Вести

Четири месеци помалку затвор за Јордан Камчев

Судот му ги спои на бизнисменот двете затворски казни во единствена казна | Фото: Р. Атанасовски

Бизнисменот Јордан Камчев побара, а судот му одобри спојување на двете затворски казни за предметите на обвинителката Лиле Стефанова, „Империја“ и „Плацови на Водно“.

Информацијата за БИРН ја потврди портпаролот на Кривичниот суд во Скопје, Дејан Ристовски.

„Решението е донесено пред помалку од еден месец“.

Камчев призна вина дека ја злоупотребил службената положба и овластување во предметот „Империја“ за дела од 2005 година, па натаму.

Во јули годинава влезе во струшкиот затвор, каде што ја одлежува едногодишната затворска казна за предметот „Империја“.

За бизнисменот, во меѓувреме, правосилна стана и втората пресуда за предметот „Плацови на Водно“, бидејќи Камчев не се жалел на пресудата. За неа, исто така, доби една година затвор.

Тоа значи дека за двата случаи, тој доби вкупно две години затвор, односно 24 месеци. Во нив се засметува и времето поминато во притвор.

Но, тој ја искористил законската можност, па побарал да се спојат двете казни и од судот побарал спојување на двете казни во една, која мора да биде пониска од двете казни заедно, па му одобрил намалување на вкупната казна за четири месеци.

На таа одлука на судот јавното обвинителство не се жалело.

Директорот на струшкиот затвор, Ваљон Ќура не беше достапен за да одговори уште колку време му преостанува на бизнисменот да ја одлежи целосно затворската казна.

Камчев уплати и 5,1 милиони евра во државниот буџет за предметот „Империја“ по признанието за вина. Вина признаа и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ и Тодор Мирчевски.

За другите осомничени, за кои истрагата за случајот „Империја“ е завршена, сѐ уште нема одлука за обвинение.

За Камчев се води уште една истрага како осомничен за стечајот на МПМ, заедно со Срѓан Ќерим и Јана Станисављева.