На Груевски му се испушти една вистина во понеделникот на котрапротестот. Тој потсети дека иако Заев најави, во креираните, лепени и сечени разговори лидерот на опозицијата не објави снимка за ланските избори од кои премиерот го црпи легитимитетот. Рече дека снимките биле ем монтирани, ем потекнувале од изборите во 2011 и од оние локалните, две години подоцна.
Како да сакаше да каже, па дури и ако сум ги местел поранешните избори, за последниве немате доказ и можете да се „сликате“. Нацки техничка Влада!
Тука некаде, на оваа релативизаторска линија се и провладините експерти од постарата генерација (како Мирчев, на пример) кои некако и прифаќаат дека имало мала нефер игра, ама замислете тоа било ограничено само на локалните избори во Центар, кои и така власта ги изгуби. Добивам впечаток и дека му се лути на Груевски што во Центар „малку си го урнисал скандинавското изборно поведение“.
Забораваат на најстрашната снимка, на онаа во која Груевски нарачува да се прават неважечки ливчиња при броењето на гласовите во оваа општина.
Таа не е инцидент, „прајте неважечки ливчиња“ на Груевски заедно со „едно ливче нека снема“ на Јанкулоска се врвот на сантата мраз која надолу, под водата е полна со притисоци по приватни фирми, закани во администрација, евтини трикови на денот на изборите и досега невидени и постојани медиумски пропаганда и цензура кои сите заедно собрани помалку еуфемистички се нарекуваат изборен инженеринг.
Впрочем се изнаслушавме за сето ова во „бомбите“.
Едноставно не е можно преку ноќ некој од демократ да стане деспот од светски размери што нарачува поништување на гласачки ливчиња, како што е невозможно некој преку ноќ од обичен трговец да стане меѓународен дилер на дрога.
Идејата за неважечки ливчиња може да му текне само на некој што претходно сфатил дека веќе нема корист од сите неутралните гласачи што ќе му ги донесат уценетите административци, дека луѓето сѐ помалку им веруваат на неговите пропагандисти, дека луѓето ќе се симнат на гласање и од 15-ти кат и кога Миле ќе им го заглави лифтот и дека пензионерите не се глупави да одат на бања баш кога се гласа.
Каде целиов изборно-манипулативен пакет аранжман нема да помине, таму ќе се нарачуваат неважечки ливчиња, онаму каде и неважечките нема да помогнат ќе се нарачуваат шамари. Американците за ова би рекле дека очајните времиња, бараат очајни мерки.
Вистина е дека засега нема телефонски снимки за изборни нерегуларности на ланските избори, ама затоа има докази дека веќе неколку години ги живееме очајните времиња кои од власта бараат очајни мерки.
Ако го ѕирнете извештајот на ОСБСЕ/ОДИХР за ланските избори ќе видите дека на приватните телевизии Ѓорге Иванов бил рекламиран цели 23 часа, додека неговиот противкандидат Стево Пендаровски само три часа. Дури и кандидатот на Стевчовата ГРОМ бил бајаги подолго промовиран, имал ЕПП од дури седум часа.
Ова зборува дека некои луѓе и не дознале дека воопшто постои Пендаровски на земјинава топка, а камо ли дека сакал да стане претседател. Веројатно ако се направи квалитативна анализа на извештаите во медиумите, ќе се добијат уште пофрапантни резултати во корист на актуелниот претседател.
Очајот одел дотаму што кога СДСМ за овие избори сакале да откупат реклами на Канал 5 и на Сител, оттаму им рекле дека другите партии веќе го закупиле времето. И за тоа ОБСЕ пишува.
Затоа не треба да се фаќаме само за небулозните изјави на Груевски, како онаа дека Сорос контролира половина од медиумите во Македонија, треба да го слушаме и кога ја говори вистината. И таа зборува за неговото време на очај!