7 часот наутро, се слуша „Чан Чан“ од Компај Сегундо. Не, не е тоа никакво славје. Тоа е алармот кој те буди и ова утро.
Впрочем, зошто некој би славел? Затоа што влегуваме во седмата недела од протестите против режимот? Затоа што со протестите до сега успеавме да ги одложиме изборите?
Тоа се секако две мали победи, ама не се причини за славење. Сè додека е овој режим на власт, нема причина за славење. Ќе славиме кога тој ќе падне. Кога ќе бидат исполнети сите наши барања. Кога аболициите ќе бидат поништени целосно и Иванов ќе си поднесе оставка. Кога Уставниот суд ќе се произнесе дека СЈО не е противуставно. Кога ќе биде формирано специјално судско одделение за процесуирање на случаите на СЈО. Кога независни претставници на граѓанското општество ќе бидат вклучени во процесот на решавање на кризата, a тој процес ќе се одвива на територијата на оваа држава. Кога другарите притворени заради учество во протестите ќе бидат ослободени. Кога оваа влада ќе си поднесе оставка и ќе биде формирана нова преодна влада која ќе создаде услови за фер избори. Избори, по кои конечно ќе почнеме да градиме едно функционално и праведно општество.
7 часот наутро во седмата недела од протестите. Фаталниот број 7. 7 смртни гревови. 7 дена во неделата. 7 мориња. 7 континенти. 7 бои на виножитото. 7 светски чуда. Криза по 7 години брак.
Дали бројот 7 ќе биде фатален и за протестите?
Тоа ќе зависи од тоа што ќе се случи сега. Несомнено, протестите се сè уште масовни и енергични, што ги изненадува и најголемите оптимисти. Но, иако енергијата е сè уште присутна, се чини дека досегашната форма на протестите не одговара повеќе на потребите. Протестирачите сега бараат нешто повеќе. Протестирачите бараат да се докрајчи режимот, кој по нокдаунот во кој беше неколку недели, успеа да се крене на нозе, со враќањето на нивните министри. Тој потег несомнено беше обид да се ублажи поразот со одложувањето на изборите, кое режимот толку ревносно го одбиваше. Но, тој потег креираше револт кај граѓаните, зашто ги потсети на вистинското лице на овој режим. Ги потсети дека со него не смее да има никакви договори, зашто тој договорите секогаш ги изигрува. Тој револт сега за сега не успева да се канализира на протестите. Марширањето, говорите и фрлањето балони со боја не се доволни.
Протестирачите бараат да се докрајчи режимот, кој по нокдаунот во кој беше неколку недели, успеа да се крене на нозе, со враќањето на нивните министри
И, кога енергијата не се канализира како што треба, тоа креира незадоволство кое може да се излее на погрешен начин. Може да се појават обвинувања меѓу различните актери инволвирани во протестите за тоа кој е виновен (за што и да е). Кој носел знамиња, кој се обидувал да доминира, кој ги напаѓал другите…
Затоа е клучно во наредните денови формата на протестите да се прилагоди на новата реалност. На протестите постојано се слуша дека тие треба да се радикализираат. Тоа е точно. Револтот на протестирачите мора да се манифестира на вистискиот начин. Мора да дојде до блокади на системот, до крупни опструкции на неговото функционирање.
Ваквата промена ќе доведе и до тоа протестирачите вниманието целосно да го фокусираат на непријателот. Различните групи од антирежимскиот блок нема да се занимаваат со меѓусебните разлики, туку со она што ги спојува. Ваквата промена ќе ја истакне и здруженоста на антирежимските борци. Хармонијата на различните бои ќе блесне во полна шареност.
Блесокот на шареноста те зашеметува и задремуваш. Таман кога почна да ти наоѓа сонот, „Чан Чан“ повторно се слуша. 7:15, алармот пак ѕвони. Ти текнува на изјавата на Компај Сегундо дека не ја напишал тој таа песна, туку дека таа му дошла на сон.
Тебе на овој краток сон почнаа да ти доаѓаат партизаните. Оние неколку кои си ги запознал во животот. Сакаше да ги прашаш како им било ним кога се бореле против фашистите. Дали и тие имале вакви дилеми? Како излегувале на крај со нив? Дали и кај нив се јавувале повремени недоразбирања? Дали и тие се прашувале како треба да продолжат понатаму? Како решавале кога треба да тргнат во офанзива? Како ги спремале офанзивите?
Сонот прекратко траеше, па немаше време да им ги поставиш овие прашања. Компај Сегундо го прекина и те врати во реалноста. Онаа реалност во која ваквите прашања ги одговараш ти, заедно со другите протестирачи. Со дела, не со зборови.
Во 6, пред СЈО.