Вести

Македонија „светла точка“ во извештајот на Фридом хаус

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

За прв пат по подолго време Македонија означена како „светла точка“ | Фото (архива): Роберт Атанасовски

„Македонија најмногу ветува дека е можен демократски пробив во Европа“, се вели во извештајот на меѓународната Фридом хаус, независна организација која го мери степенот на слободата и демократија во земјите во светот.

Под наслов „Ослободување на заробената држава“, Македонија во последниот извештај за прв пат по подолго време е означена како „светла точка“ или исклучок од негативниот портрет на земјите од регионов. 

Иако и натаму е сместена во групата земји во транзит или држави со „хибриден режим“, Македонија за прв пат од 2010 година ја запира надолната траекторија и бележи подигање на коефициентите, особено во однос на независност на медиумите и демократско владеење.

Во делот посветен на перформансите на земјава, Фридом хаус се фокусира на промената на власта, правејќи рекапитулар на случувањата од почетокот на политичката криза која ја лоцираат во 2014 со напуштање на парламентот од страна на тогашната опозиција, политичките „бомби“, формирањето на СЈО и изборите, па сѐ до април 2017 и инцидентите во Собранието, по што е формирана новата Влада предводена од СДСМ.

„Новата Влада е силно посветена на напуштањето на статусот на ‘заробена држава’, додека ВМРО ДПМНЕ од своја страна со сите сили се бори да ги задржи своите поранешни раководители надвор од затвор, опструирајќи ја работата на парламентот и обидувајќи се да го разгори македонскиот националистички сентимент“, се вели во извештајот.

Во него се констатира дека на некогашната владејачка партија не ѝ успеа да го спречи формирањето на новата Влада, но тековниот проблем со името, како и отстапките што ги направи СДСМ кон албанските партии со цел да ја формира коалицијата, ѝ даваат на ВМРО ДПМНЕ шанса и натаму да биде атрактивна и актуелна за македонските националисти.

„Првиот клуч за успех на коалицијата предводена од СДСМ е да се реши спорот за името со Грција, што ќе го отклучи патот кон членство во ЕУ и во НАТО и ќе обезбеди огромен меѓународен поттик за Владата.“

Но, евентуалното решение на проблемот со името, според Фридом хаус, ќе значи почеток на тешката работа пред која земјава е допрва исправена.

„За новата коалиција ќе биде тешко да ја разбие долги години поставуваната клиентелистичка мрежа, а уште потешко во тој процес да се воздржи и самата да не подлегне на злоупотреби“, се вели во делот за Македонија во извештајот на Фридом хаус.

На крајот, извештајот заклучува дека сега новата Влада заслужува поддршка од САД и Европската унија, вклучително и притисок врз Грција во решавањето на проблемот со името, како и обврска на САД и ЕУ за помош во болниот процес на ослободување на заробената држава.