Комесаре, добри гости ти дојдоа!

Што бараше во тимот на Груевски директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијaлков, кој заедно со двајца министри неодамна си поднесе оставка, „за да помогне во надминувањето на политичката криза“? Најмал проблем е што јас го поставувам ова прашање. Проблем е што ова прашање го поставуват во Стразбур.

На средбата Груевски-Заев во Стразбур, „чаламот“ѝ го одзеде една навидум споредна информација, која во тамошните политички кругови доби доби примат за итна анализа.

Не знам кои му биле мотивите на премиерот Груевски да отпатува на средбата со толкава делегација, небаре оди на кинески конгрес.

Да, негово право е да го избере тимот за логистика и интервентни консултаци, но секогаш е подобро тоа да се прави со малку повеќе усул. Но, во случајов, помал проблем ќе беше да пристигнеше дури и со 50-члена делегација, но во неа да не учествуваше еден член што го апсорбираше вниманието на целата стразбуршка администрација.

Што бараше во тимот на Груевски директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијaлков, кој заедно со двајца министри неодамна си поднесе оставка, „за да помогне во надминувањето на политичката криза“?

Најмал проблем е што јас го поставувам ова прашање. Проблем е што ова прашање го поставуват во Стразбур. Не очекувајте дека нивната дипломатска култура и политичка коректност ќе дозволат тие јавно да искажат забелешка за персоналниот состав на делегацијата. Но, бидете сигурни дека наголемо се анализира пораката што премиерот сакал да ја испрати со таквиот избор.

Можел ли Мијалков да дојде во Стразбур? Можел. Морал ли да биде присутен во зградата на Европскиот парламент? Не морал. Можел да остане во хотел, достапен на телефон, доколку на премиерот евентуално би му биле неопходни консултации со него за одредени прашања.

На располагање за тоа можел да биде и од Скопје.

Толку ли никој од тимот на Груевски немал грам елементарна храброст да му сугерира на шефот дека присуството на Мијалков може да биде доживеано како своевидна провокација? Кога велам провокација, не мислам само на фактот дека поминаа два месеца откако неколку амбасади, меѓу кои и онаа на ЕУ, ги добија папките со прислушкуваните разговори.

За тие докази, кои сведочат за незаконски упад во животот на дипломати, политичари, новинари и граѓани, независна истрага и судска постапка треба да утврди дали биле во режија на УБК, резултат на нејзини пропусти или дело на некој друг.

Демисионирањето на Мијалков и Јанкулоска од раководните функции во УБК, односно МВР, требаше да бидат нужен предуслов за тој процес да започне. Но, таква постапка засега не е ни на повидок, иако и ЕУ и САД секојдневно ја потенцираат итната и неодложна потреба од неа.

Кога велам провокација, мислам на нешто друго.

На фактот дека во стразбуршкото претсобје на посредниците не им дојде бившиот туку актуелниот шеф на македонската тајна полиција. Неговата оставка до денес има важност на „ролна хартија“, како што преферираат да кажат од ВМРО-ДПМНЕ. кога сакаат нешто да оспорат или минимизираат.

Имено, и по десет дена од нејзиното депонирање, оставката сѐ уште не е верификувана со одлука на владина седница. Со тоа, од 12 мај до денес, Мијалков сѐ уште е директор на УБК и ја извршува таа функција до именувањето нов директор, а засега нема информација дека министерот Чавков доставил до Владата нов предлог.

Затоа и не е чудно што во Стразбур повеќе од бомба одекна веста дека премиерот Груевски таму се дрзнал да дојде со директорот на македонската тајна полиција. Во оваа ситуација, тешко ќе најдете некој што ќе го перципира гостинот Мијалков само низ функцијата член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа алиби не помина низ детекторот во Европскиот парламент. Токму овој член на делегацијата, пост-фестум целосно го помести фокусот на анализата за учинокот од средбата, која требаше да ги приближи позициите помеѓу власта и опозицијата за да се физиономира некаква рамка за почеток на политички дијалог.

Што е пораката од Груевски? Дека ни формалните оставки на функциите нема да бидат пречка членови на фамилијарно-владиниот конзорциум, од други неформални позиции и натаму да го имаат главниот збор и влијание врз неговите одлуки. Дека кога ги „трга“, всушност, уште повеќе ги враќа во игра.

Мијалков, кој е централната адреса на опозициските обвинувања за незаконско прислушкување и еден од клучните протагонисти во разговори кои иницираат наводни криминали, кадровски упади во правосудството и грабеж во изборниот процес, Груевски се обиде политички да го рехабилитира, наметнувајќи му „консултантски шинел“ во преговарачкиот процес со опозицијата.

На Брисел и Стразбур им е јасно дека оваа порака е испратена специјално до нив. Во спротивно, Мијалков ќе беше и во тимот на Груевски и на лидерската средба во Клубот на пратениците. Но, не беше. Битно му е на меѓународна сцена да го трансформира Мијалков од синоним за дел од проблемот, во синоним за негово решение.

А тоа е исто како да пуштите волк да го чува трлото, во кое до вчера упаѓал. Срамот од оваа (не)промислена постапка, колку и мислиме дека останува само на преговарачкиот ревер на Груевски, се дисперзира и врз имиџот на земјата, претставувајќи ја како престолнина на функционерски далтонисти, кои не знаат да запрат и тогаш кога политичкиот семафор недвосмислено им покажува црвено светло и ознака „стоп“.

Но, со тоа ниту може да го ребрендира, ниту реално му прави некаква услуга на братучедот. Напротив, го зголемува меѓународниот анимозитет и кон него и кон ваквите обиди, а себеси се разобличува како политичар кој само формално менува нешто, за практично да не смени ништо.

Груевски ја пропушти и шансата да смени нешто во последен миг – да му сугерира на Мијалков, сепак, да излезе од зградата на парламентот. Дури и за тоа имаше два избора – излезот „Винстон Черчил“ и излезот „Луиз Вејс“. Ниту тој излезе, ниту Груевски влезе во нешто што ветува можност за почеток на дијалог.

Но, не треба да заборават, дека таму кај што влезот е „бесплатен“, најчесто се плаќа на излез.