Ѓорѓо Жујовиќ, член на Социјалдемократската партија на Србија, денеска фрли канта боја врз муралот на Ратко Младиќ, насликан на ѕидот на една станбена зграда во Белград, и покрај континуираните напори на полицијата да го заштити.
Жујовиќ изјави оти муралот со кој му се оддава почит на Младиќ „претставува дамка на образот на секој граѓанин на Србија, без разлика на кој народ му припаѓа, која е неговата вера или политичка ориентација“.
„Сметам дека тоа што го направив е нормален, човечки чин. Го поддржувам секој кој со своите активности покажува дека сѐ уште се грижи за борбата за нормално општество“, изјави тој за порталот nova.rs.
Муралот е во фокусот на контроверзии откако Младинската иницијатива за човекови права, невладина организација од Белград, ги повика граѓаните, на 9 ноември, Меѓународниот ден на антифашизмот и антисемитизмот, да се соберат и да го пребојат.
Министерството за внатрешни работи на Србија го забрани собирот и ангажираше полиција да го чува муралот. Но, активистите, Аида Чоровиќ и Јелена Јаќимовиќ, фрлија јајца на него, поради што беа уапсени.
Тие синоќа беа пуштени, по што му се приклучија на протестот што се одржуваше во центарот на градот, против нивното апсење и муралот на Младиќ. Учесниците на протестот се упатија кон општина Врачар, каде што се наоѓа муралот, но полицијата постави кордон за да ги спречи да му се приближат.
По митингот, група десничари ги навредуваа активистите. Полицијата утрово соопшти дека вчера уапсила вкупно шест лица.
Жујовиќ, поранешен член на Либерално-демократската партија, кој, оваа година, ѝ се приклучи на Социјалдемократската партија, која е дел од владејачката коалиција, рече дека откако фрлил боја на муралот, се соочил со екстремно десничарски поддржувач.
„Кога го направив тоа што го направив, тој рече дека ќе ме најде, дека знае кој сум… Не можев да видам кој е, бидејќи лицето му беше речиси целосно покриено“, изјави Жујовиќ.
Во јуни оваа година, Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, му ја потврди на Младиќ казната доживотен затвор за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина за време на војната, за тероризирање на населението на Сараево со гранатирање и снајперски оган за време на опсадата на градот и за земање на припадници на мировните сили на ООН како заложници.