Републиката во пламен!

Блог на Горан Јанев

Две и пол децении, цело едно детство и цела младост, зрелост, старост, како за кого, ја живееме во криза. Сосема заслужено! Демократијата ја сведовме на партиски избори, а за возврат партиите републиката ја присвоија. Помешаа партија со држава, држава со република. Демократијата е само инструмент за републиката, државата е само механизам на републиката. Партиите ја прегазија републиката бидејќи ние со својата политичка апатија тоа им го дозволивме.

Влогот во демократија е секогаш личен влог во заедничкото добро. Доколку не сме подготвени да вложиме напор, да потрошиме време за да побараме отчетност, да инсистираме на транспарентност, да учествуваме во носењето одлуки, тогаш за возврат ќе добиеме шуплива демократска обвивка која ќе го прикрива грубото автократско владеење.

Колку што ни е републиката само карикатура на јавно добро, толку сме и ние само карикатури на граѓани, неслободни, безгласни, исплашени

Сите овие дваесет и пет години седиме на страна од политика и им оставаме на партиите да си владеат. Сосема политички неописменети, им ја дадовме сета моќ, да си играат со нас како ќе им ќефне и затоа сме соучесници во криминалното задушување на републиката. Обземени од македонското калкулантсво и конформизам се изземаме од политичкиот живот на републиката и ја оставивме небранета.

Затоа што не можеме да подвлечеме линија, цврста и јасна, црвена линија од која нема отстапување, општеството ни тоне во криза, политичка, економска, сеопшта криза. Затоа што збирштина на егоисти не може да живее во република, res publica, јавно нешто, јавна ствар, јавно добро, добро за сите! Ајде да се решиме ако не сакаме да живееме заедно и здружно да го шкртнеме она Република пред Mакедонија. Моменталниот владетел ве уверува дека името не го даваме и затоа републиката не ви ја даваме.

Се чини дека исправени пред оваа уцена повеќето од нас би сакале ни едното ни другото да не го даваме! Но, исто така, се чини дека не сме сите ние спремни да си ги побараме назад! А се разбира, кога ни ги зимаат, треба да се избориме за нив.

Тонеме во аномија, состојба на пореметени, изместени и нејасни општествени односи со нарушена здружна солидарност, се претвораме во аморфна маса на себични егоисти длабоко преплашени и загрижени за своите лични интереси. Најлесно ни е да се оправдаме дека елитите, партиите, моќниците не не есапат, ама есапот сеедно нам ни стига на маса. Пресметката е едноставна, одамна ставена на асталот пред нас.

Тоа што речиси на сите ни се приодува во тоалет во тој момент кога ни се испорачува пресметката за испиеното и изеденото, создава проблем кој разоткрива дека малкумина се подготвени да ја играат оваа игра. Повеќето се себичници и кукавици и таквите не заслужуваат демократија и република.

Сите овие дваесет и пет години седиме на страна од политика и им оставаме на партиите да си владеат. Сосема политички неописменети, им ја дадовме сета моќ, да си играат со нас како ќе им ќефне и затоа сме соучесници во криминалното задушување на републиката

Таквите заслужуваат и веројатно посакуваат некој дрзок и безобразен, безобзирен и груб да ги владее и со бедно умилкување кај моќникот да добијат трошки. Покрај некој насилник и тие се чувствуваат посигурни, може ќе изедат заушка две, ама може и ќе ги почасти вработување за ќерката/синчето. За личен тесен интерес вреди да се истрпи срамотата и карикатуралното подгрбување пред ефтините разулавени моќници, ситни и крупни бизнисмени, ситни и крупни директори, локални и државни политичари.
Демократијата се сфаќа само како право на глас, а демократијата е само инструмент за републиката да оди напред според нашата волја. Колку што ни е републиката само карикатура на јавно добро, толку сме и ние само карикатури на граѓани, неслободни, безгласни, исплашени.

Републиката е идеалот кој сите го посакуваме и не прифаќаме алтернатива. Испорасипана, первертирана и изманипулирана, демократијата не може да биде оправдание за навидум легално издржани изборни процедури и истовремено усмртување на постулатите на републиката. Во републиката тоа не е дозволено.

