Повторно ќе победиме!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сигурно постои збор во некој јазик кој ја опишува состојбата кога физички си присутна на едно место, а со мислите постојано си на друго. Сигурно постои збор на некој јазик кој ја опишува мешавината од чувство на гнев кон нелогичните и навредливи одлуки на власта (за здравиот разум), чувство на радост и надеж што сѐ повеќе сограѓанки и сограѓани излегуваат на улиците во знак на протест и чувство на недоволност, затоа што си далеку од улиците на кои се протестира.

Токму таа лавина на емоции ги води оние кои последниов месец, додека Македонија протестира, па и претходните години, наоѓаат различни начини да придонесат кон борбата, иако се надвор од границите на државата: од преводи на објави поврзани со протестите, до ширење на веста и контакти со странски медиуми, до организирање симболични протести за поддршка пред амбасадите. И овој придонес е легитимен и многу потребен, како кон тековната борба, така и во изградбата на новата Македонија.

Изминатиов месец и јас се затекнав надвор од државата. Вчера, од моментот на пристигнување, сите телефонски повици со пријатели природно завршуваа со „Се гледаме на протест“. Една повозрасна жена која седеше до мене во автобусот во еден момент се сврте и праша зошто протестираме. Претпоставувам дека тоа е суштината на #Протестирам: иако одговорот на прашањето „зошто протестирам?“ е различен за секого од нас, одговорот на прашањато „за што протестирам?“ е ист.

Најголемата закана за овој, па и за кој било автократски режим, не е боењето. Тоа е симболично и може да се измие или покрие. Она што е вистинска закана е сѐ поголемиот број охрабрени граѓани кои веруваат дека и тие можат нешто да сменат, граѓанки кои „се замараат за политика“, народ кој станува свесен дека дејствувањето не е за џабе и дека нивниот став е важен

А причини последниве години има многу: од Мартин до Тамара, од урнисани работнички права до партии во улога на биро за вработување, од образовен систем во служба на загушување на секаква критичка мисла до здравствен систем со стотици жртви, од нерасветлени физички напади до драконски казни за политички непокорните… Размислувам за личните приказни и индивидуалните точки на вриење на луѓето кои ги знам од протести. За тоа колку долго се протестира во Македонија зборува и фактот дека многумина од нас имаат категорија блиски пријатели со кои се запознале на протести.
А вредностите за кои се бориме и кои мораме да научиме и да ги живееме во нашето дејствување се исти. Вредностите се отсликани и во различните теми на кои се фокусираат протестите. Вчерашната тема беше антифашизам. Темата беше и во чест на Денот на победата над фашизмот, но и против фашистичките тенденции во владеењето на овој режим.

Помеѓу многуте карактеристики на фашизмот кои можат да се лоцираат овде, како контролата на медиумите, опседнатоста со казнување и селективната правда, е и таа поделба на „наши“ и „ваши“, на „патриоти“ и „предавници“. Ваквите наративи се толку сеприсутни, што не знам дали воопшто има некој од нас кому не му било замерено од близок роднина, комшија, некогашен пријател, дека критикувањето на политиките и одлуките на власта, кои се суштински лоши, е предавнички чин.

Преку овие наративи здраворазумното размислување е обесхрабрено, делегитимирано, па и криминализирано, дури и во случаи кога она што се критикува е толку надвор од разумот што десетпати проверувате дали е паравест на „Коза ностра“ или вистина. А тие „раздели, па владеј“ тактики до неодамна поминуваа мошне глатко.

Се сеќавам на меѓусебната недоверба што ја искусивме летоска кога разговаравме со пазарџиите на пазарчето „Буњаковец“ и им укажувавме дека имаат право на приговор на предложените измени на деталниот урбанистички план кој предвидуваше значајни промени поврзани со пазарчето. Реакциите на многумина покажуваа сомнеж во волјата и мотивите на другите пазарџии, на оние со кои секој ден делат работен простор.

Друга реакција која ја искусивме беше дефетизам и кревање рамена затоа што „џабе е сѐ“. И токму овде мислам дека е лоциран најважниот аспект на протестите. Имено, најголемата закана за овој, па и за кој било автократски режим, не е боењето. Тоа е симболично и може да се измие или покрие. Она што е вистинска закана е сѐ поголемиот број охрабрени граѓани кои веруваат дека и тие можат нешто да сменат, граѓанки кои „се замараат за политика“, народ кој станува свесен дека дејствувањето не е за џабе и дека нивниот став е важен. Луѓе кои знаат дека се повеќе од „човечиња“!

Вчера до збирното место, пред СЈО во 6, домарширав со моите другарки и другари од Солидарност, Мугра и Левица, но и многу други кои ни се приклучија попат. Пеевме „Avanti o popolo“ („Јуриш народе“). Еден донесе знаме, друга донесе стенсили, трет спреј, четврта платно… Без никаква посебна координација, секој проба на свој начин да придонесе.

Во нејзиниот вчерашен говор во Жена парк, Соња Стојадиновиќ ги нарече демонстрантите „партизани на новото време“, луѓе кои ја водат битката за „ново сонце на слободата“. Ме потсети на една сцена, последниот дијалог, всушност, во познатиот партизански филм „Валтер го брани Сараево“ во која еден од германските офицери вели: „Откако сум во Сараево го барам Валтер и не можам да го најдам. Дури сега кога заминувам, сфатив кој е тој […] Го гледате ли овој град? (покажува кон Сараево) Тоа е Валтер.“

Така е и со #Протестирам, движењето во кое секој придонесува како што најдобро знае и умее. Кога прашуваат кој стои зад #Протестирам, кој е #Протестирам, погледнете на улиците и плоштадите низ Македонија. Тоа е нашиот Валтер, тоа е #Протестирам.

Повторно ќе победиме! И ќе има правда, и ќе има мир!