираат.
По подолго време вестите не се отвораа со претставниците на власта
Страшните поплави што ги погодија луѓето во Босна и Србија ја разбудија солидарноста на Македонија како ретко кога досега. Како со години да сме собирале енергија за добрина, но соочени со постојано продуцирање на омраза, во атмосфера на пизма, малициозност и поделби да не сме смееле да ја покажеме. И одеднаш, како што распукаа браните низ Босна и Србија, пукнаа и браните на нашата емпатија. Просто не знаеме како повеќе и како посилно да помогнеме, да им се најдеме на луѓето во неволја.
Многумина деновиве беа горди на својата земја и на покажаната подготвеност за помош. Многу новинари, по подолго време, пак, можеа да си дозволат да бидат горди на своите редакции. Силината на темите беше таква што ги охрабри и уредниците, па си дозволија, за неверување, да не отвораат вести со претставниците на власта, а можеа. Сепак проработи атрофираниот новинарски инстинкт, се победи диктатот на заробениот ум – па изјавата на нашите функционери одеше по основната информација за состојбата на теренот.
По првичното неснаоѓање се пушти срцето (паричникот) на сопствениците и се испратија екипи на терен. Новинарите конечно го правеа она што секој од нив најмногу сака да го прави – да информира без стравување дека една погрешна реченица може да му обезбеди отказ, да се натпреварува со информации, а не да одработува нечии партиски агенди.
Ефектите на повеќегодишното урнисување на новинарството
Се разбира, ефектите на повеќегодишното урнисување на новинарството се покажаа – имаше и лоши извештаи, неснаоѓања, склоност кон морална паника и емотивна неизбалансираност, но генерално – информацијата, веста, а не спинот и пропагандата повторно добија ударно место во информативните појаси.
Овие денови се покажа дека кога пропагандните центри замолкнуваат – новинарството заживува и се враќа на својата одамна заборавена смисла. Се разбира, треба да се биде наивен за да се помисли дека така и ќе продолжи. Штом падне интересот за поплавите, штом се актуелизираат партиските и дворски игри, сѐ ќе се врати на старо. Повторно ќе бидеме изложени на токсичните емитирања на омраза и пропаганда. Но, оваа епизода покажува најмалку две работи. Прво дека без оглед на сѐ, некаде по катчињата на окупираните редакции с ѐ уште живее смислата на новинарството – да информира, да активира и да биде гласот на јавноста и за јавноста. Второ, дека причината за нејзиното губење не се (лошите) новинари и редакции, туку невозможниот амбиент во кој тие функционираат. Железната прегратка на контролорите на информациите е вистинската, клучната причината за падот на новинарските стандарди, на губењето или заборавањето на суштината на професијата. Тоа е важно и не смее да се губи од предвид. Кога, како што вели Ниче, знаеме зошто нешто се случува, многу е полесно да се справиме со тоа колку и да е непријатно.
Жално е само што треба да се случи морална или природна катаклизма, за стегите да попуштат и да се потсетиме на новинарството какво би требало и можело да биде.
Преземено од Сервис за проверка на факти од медиумите.