Парламентарната демократија служи за артикулирање и организирање на волјата на народот преку различни партии, а не за пресметка со спротивно мислечките партии и нивното членство. Партиите се само еден инструмент за организирање на волјата на дел од народот, кој ако е доволно убедлив, ќе добие можност да ја води републиката, јавното добро, сите нас, напред. Неуморното прогласување домашни непријатели на државата сватена како партија на власт, а не како република е против републиканските принципи.

Прогласувањето на дел од рамноправните граѓани за предавници и одземањето на нивните правата да учествуваат во јавното добро е спротивно на републиката. Од друга страна, правоверните партијци приграбуваат привилиегии и со тоа ги узурпираат јавните добра за нивна корист. Се зема од едните, а се дава на другите, а сите сме исти во републиката бидејќи таа е наша.

Републиката гори веќе две и пол децении. Не ја запалија хулигани и платеници, соросоиди и предавници! Републиката ја дават и газат политичките елити за остварување лични интереси

Така, лидерот, кој го уредува и управува ваквиот партизиран клиентелистички систем за возврат, од врвот на пирамидата на моќта се посилно се оградува од предизвикувачите кои бараат правда. Таквата хиерархија е спротивна на републиката. Во републиката не може да им е добро на неколкумина, а лошо, повеќе или помалце на мноштвото. Ама за републиката на рамноправни и еднакви слободни граѓани треба да се избори мноштвото.
Разулавените и распашаните властодршци десет години ја узурпираат власта затоа што нема кој да им каже да застанат. Опозиционите партии се претходни властодршци, оние кои кога ја имаа можноста да воспостават правен и правичен поредок ја злоупотребија дадената доверба. Тие сега мака мачат повторно да ја здобијат довербата. Особено што постојано се оцрнувани како предавници, корумпирани, жедни за моќ, непријатели на државата.

Во оваа земја дваесет и пет години демократијата се сведува на право на гласање. Еднаш изгласани партиските елити се изолираат и етаблираат во владеачка класа. Брзо ги завземаат, разделуваат и грабаат сите можни извори на ситна моќ, расположиви ресурси, доходовни функции и ги распределуваат меѓусебно сите позиции кои носат какви и да е привилегии во општеството.

Молејќи за каква таква економска сигурност, зависно од досегот на личните контакти и мрежа на познанства, граѓаните стануваат навивачи и соучесници во разграбувањето на општествените ресурси, ја разјадуваат и разграбуваат јавната ствар, јавните добра, републиката. Поблиску до партијата на власт, поблиску до вработувања, поблиску до зделки, поблиску до наместени тендери, поблиску до џипче, поблиску до кеш за одмор.

Саат, стан, ручеци, пијанки, тоа е цената на демократиjата и републиката во Македонија. Некој ги зграбил, некој се прикрил и се прикрадува да ги зграби. Во партија или надвор од неа, на власт или вон неа, сите соучествуваат во разградувањето на јавното добро, и се исмеваат на општествената солидарност, сите плукаат во лицете на републиката!

Републиката гори веќе две и пол децении. Не ја запалија хулигани и платеници, соросоиди и предавници! Републиката ја дават и газат политичките елити за остварување лични интереси. Републиката ја закопуваме ние граѓаните со нашето соучесништво во грабежот прифаќајќи да ги глодаме коските на господарите на нашата економија и на нашето јавно добро кои елитите си ги присвоиле без да не прашаат.

Републиката е во пламен од првиот ден на независноста, запалена и потпалена од нашите политичари и новонастанати газди. Републиката мора да го согори цело тоа ѓубре и да се роди прочистена од пламенот на бескрајната транзиција. Треба да согори во нас егоизмот, стравот, кукавичликот и апатијата и да станеме активни градители на републиката.

Треба да си го побараме назад нашето, јавното добро, општата ствар, РЕПУБЛИКАТА! И да дадеме од себе за да го има јавното добро, РЕПУБЛИКАТА!

Време е конечно да почнеме да ја градиме нашата заедница на рамноправни, еднакви, слободни граѓани! Слободни да негуваме и развиваме индивидуално изградени идентитети етнички, национални, сексуални, полови, граѓански, космополититски! Рамноправни пред правниот поредок еднаквоважечки за сите! Еднакви според права и можности да работиме, напредуваме и да бидеме соодветно платени и заштитени!

Време е од пепелта да никне Република Македонија 2.0! За нашите деца.

Авторот е универзитетски професор и член на ЛД Солидарност