Вести

Клиничка смрт за ТВ НОВА

Телевизијата, отворена во 2015, имаше најсовремена опрема за известување

Со решение на скопскиот Основен суд 2 се отвора претстечајна постапка за телевизијата Нова на бизнисменот Сеад Кочан. Претстечајот, како што дознава БИРН, се отвора на барање на кабелскиот оператор „Телекабел“ како еден од доверителите, поради тоа што не бил платен преносот на сигналот. Телевизијата веќе долго време се соочува со финансиски проблеми, а вработените немаа плати од октомври минатата година.

Проблемите на телевизијата почнаа откако Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение против Кочан за предметот Труст кој заедно со уште две физички и три правни лица се сомничат дека со фалсификувани документи местеле тендери на ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Денеска во Кривичниот суд продолжува судењето за Труст со доставување нови докази.

За привремен стечаен управник во телевизијата е поставена Владица Ивановска, која е задолжена да го заштити имотот на телевизијата. Одредена е и забрана за располагање со имотот, а се забрануваат и исплати од сметките на должникот, односно на телевизијата.

Извадок од Централниот регистар за претстечајната постапка на ТВ Нова

Долго време откако телевизијата се соочи со финансиски проблеми, во јавноста кружеа гласини дека телевизијата ќе биде продадена. Но, како што дознава БИРН, сите преговори со заинтересираните пропаднале поради високата сума што ја барал сопственикот Сеад Кочан за продажба на телевизијата. Неодамна се прошири и информацијата дека телевизијата ќе биде купена од лица од Бугарија, но очигледно дека и овие преговори пропаднале.

Телевизија Нова беше отворена во 2015 година и располагаше со најсовремена опрема. Нејзиното отворање беше помпезно најавувано, со билборди низ главниот град, а по отворањето, редовно имаше линкови, специјално мобилно студио од каде се емитуваше програма во живо за време на изборите во 2016 и снимање со дронови.

Уредувачката политика на телевизијата беше наклонета кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ, како редовен гостин беше повикувана професорката Татјана Каракамишева, главен уредник на телевизијата беше Билјана Трендафилова, а нејзин заменик беше Анита Петровска.

Веб-страницата на телевизијата повеќе не е во функција, а на каналот нема нова програма, освен музика и пренос на стари содржини.