Актуелно

Фридом хаус: Македонија заглавена во сивата зона

„Со автократи што го напаѓаат либералниот меѓународен поредок и бескрупулозните лидери, кои се свртуваат кон корумпирани и нелиберални форми на управување, демократијата во земјите во транзиција им отстапува место на насилството и на лошото владеење“, се вели во последниот извештај на Фридом хаус.

Тој е посветен на состојбите во таканаречените земји во транзиција – 29 држави од Централна и Источна Европа и од Евроазија, меѓу кои е и Македонија.

Во извештајот од 25 страници, Македонија, која вкупно десетпати директно се апострофира, останува со иста квалификација – хибриден режим.

Фридом хаус ги оценува државите со бројки од еден до седум. Еден е најниското ниво, а седум највисоко. Македoнија има генерална оценка за  демократски прогрес 3,82, или 47 отсто.

Таа е извлечена од оценките дадени во седум категории, демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми, локално демократско управување, судска рамка и независно судство и корупција.

Најниска оценка имаат областите корупција и судство, а највисока граѓанско општество.

Во препораките, оваа невладина организација, реферирајќи на Македонија, смета дека треба да се направи ревизија на процесот на пристапување во Европската Унија, и оти ЕУ конечно треба да ги почне пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија „притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите“.

Заглавени во хибриден режим

Извор: Фридом Хаус

Оваа година, за првпат во 21 век, форма на управување што преовладува во постсоцијалистичките земји во Источна Европа, кои се сметаат за нации во транзиција, е токму хибридниот режим. Поимот хибриден режим им се дава на државите што комбинираат елементи на демократија и авторитарно владеење, но се разликуваат и од двете уредувања.

„Тие можат да бидат демократски во минимална смисла, односно да имаат редовни, конкурентни избори, но нивните нефункционални институции не се во состојба да ги испорачаат компонентите на либералната демократија“, наведува Фридом хаус.

Анализирана е состојбата во 29 земји, а вкупно 11 од нив се ставени во таа категорија. Македонија е таму од  2013 година.

Од 2004 година досега, осум земји влегле првпат или се вратиле во категоријата хибриден режим.

„Во овој период, Албанија, Северна Македонија и Србија флертуваа со либералната демократија, додека Ерменија и Молдавија издржаа авторитарни епизоди, но сите се вратија на хибриден режим до 2021 година“, се наведува во извештајот.

Во истиот период, пак, три авторитарни режими, Молдавија, Косово и Ерменија, имале напредок, па преминале во хибридни режими.

Фридом хаус наведува дека нешто што е заедничко за сите хибридни режими е тоа што се чини дека „се заглавени во нивната категорија“.

„Од почетокот на демократскиот пад на регионот во 2004 година, ниту една земја означена како хибриден режим не успеа да излезе во друга категорија, подобра или полоша“, пишува во извештајот.

Приоритет за евроинтеграција на земјите

Извештајот на Фридом хаус завршува со препораки за активности што треба да ги спречат авторитарните тенденции да го загрозат меѓународниот либерален поредок.

Тие вклучуваат „затворање на дупките во финансискиот систем што го користат автократите“ преку систематска борба против корупцијата и клептократијата, воздржување од инвестирање што ги збогатува автократите, како и примена на таргетирани санкции што нема да ги загрозат обичните луѓе.

Сетот препораки на Фридом хаус вклучува и поддршка на демократските сили, групите на граѓанското општество и борците за човекови права, поддршка на независните медиуми и пристап до проверени информации, јакнење слободни и фер избори, како и укажување на потребата од реформи.

„Фридом хаус, 16 години во континуитет,  регистрира пад на слободите на глобално ниво, а кај земјите во транзиција тој период трае 18 години. Европската Унија треба да направи уште повеќе за да ја заштити демократијата во рамки на своите граници, но и кај своите соседи“, се вели во препораките.

Во таа смисла е и последната препорака за забрзување на европската интеграција, каде што се наведува потребата од почнување пристапни преговори со Албанија и Македонија, и во тој контекст притисок врз Бугарија да прекине со блокирањето на земјава.

Фридом хаус препорачува почеток на преговори за членство и со Грузија, Украина и Молдавија, намалувајќи ја бирократијата, но задржувајќи ги високите стандарди во пристапниот процес.